На 61-годишна возраст вчера во Скопје почина новинарот Владимир Богоев. Тој е роден 1961 година, еден е од основачите и долгогодишен уредник на весникот „Дневник“.

Основно и средно училиште заврши во Скопје, а дипломираше на Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Кирил и Методиј“. Новинарската кариера ја започна во „Вечер“во 1988 година, каде што работеше до основањето на „Дневник“ во 1996 година. Во „Дневник“ работеше прво како уредник, а потоа и како помошен главен уредник. По формирањето на Медиа принт Македонија, како заедничка компанија на „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“ беше составен дел од менаџерскиот тим.

Веста за смртта на неговиот татко ја соопшти неговиот син Стефан Богоев, потпретседател на СДСМ и поранешен градоначаник на Општина Карпош.

– Тажен сум зошто го нема, пресреќен сум зошто го имав во животот. Човечиште во секоја смисла на зборот, бескрајно скромен и секогаш спремен да помогне. Ти благодарам што си ми татко, ти благодарам за сè! Еден ден, ќе бидеме заедно пак, ќе збориме за политика, ќе се закачаме за Барса и Реал… А дотогаш, со зборовите на твоите Queen, Show must go on…“, напиша Стефан Богоев на Фејсбук.

Погребот ќе се одржи утре, во 12 часот, на гробиштата во Бардовци, во дворот на црквата Света Троица.