Инфлацијата се посилно ги притиска Германците, а во меѓувреме, сè помалку од нив успеале да заштедат пари, покажува истражувањето објавено во понеделникот од Институтот за германска економија.
Како што пренесува ДПА, сега само секој втор граѓанин има можност редовно да заштеди дел од својот приход. Во екот на пандемиската криза пред две години, 70 отсто од испитаниците можеа да го направат тоа.
Галопирачките цени особено ги погодуваат оние со ниски плати, помали од 1.500 евра месечно, така што во 2020 година од нив штеделе 35 отсто, а денес само секој петти.
Граѓаните се најмногу погодени од поскапувањето на енергенсите – гасот и струјата. Две третини од околу 2.000 испитаници во онлајн анкетата во септември конкретно се пожалија на тие две ставки.
Влошувањето на состојбата се чувствува и кај економски средната класа. Според анкетата на Институтот, само 52 отсто од испитаниците со приход од 2.000 до 2.500 евра рекле дека можат да штедат, наспроти 80 отсто две години претходно. Ова се однесува на приход според специфичните потреби на испитаниците – на пример, самци, семејства со еден родител или цели семејства.
Економскиот слој со најдобри примања, повеќе од 3.000 евра месечно, и натаму главно се држи во вообичаените граници. Сега 85 проценти од нив сè уште можат да штедат, во споредба со 93 проценти во 2020 година.
Во септември, Институтот анкетираше 2.010 возрасни лица во Германија за своето редовно истражување.