На 11 декември 2022 година македонската опера се прости од првенката на Македонската опера и балет, Анастасија Низамова Мухиќ.

Оперската дива беше вљубеник во планините, почина на денот на кој се одбележува меѓународниот Ден на планината со темата „жените ги движат планините“.

Анастасија Низамова Мухиќ беше мецосопран, првенка на Операта на МНТ. Дипломирала соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје (проф. К. Трпков), а специјализирала во Италија. Дебитирала на оперската сцена на МНТ со улогата на Ненси во операта Алберт Хе-ринг. Во МНТ е од 1972 година.

Таа е носителка на повеќе од 20 насловни и повеќе споредни улоги од својот фах, во кои демонстрира музикалност и темперамент во сценската изведба. Позначајни улоги: Орфеј (Орфеј и Евридика), Керубин (Свадбата на Фигаро), Ацучена (Трубадур), Адалџиза (Норма), Амнерис (Аида), Кармен, Розина (Севилскиот бербер), Мадалена (Риголето), Улрика (Бал под маски), Ирена (Цар Самуил).

Настапувала и на концертниот подиум со соло-рецитали, во вокално-инструментални дела и во областа на забавната музика – како интерпретатор на џез-композиции и спиритуали. Гостувала во Канада, САД, Полска, Русија.