Индија денеска одбележува 150 години од раѓањето на Махатма Ганди, еден од најголемите лидери на 20. век и човек кој ја ослободи Индија од колонијалното ропство.
Сепак, во Музејот на Ганди, изграден на местото каде беше убиен тој борец за слобода, има многу повеќе странци отколку Индијци. Тоа е случај поради, како што пренесува Хина, растечкиот хиндуистичкиот национализам, а со тоа и опаѓање на интересот за Ганди.
– Индијците го познаваат Ганди единствено од банкнотите и улиците кои се по него наречени. Никој не се сеќава што тој направил и како се жртвувал, велат вработени во музејот.
Индија стекна независност од Велика Британија во 1947 година пред се, благодарејќи на политиката на отпор на Ганди, која подразбираше граѓанска непослушност и ненасилство. Голем број индиски политичари ја доведуваат во прашање неговата идеологија, сметајќи ја за непрактична.
Начелата на Ганди инспирираа луѓе и движења ширум светот, од Мартин Лутер Кинг, Нелсон Мандела и Вацлав Хавел до Аунг Сан Су Чи.
Општествените научници и активисти ја нагласуваат важноста на вредностите на Ганди во одговорот на глобалните тензии и судири. Сепак, во Индија се повеќе расте хиндустичкиот национализам, злосторствата од омраза и поларизација меѓу хиндусите и муслиманите.
Ганди беше убиен од хиндуистичкиот екстремист Натурам Годсе, кој го обвинуваше за слабеење на земјата бидејќи дозволил нејзина поделба на Индија и Пакистан.