Компанијата „Сандесара“, основана од Индијците Нитин и Четан Сандесара, кои властите во Индија ги товарат за кражба и перење 725 милиони долари, а кои во Албанија отвориле бизнис и добиле албанско државјанство, во денешната реакција ги отфрлаат обвинувањата за перење пари и банкарска измама.
Во реакцијата стои дека се е медиумска дезинформација и оти обвинувањето за кое се води истрагата во Индија од 2017 година е политички мотивирана.
-Сето тоа се злонамерни тврдења и ништо не е потврдено на суд. Всушност сите овие обвиненија се оспорени од страна на групата Сандесара во различни судови во Индија. Меѓународните судови веќе се произнесоа дека овие активности на индиските институции се сите политички мотивирани а обичните комерцијални трансакции се извртени факти за потоа да се наречат банкарска измама, иако на банките им се платени повеќе средства од добиените кредити. Освен тоа, во банките во Индија има над милијарда долари средства на групата Сандесара, се наведува во реакцијата.
Во неа се додава дека компанијата „Сандесара“ има 35-годишна успешна работа чиј бизнис е раширен низ целиот свет, почнувајќи од САД, Европа, Нигерија, Кина, Средниот Исток и Индија и има деловни односи во над 75 земји во светот.
-Компанијата „Сандесара“ има одличен рекорд во создавањето и изградбата на многу комплексни проекти, нето вредност од над 10 милијарди долари и вработува повеќе од 15.000 професоналци низ целиот свет. Нитин и Четан Сандесара се големи хуманитарци а во Вирџинија,САД има и улица што го носи името „Сандесара Драјв“, пишува во реакцијата.
На крај се наведува дека Компанијата инвестира во Албанија во услужниот и градежниот сектор и активно спроведува проекти и во Косово и оти е посветена да придонесе за развојот на Албанија и Косово, со инвестирање и зголемување на вработувањето во овие две земји.
Прашањето „Сандесара“ изби на виделина на 22 овој месец и доби голем публицитет откако беше обелоденето дека по кус престој во земјата добиле и албанско државјанство а Нитин станал и почесен конзул на Албанија во Нигерија.
Министертото за Европа и надворешни работи вчера ја повлече одлуката за почесен конзул а медиумите јавија дека по направената проверка било констатрано дека браќата Албанија ја напшуштиле два дена пред избивањето на скандалот со чартер лет од аеродромот во Тирана.
Албанската полиција, при обид да ја напушти Албанија на аеродромот во Тирана, деновиве го уапси Хитершкумар Пател (59), роден во Индија а жител на Нигерија, врз основа на меѓународна потерница поради поврзаност со браќата Сандесара.