Лидерот на венецуелската опозиција, Хуан Гуаидо, вчера бил физички нападнат за време на посета на рурална област, соопштија членови на неговата паралелна влада и обвинија група насилници поврзани со владејачката партија.
Американските медиуми пренесуваат дека фотографијата што ја поткрепува изјавата на опозицијата го прикажува Гуаидо опкружен со луѓе, од кои едниот му ја кине кошулата. Паралелната влада соопшти дека членови на групата поврзана со Обединетата социјалистичка партија на Венецуела „го удирале и навредувале“.
Тој почна турнеја низ оваа јужноамериканска држава во обид да ја обедини и организира својата партија пред планираните прелиминарни избори.
Лидерите на Обединетата социјалистичка партија, кои вообичаено шират изјави на социјалните мрежи или на државната телевизија, не одговорија веднаш на обвинувањата.
САД и повеќе други земји пред неколку години го признаа Гуаидо за привремен претседател на Венецуела.
Брајан Николс, помошник државен секретар на САД, вчера го осуди „неиспровоцираниот напад“ врз Гуаидо.
-Овој напад без преседан можеше да одземе човечки живот. Одговорните за нападот мора да бидат изведени пред лицето на правдата, рече Николс.