Тим од Клиниката за детски болести од Скопје денеска во Гевгелија заедно со тамошните лекари во Општата болница ќе испитуваат од каква респираторна инфекција заболеле педесеттина деца и бебиња. Тестовите за Ковид-19 кај децата биле негативни, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој истакна дека сè уште нема информации ниту детали за тоа за каква инфекција се работи и од што е таа предизвикана.

-Ваков тип на инфекции не се карактеристични за летниот период, туку за есен, и затоа ќе се испитува што ги предизвикало, истака Филипче одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на Центарот за прва психолошка помош и психосоцијална поддршка на Црвениот крст на Македонија.

Според информациите со кои тој располага вакви случаи не се пријавени во други градови во земјава.

Во текот на вчерашниот ден Министерството за здравство соопшти дека вкупно 50 деца и бебиња од Гевгелија во изминатиов месец побарале лекарска помош во локалната општа болница, со респираторна инфекција која не е типична за овој период од годината.

Екипа од Универзитетската детска клиника од Скопје, предводена од доктор Аспазија Софијанова, денеска, по бараната лекарска помош за дечињата со респираторни инфекции, пристигна во Општата болница во Гевгелија да изврши дополнителни испитувања во делот на специфичната дијагностика и подршка на локалните педијатри.

– Не само во овој регион,туку и во други градови има зголемен број на деца со горнореспираторна симптоматологија. Доаѓаме со комплетна опрема за да земеме цел респираторен панел и точно да утврдите дали се работи за вирус, мутација на вирус или некој вид на паразит, но тоа ќе го знаеме откако ќе направиме прелиминарен увид во клиничката слика на дечињата, во дијагностиката што ја носиме со себе и дијагностиката што вчера ја направиле колегите од Гевгелија, рече Софијанова.

Директорот на болницата во Гевгелија Митко Крџев рече дека денеска се хоспитализирани само две дечиња на одделението во гевгелиската болница, мал дел биле препратени во Скопје, и дека 20 дечиња се на терапија, но не се задржани во болницата.

Началничката на детското одделение во Гевгелија д-р Урумова нагласи дека дечињата се на возрат од 2 до 5 години, дека воглавно доаѓаат од градинки за што потврда е намалениот број на деца во градинките.