Индонезиските власти соопштија дека бројот на жртвите во силниот земјотрес и цунами во градот Палу на островот Сулавеси се зголемил на 384 лица, стотици луѓе се повредени, и урнати се илјадници домови.
Портпаролот на владината агенција за вонредни ситуации Сутопо Пурво Нугрохо, истакна дека се работи само за број на жртви во Палу, и дека земјотресот и цунамито погодиле два града и неколки населби на Сулавеси.
Нугрохо рече дека исчезнале „од десетици до стотици луѓе“ кои учествувале на локалниот фестивал кој се одржувал на плажата и додадека дека меѓу исчезнатите се многу танчери и забавувачи од фестивалот.
Локалните власти информираа дека и утрово продолжиле силни афтершокови, откако градот, кој живее од туризам, го погодија бранови повисоки од три местри кои ги предизвика вчерашниот земјотрес од 7,5 степени според Рихтеровата скала.
Индонезиските власти се уште немаат информации од градот Донгала, кој беше поблиску до епицентарот на земјотресот, на 27 километри од него. Во Донгала и Палу живеат повеќе од 600.000 луѓе.