Одделот за воздухопловни единици денеска реализираше успешен транспорт на македонски државјанин од Унгарија во Македонија за да му се овозможи навремена медицинска нега.

-Имено, имајќи ја предвид потребата да биде брзо пренесен во својата земја поради влошена здравствена состојба за време на неговиот престој во Унгарија, по добиено барање од ЦУК, македонскиот државјанин е преземен со полицискиот хеликоптер „бел“ 412, во содејство со претставници од Министерството за здравство и медицински тим од Градската општа болница „8 Септември“ и донесен во Скопје за понатамошна подолготрајна здравствена нега, информира МВР.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека на 11 април добиле барање за транспорт на македонскиот државјанин кој бил професионален возач и во Унгарија доживеал мозочен удар, па повеќе денови бил во индуцирана – вештачка кома во Унгарија.

-Во телефонскиот контакт со ќерката на болното лице, беше добиена информација дека било стапено, од нејзина страна, со надлежните медицински установи во Македонија, од каде што и посочиле дека е потребен безбеден транспорт и интензивна подолготрајна нега. Притоа, на барањето е одговорено веднаш и по создавањето услови за безбеден транспорт, тоа е реализирано од страна на Хеликоптерската единица на МВР со хеликоптерот „бел“ 412, во содејство со Министерството за здравство денеска, истакнуваат од ЦУК.

Ова е дел од активностите при што државните водухопловни ресурси, во случајот полициските хеликоптери, со мали модификации и опремување со специфична опрема, се употребуваат повеќенаменски, односно покрај за гаснење пожари сега се употребуваат и за медицински транспорт.