Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет на УКИМ по расправа за Нацрт-концепцијата за основно образование заклучи дека е неоходно предлагачот да ги земе предвид и да ги имплементира и другите стручни мислења на претставниците на институтите за историја, историја на уметноста и археологија, социологија, класична филологија и филозофија чии предмети, како што сметаат од овој Институт, со нацрт-концепцијата исто така се доведуваат под прашање или се редефинираат.
Ваквиот став Институтот за филозофија го донел со оглед на, како што наведува во сооштение, комплексноста на предложените решенија во нацрт-концепцијата и со оглед на далекусежните консеквенци што нејзиното усвојување ќе ги предизвика за севкупниот образовен систем на сите три рамништа (основното, средното и на високото образование), како и поради краткиот временски рок што се дава за примена на новите решенија.
– Оттаму сметаме дека е потребно повеќе време за да се согледаат сите можни импликации од брзото усвојување и примена на новиот концепт за основно образование. Затоа, со оглед на стварноста поврзана со ковид-кризата и потребите здравствениот систем, но и севкупниот образовен систем успешно да се справат со овие состојби, потоа, со оглед на конкретните политички случувања поврзани со негирањето на македонската историја и на македонскиот јазик, сметаме дека брзањето со примената на предложените решенија и не земањето предвид на сериозните стручни забелешки искажани досега во однос на оваа Нацрт-концепција, можат да доведат до дополнителна поларизација на веќе и така (од политиката и од партиите) поделеното национално ткиво на државата. Затоа сметаме дека иако реформи во образованието се потребни и нужни, тие треба да се спроведуваат на еден вклучувачки (инклузивен) и сеопфатен начин, пишува во ставот на Институтот за филозофија.
Оваа институција наведува и дека е потребна посериозна и попродлабочена мултидисциплинарна научна анализа на предложената концепција која би вклучила и специјалисти не само од областа на педагогијата и психологијата, туку и од областите на социологијата (социологијата на образованието), филозофијата (филозофијата на образованието, етиката), историјата – за која посочува дека е една од клучните дисциплини од образованието, но и на другите хуманистички дисциплини.
-Врз основа на оваа анализа и врз основа на предлозите за подобрување на Нацрт- концепцијата кои би се инкорпорирале во неа, би можело со нејзината реализација да се започне дури после повеќе години и откако ќе заврши ковид-кризата, се наведува во соопштението за ставот на Институтот за филозофија во однос на концепцијата за основно образование што ја најави МОН.