Бројот на жртвите на земјотресот кој го погоди индонезискиот остров Ломбок се искачи на 142 лица, соопшти денеска претставник на локалните власти.

– Како резултат на вчерашниот земјотрес со сила од 7 степени, 142 лица загинаа, изјави за „Метро ТВ”  Росиади Сојути, секретар во администрацијата на провинцијата Западна Нуса-Тенгара, на чија територија се наоѓа. Ломбок.

Околу 900 индонезиски и странски туристи денека се евакуираат од островот Гили, кој се наоѓа во близина на Ломбок.

– Околу 200 туристи веќе ги напуштија трите острови, а за 700 други претстои евакуација, соопшти портпаролот на националната агенција за справување со природни непогоди Сутопо Пурво Нугухо.

Хотелите на Гили настрадале од силниот земјотрес, проследен со аларм за цунами, што предизвика паника. Многу туристи побарале да отпатуваат за Ломбок, за да стигнат до аеродромот во главниот град Матарам.

Повеќето од жртвите на земјотресот беа во планинска област во северниот дел на Ломбок, далеку од главните туристички места во јужниот и западниот дел на островот.

Владина делегација на Сингапур, предводена од министерот за внатрешни работи и правда К. Шамангам, се најде во епицентарот на силниот земјотрес во Ломбок, раскажа денеска лично министерот преку Фејсбук. Сингапурската делегација пристигнала во градот Матарам на конференција за безбедност. Министерот бил сместен на 10-ти кат во хотелот. Го почувствувал големиот земјотрес и видел дека ѕидовите на неговата соба почнале да се уриваат.

– Го зедов само неопходното, вклучувајќи го компјутерот со мојата службена кореспонденција. Бевме надвор, а потоа бевме сместени во мал трикатен хотел, напиша министерот.

Сингапурскиот министер, исто така, раскажа за хаосот на аеродромот во Ломбок. Властите информираа за мали штети, што нема да влијаат на работата на аеродромот.

Епицентарот на потресот бил на длабочина од 15 км во близина на северниот брег на Ломбок каде пред една недела беше регистриран земјотрес од 6,4 степени по Рихтер и во кој загинаа 16 луѓе.