Куќа и стан во Кичево и околината, моторно возило и кредит, пријавил јавниот обвинител од Гостивар и иден шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал Ислам Абази.

Наследникот на Вилма Русковска ова гонавел во анкетниот лист што тој како јавен обвинител го пополнил во Антикорупциската комисија.

Тој, како што објави Фактор, располага со куќа во селото Зајас, кичевско од 1998 година, за која е наведено дека е имот на родители, но нема податок како е стекната. Куќата има 210 метри квадратни и за неа е наведено дека чини три милиони денари или околу 49.000 евра.

Абази има и стан во Кичево, за кој исто така е наведено дека е имот на родители и нема податок како е стекнат. Станот, како што стои во анкетниот лист, вреди 1,8 милиони денари или околу 30.000 евра.

Од личен имот Абази располага со фолсфаген голф вреден 300.000 денари или околу 5.000 евра, од 1999 година и е стекнат со договор за купопродажба. Наследникот на Русковска има и кредит во износ од 250.000 денари.

Како што објави порталот 360 Степени, анализата на гласовите покажува дека освен на гласачкото место во „неговото“ обвинителство во Гостивар, победникот Ислам Абази освои солиден број гласови и во ВЈО Штип – 7, каде гласаа обвинителите од Источна Македонија, како и во ВЈО Скопје, каде се очекуваше убедлива доминација на неговиот ривал Ермон Незири.

За разлика од ова, Незири, на пример, не доби ниеден глас во ВЈО Гостивар.