Македонскиот пејач и композитор, Зафир Хаџиманов почина од коронавирус, објавија српските медиуми.
Тој е роден 1943 година во Кавадарци. Долги години живееше и работеше во Белград. Тој беше оженет со пејачката и актерка Сенка Велетанлиќ, со која го има синот Васил Хаџиманов, познат џез-музичар.
Српските медиуми пишуваат дека и Васил Хаџиманов е позитивен на Ковид-19, но без никакви симптоми на болеста.
Зафир исто така беше писател, шоумен и голема ѕвезда на златното доба на југословенските шансони. Автор е на стихозбирките „Шансони на хартија“, „Азил“, „Народен пејач“, „Пес-Пејачка“ и „Брат“, објавени на македонски и на српски јазик. Исто така, тој играл главни улоги во неколку филмови, меѓу кои „Македонска крвава свадба“.
Добитник е повеќе награди и признанија на фестивали за поезија и музика, меѓу кои на Струшките вечери на поезијата во 1975 година и на Интернационалниот фестивал на шансони во Загреб, во 2003 година.
Од бројните песни што ги испеал, најпознати се: „Како Вардар“, „Љуби ме и главата горе“, Од љубов не се бега“.
Во 2007 година, Зафир Хаџиманов бил промовиран во почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија.
Тоа што е посебно интригантно во овој случај е што ан 5 март на својот ФБ профил Хаџиманов објави дека се вакцинирал со сопругата Сенка:
Сенка и јас се боцнавме, после долго чекање. Две пријатни дами не пецнаа неосетно. Вакцината ќе не спаси од куќен затвор“, напишал Хаџиманов на 5 март.