Oд утре инспекторите на терен ќе контролираат дали се почитува одлуката на владата за највисоката трговска (профитна) маржа како посебен услов во трговијата со училишен прибор.
Трговците кои се опфатени со Одлуката имаат обврска да ги усогласат цените на производите. Ќе се проверуваат цените на ранците, тетратките, блокови, нотеси, колажи, моливи, фломастери, маркери, пенкала, дрвени боици. Со владината одлука опфатени се и пластелин, теста за моделирање, подлоги, темперни, акрилни, водени бои и четки; линијари и дидактички материјали; острилки и гуми за бришење; детски ножици; футроли, етуи и училишни додатоци; лепак; шестари, дигитрони, компаси и лупи; чаши за прибор и држачи; украсна хартија; папки и картонски ташни и материјали за изработки.
-Највисоката трговска (профитна) маржа за наведените стоки за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо се утврдува во вкупен износ до 5 %, а во трговијата на мало се утврдува во вкупен износ до 10% и ќе се применува до 20 октомври 2024 година. Начинот на кој ќе се постапува доколку некој од трговците дејствува спротивно од Одлуката е предвиден во Законот за трговија. Во случај да се утврди прекршување на Одлуката ќе следат казни кои произлегуваат од Законот за трговија! Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на трговецот, велат од Пазарниот инспекторат.
Директорот Горан Трајковски напоменува дека ДПИ ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со Одлуката, но нема надлежност да постапува, ниту пак да влијае врз формирање на цени во трговијата на големо и трговијата на мало.
-Како што постапувавме претходно, така и сега, нема да има компромис за никого, законот ќе важи еднакво за сите и сите трговци опфатени со Одлуката имаат обврска да ја почитуваат! Апелирам да се почитува Одлуката, а исто така ги повикувам граѓаните доколку забележат неправилности веднаш да пријават во пазарниот инспекторат. Работиме во интерес на граѓаните и токму затоа е донесена оваа Одлука, да се спречи личното профитерство и злоупотреба на граѓаните, вели Трајковски.
Пријава до пазарниот инспекторат може да поднесете на 191 или www.dpi.gov.mk.