Индонезиските власти денеска почнаа да ги пренасочуваат сите летови во областа на вулканот Анак Кракатау помеѓу островот Јава и Суматра, откако тој исфрли нови столбови пепел, неколку дена откако предизвика смртоносно цунами.
Властите го зголемија нивото на тревога до втор степен и воспоставија зона на зголемена опасност со радиус од пет километри околу вулканот.
Според најновите податоци, бројот на загинати од цунамито кое ги погоди крајбрежните области на индонезиските острови Јава и Суматра достигна 430, најмалку 159 се водат за исчезнати, а околу 1.500 се повредени.
Податоците од сателитските радари на јапонската вселенска агенција Џакса покажуваат дека вулканот драстично се намалил по ерупцијата за време на викендот. Снимките се направени пред и по ерупцијата и покажуваат дека по ерупцијата исчезна југозападниот наклон на вулканот.