Општина Центар иницирала изградба на петкатница кај хотел „Јадран“, на местото на последното паркче што претставува зелена површина во Мал Ринг на неколку метри од Плоштад Македонија во строгиот центар на Скопје.

Како што објави порталот Фактор, станува збор за зелено паркче со димензии 30 х 35 метри. Ова ги засега жителите од околните згради од улиците „Орце Николов“, „Скопска“ и „Никола Кљусев“. За нив тече рокот за жалба преку петиција.

Фирмата „Сколимекс“ добила дозвола за градба, издадена од страна на Општина Центар на 2 ноември неколку дена пред да замине од функција ексградоначалникот Саша Богдановиќ преку информатичкиот систем е-одобрение.

Актуелниот градоначалник Горан Герасимовски вели дека тоа нема никаква врска со неговиот мандат, додека претходникот Богдановиќ тврди дека тоа не е правосилна одлука, туку иницијатива на која може да се поднесе жалба.

Ова е уште еден дволичен потег на власта, и локална и централна, која како опозиција го гушкаше ГТЦ, „се бореше“ против бетонизација на Скопје, а за време на нивниот мандат се дадени одобренија за бетонизација на паркингот кај хотелот Холидеј ин со неколку висококатници, како и последниов случај за зграда близу плоштадот.

Вчера објавивме дека шесткатна станбена зграда е предвидено да се гради и на местото каде пред неколку дена изгореа бараките на ЈП Улици и патишта, кај ТЦ Буњаковец во центарот на Скопје.