Кога човек јавно тврди дека некој друг нешто напишал или рекол, најмалку што мора да стори е своето тврдење да го поткрепи со точни и прецизни цитати. Во спротивно, тој човек лаже, пишува Бранко Геровски на ПЛУСИНФО во одговор до ИРЛ и Сашка Цветковска по нивното обелоденувањето на половичната сторија за трагедијата во Кочани, по што следуваше негова „дополна“ во која тие се најдоа затечени и засегнати, т.е. со „прстот во уста“, па распалија по вистината.

-Мојата анализа под наслов „ВО КОМУНИКАЦИЈАТА НА МЛАДИОТ ГАЗДА НА КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА НА СМРТТА И НА ИНСПЕКТОР ДАЦО ’ПУЛСИРААТ‘ ЗВУЧНИ ИМИЊА ОД ВРВОТ НА СДСМ Зошто ’свиркачите‘ ги скриле разговорите во кои се спомнуваат Оливер Спасовски, Благој Бочварски, Сања Лукаревска, Бојан Маричиќ и Маринела Тушева?“ е објавена на порталот Плусинфо и до овој момент има повеќе од 25.000 прегледи. Линкот од оваа анализа е поместен на крајот на овој напис. Секој читател може самиот да го спореди напишаното со тврдењата во коментарот на ИРЛ, во кој лабораторијата за лаги и манипулации на Сашка Цветковска, во одговор на мојата анализа, во насловот ми ја залепи навредливата етикета „кукавичко новинарство“.

За навредите и за клеветите во овој непотпишан текст на лабораторијата на Сашка Цветковска, анонимниот автор се надминал себеси и изнел најмалку 10 тврдења кои се комплетни лаги. Ова е кус преглед на тие лаги од текстот на ИРЛ, а тука се и моите одговори:

„Истражувачкиот“ анонимус не успеал да ја „истражи“ ни мојата позиција во Плусинфо

  • Лага број 1: Бранко Героски … ко-сопственик и главен и одговорен уредник на порталот Плусинфо“.

Не е болест за умирање, ама чудно е како еден „истражувачки“ новинар не успеал да ги утврди најелементарните факти за човекот за кого пишува. Имено, јас не сум ко-сопственик, а не сум ни главен и одговорен уредник на порталот Плусинфо. Во импресумот на порталот јасно и гласно пишува кој е издавач (значи, може да се најде кој е единствен сопственик на удели, бидејќи нема ко-сопственици), кој е управител, кој е главен уредник и која е мојата позиција. Толку ли е тешко тоа да се дознае?

  • Лага број 2: „За Бранко Героски … трагедијата во Кочани не е јавен интерес“.

Никаде во мојата анализа не е напишана таква бесмислица. Јас само предупредувам дека новинарите често своите стории ги оправдуваат со „недефиниран јавен интерес“.

Инаку, на мене ми е совршено јасно што е врвен јавен интерес во овој случај. На тоа посочувам и во мојата анализа, кога велам дека кочанчани и јавноста треба енергично да бараат Јавното обвинителство својата работа да ја врши чесно, професионално и одговорно. И додавам дека „не е ни чесно ни одговорно тоа (Обвинителството) јавно да лиферува докази од истрагата“. Јавен интерес е и тоа јавноста да знае зошто се прави таа манипулација, пишувам во мојата анализа и потоа одговарам, јасно и гласно, не оставајќи простор за било какви поинакви толкувања: „По лошо завршена работа во истрагата, поради слабостите во обвинението кои сега јавно го критикуваат и некои од бранителите на обвинетите (утре и други ќе кренат глас), поради очекувањето и блиските на жртвите и на повредените да не бидат задоволни од обвинението и од текот на судскиот процес, Јавното обвинителство на чело со Љупчо Коцевски сега се обидува да ја придобие јавноста, со медиумски ’бомби‘, па дури и со обиди да се замолчат адвокати кои се осмелуваат јавно да проговорат за недокваканоста на најновиот ’бисер‘ на творештвото на Љупчо Коцевски и на неговата екипа“.

Секој читател може да процени дали јас не сум разбирал што претставува јавен интерес, како што тврди ИРЛ, или можеби Сашка Цветковска толкува како што неа ѝ одговара. Можеме да дебатираме за тоа прашање, но само со некој што не лаже и не клевети, како ИРЛ. Јавен интерес е со луѓе што лажат, клеветат и навредуваат, да не се водат јалови дебати.

Кој ги овластил „истражувачите“ на Сашка јавно да „вештачат“ делови од доказниот материјал од истрагата за трагедијата во Кочани?

  • Лага број 3: „… Иако самиот (Героски) во објавата признава дека не ги разбира вештините потребни за истражувачко новинарство“.

Премногу смела изјава за некој кого сум го обучувал да биде новинар, посебно во делот на мојата експертиза (Пишување), при што на некои од денешните „истражувачки“ новинари и на разни други „ѕвезди“ во оваа професија сум им ги откривал „тајните“ на граматиката и на синтаксата, кои вообичаено се совладуваат во основното и во средното образование.

Како и да е … Во мојата анализа прецизно напишав: „Јас не сум ’истражувачки новинар‘ или истражен орган“. И додадов дека „не сум убеден дека јавноста е таа што треба да ја анализира, да ја вештачи и да ја толкува телефонската комуникација која е дел од доказниот материјал“.

Ако „истражувачкиот“ анонимус на ИРЛ, кој го напишал памфлетот против мене, навистина смета дека поседува вештини за вештачење и за толкување телефонска комуникација и на друг доказен материјал од една супер сензитивна кривична истрага, убаво би било да дознаеме за какви вештини станува збор и како ги стекнал, во која образовна институција, со каков сертификат и слично.

Се разбира, би сакал да знам кој им дал овластување на „истражувачите“ на Сашка јавно да „вештачат“ делови од доказниот материјал од истрагата за трагедијата во Кочани.

Ај што лажат, туку и халуцинираат … им се видело дека спомнувам „мрачни сили“

  • Лага број 4: „… Во истата објава (Героски) тврди дека сторијата за Кочани е ’нарачка‘ од некакви мрачни сили …“.

Анонимниот автор од лабораторијата за лаги и манипулации на Сашка Цветковска не само што лаже, туку изгледа и халуцинира. Никаде во мој текст не пишува дека сторијата на ИРЛ е нарачка од некакви мрачни сили. Можеби на „истражувачките“ новинари малку им се стемнило кога ја прочитале мојата анализа, но таму никаде не се спомнуваат никакви мрачни сили. Општо земено, таа фраза не е дел од мојот вообичаен вокабулар.

За волја на вистината, вака во мојата анализа ја оценувам сторијата на ИРЛ: „И секако, додавам тука дека релациите меѓу клучните актери кои ги анализира ИРЛ се неспорни, та во таа смисла нивната анализа не е неточна“. Ама ете, некому му се стемнило, не читал внимателно што е напишано и сега вреви – мрачни сили, мрачни сили … Да не е тажно, би било смешно.

  • Лага број 5: „Неговите објави (на Героски) по ништо не се разликуваат од оние на анонимните твитер-профили и контроверзни медиумски ликови како Зоран Буревесник и Марјан Доказ“.

Немам посебен коментар за оваа лага. Освен да констатирам дека станува збор за обична глупавост на авторот.

Кој ќе најде цитат да ја потврди лагата на ИРЛ, нека ми пише, следува награда

  • Лага број 6: „Бранко Героски тврди дека сторијата се објавила за да се заштитат државниот јавен обвинител и поранешни функционери од СДСМ – Оливер Спасовски, Сања Лукаревска и Благој Бочварски“.

Кој ќе пронајде вакво тврдење во мојата анализа и прецизно ќе го цитира, слободно нека ми се јави и како награда ќе добие – бојлер.

  • Лага број 7: „… Во истиот текст тој (Героски) тврди дека трагедијата не треба да се истражува, туку да се остави на институциите“.

Анонимусот од ИРЛ не е многу инвентивен, па некои од своите лаги ги преповторува. Инаку, факт е дека секогаш сум тврдел дека институциите, во случајов надлежните истражни органи, требало и треба да ги истражат сите факти и околности на трагедијата во Кочани. Општествена одговорност на медиумите и на новинарите, пак, е да вршат силен јавен притисок врз институциите таа работа да се заврши чесно, професионално и одговорно.

ИРЛ никако да ги преболи утките со Кочо Анѓушев и со Жан Митрев

  • Лага број 8: „Героски жестоко ги бранеше виновниците за пожарот во модуларната болница во Тетово, каде што лица од интерес беа негови огласувачи … Неговата работа често е посветена на промоција и заштита на моќни луѓе како Кочо Анѓушев, Јордан Камчев, Ратко Димитров, Жан Митрев и други пријатели и огласувачи“.

Се разбира дека е ноторна лага дека сум ги бранел виновниците за пожарот во Тетово. Судот со правосилна пресуда ја утврди вината за оваа трагедија, а јас засегнатите ниту сум ги бранел, ниту сум ги напаѓал. Точно е нешто друго – дека ИРЛ се мачеше за виновник за пожарот да го прогласи бизнисменот Кочо Анѓушев. И точно е дека во две или три анализи објавив конкретни факти и аргументи дека Анѓушев нема вина за трагедијата. Тие факти и аргументи им беа познати и на истражните органи и затоа против Анѓушев не е водена постапка за овој случај. Не е Сашка посилна од вистината. Ги објавив фактите токму заради вистината, иако е точно дека компанијата на Анѓушев се огласува во Плусинфо, а тој ми е и личен пријател.

За разлика од тоа, Плусинфо и јас лично со д-р Жан Митрев, против кого Сашка Цветковска исто така водеше жестока медиумска кампања, немаме деловна соработка. Тоа го знае и агенцијата која ги води пи-ар активностите на Митрев. Наспроти тој факт, кој еднаш јавно ѝ го предочив на Сашка, а ѝ го предочило и одговорно лице на пи-ар агенцијата, лабораторијата за лаги и за манипулации, еве, по кој знае кој пат измислува непостоечки деловни релации меѓу мене и д-р Жан Митрев. Со кого не пријателувам, иако нашата ретка комуникација секогаш била пријателска.

Двете други личности што ги спомнува анонимусот нема да ги коментирам, бидејќи, колку што ми е познато, тие сè уште не биле таргет на „истражувачката“ Сашка Цветковска.

Не сум стручен да ѝ помогнам на Сашка да се ослободи од опсесијата со мене и со Плусинфо

  • Лага број 8: „ИРЛ, според Героски, e ’лош општествен актер‘ достоен за напад од неговото селективно перо …“

Не знам што точно сакал да каже со ова анонимусот од ИРЛ. Можеби навистина ИРЛ е „лош општествен актер“, но јас тоа ниту сум го рекол ниту сум го напишал. Тоа Сашка полемизира со самата себе …

  • Лага број 9: „… Героски ниту еднаш не известуваше од протестите во Кочани што говори за неговите вистински мотиви повеќе од сите негови објави за ИРЛ“.

И ова е ноторна лага. Со едноминутно површно пребарување на Гугл, најдов извештаи на Плусинфо за протестите во Кочани од 17 март, од 22 март, од 5 април 2025, од 29 април …

  • Лага број 10: „ИРЛ нема информации дали Героски, како и претходно Драган Павловиќ Латас, се обидува да ја дискредитира новата епизода од документарниот серијал ’Редакција‘, во која предмет на интерес се и лица поврзани со Плусинфо“.

Оваа лажна вест, спакувана во божемно прашање, содржи две работи: еден мал еготрип на „истражувачката“ Сашка Цветковска и една конструкција која е повеќе од лага.

За еготрипот на Сашка нема да коментирам – таа е и ќе си остане убедена дека јас и Плусинфо деноноќно внимателно ги проучуваме сите нејзини епизоди, бидејќи се убедила дека целата нација само на нив и на неа мисли и се подмочува од воодушевување, а само јас и Плусинфо сме со амбиција да ја дискредитираме. Нека прости мојата поранешна студентка, но јас немам екпертиза, а ни волја, да ѝ помогнам да се ослободи од таа опсесија.

Но, кои се тие лица кои биле нејзин „предмет на интерес“, а биле „поврзани со Плусинфо“? Не го разбирам овој полициско-обвинителски речник. На кого и на што мисли анонимусот од ИРЛ? Кој бил „поврзан“ со Плусинфо? Па уште мудрува: „Немам информации дали …“ Па прашај, новинарчино, ќе ти дадеме информации, па после ти провери си ги, може и „од два независни извора“, како што често ги лажете читателите.

Не им е лесно и на Сашкините „свиркачи“, кога пола Скопје знае кои се

Што да каже човек откако ќе прочита текст во кој има толку многу лаги, безмалку колку што има реченици?

Ова ли е тоа „истражувачко новинарство“ со кое се фали Сашка Цветковска?

Ваквото новинарство ли е јавен интерес?

Но ајде, да не претерувам сега и јас …

Моите извори ме информираа дека овој текст веројатно е пишуван во паника и можеби под притисок на свиркачот или свиркачката што доставил(а) делови од извештајот за телефонската комуникација, кои се составен дел од доказниот материјал што Јавното обвинителство му ги предало на Судот. Свиркачот или свиркачката е исплашен(а) дека би можел да го обелоденам неговото (или нејзиното) име, што во најмала рака би предизвикало сериозна непријатност кај некои лица.

Јас ја разбирам таа загриженост. Своевремено, кога Сашка Цветковска водеше кампања против Кочо Анѓушев во нејзиниот документарец „Заговор против воздухот“, јас знаев кој беше нејзиниот „свиркач“ што ја убедил дека Анѓушев бил во бизнисот со нафтени деривати. Подоцна, на суд, во граѓанска парница за клевета, Кочо докажа дека никогаш не се занимавал со таков бизнис. „Свиркачот“ што ја завел Сашка Цветковска (не знам, можеби со чесни намери), потоа лично му се извинил на Анѓушев. Како зајакот, нели, кога паѓа во дупката кај лавот (а претходно го зафркавал), па му вели: „Лаве, сакаш верувај, сакаш не верувај, јас дојдов да ти се извинам!“

Сашкините „свиркачи“ не завршуваат секогаш славно. Впрочем, многу колеги на Сашка знаат кои се нејзините извори, како доаѓа до информации, како „истражува“ итн. И потоа раскажуваат по Скопјево …

Не оддавам доверливи извори, свои или туѓи, сеедно

Како и да е, на Фејсбук веќе им упатив порака и на Сашка и на свиркачот или свиркачката да не се секираат – јас не ги одавам своите доверливи извори, па секако нема да ги издадам и тие на лабораторијата за лаги и манипулации на Сашка Цветковска. Тоа е работа меѓу нив. Секој треба да си мисли со кого сади краставици.

Конечно, сакам да нагласам дека ИРЛ и Сашка Цветковска не се мој посебен предмет на интерес или таргет. Иако тие очигледно патат да бидат тоа. Во мојата анализа јасно лоцирам каде го гледам проблемот и на истрагата, на обвинението и на судскиот процес во најава. Во заклучокот на анализата, велам:

„Јас сум убеден дека доколку се остави Љупчо Коцевски и обвинителите од поранешното СЈО и понатаму да ведрат и облачат во Јавното обвинителство, обвинението за трагедијата во Кочани и судската постапка ќе се соочат со многу сериозни проблеми. И никакви протекувања докази од ’свиркачи‘ од Јавното обвинителство, никакви медиумски приказни и анализи (вклучувајќи ја и оваа што ја читате), нема да помогнат да се спасиме од уште една срамна театарска претстава во судница, од уште една трагедија со која ќе се надополни трагедијата во која загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени“.