Со пораките „Нема оправдувања“, „Зголемете ги платите“, „Наставниците тоа го заслужуваат“ денеска учесниците на собирот на наставници и просветни работници побараа од Владата зголемување на нивните плати. Собирот го организираше Комисијата за образование и наука на СДСМ и се одржа пред зградата на Министерството за образование и наука.
Пари има, рекоа учесниците на собирот, но прашањето е, оценија, кои се приоритетите.
„Одговорност на власта е да ги зголеми платите на наставниците, во септември за 12 отсто. Ако можеше за седум години секоја година да се зголемува платата на наставникот нема оправдување сега да не се зголемат. Законска обврска мора да се почитува“,
рече наставничката Розалија Ангеловска.
Нејзиниот колега Петре Трајковски рече дека образованието мора да биде приоритет и оти власта треба да ги промени погрешните политики.
„Од овој септември платите на просветните работници требаше заради законско усогласување да бидат зголемени за 12,15 отсто односно во просек да се зголемат за 4 300 ден. Ветувања за подобри услови за живот, поголеми плати, наставниците добиваа и од актуелната министерка Весна Јаневска кога беше опозиција. Седна во удобната фотелја и заборави на наставниците. Евентуално вели во март наредната година“,
рече Трајковски.
Пред присутните на собирот се обрати и претседателот на СДСМ Венко Филипче кој, како и наставниците, повтори дека пари во Буџетот има, но платите, како што рече, за жал, не се приоритет.
„Владата нема оправдување што наставниците ја почнуваат школската година без покачени плати и, би рекол, понижени, запоставени и навредени од Владата. Мицкоски јасно покажува дека го запоставува образованието, ги запоставува оние кои ги учат и воспитуваат децата“,
рече Филипче.
Тој ги нарече премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование Весна Јаневска мајстори на илузија, а го квалификува и како изговор нивното образложение дека нема средства во Буџетот за повисоки плати на наставниците.
„Неприфатливи се објаснувањата дека нема пари во Буџетот. Имаше ребаланс, можеа да обезбедат средства. Но, наместо за тоа, обезбедуваат средства за други работи – нови министерства, нови вработени во тие министерства. Значи, изговор е дека нема пари. Ако се сака, може да се најдат пари, како што можеа да се најдат и во ковид и во енергетската криза. Ако имаше средства во времето на СДСМ, кога беа најголемите кризи, може и сега да има“,
додаде Филипче.
Никој, додаде тој, не верува дека нема пари за покачување на платите на наставниците, кога има, како што рече, средства за четири нови министерства, за партиски вработувања, луксузирања, авионски карти, нови директорски места.
„Овој собир, пред почетокот на школската година, е алармирање за власта, за нејзините погрешни политики во образованието. Апелирам Владата да се соземе и да сфати дека без редовно покачување на платите во услови кога цените растат, а таа не ги контролира, животниот стандард ќе паѓа“,
рече претседателот на СДСМ.