Ќе нема компромис за министрите ако некој го прекрши законот, најавува мандатарот Зоран Заев, а ако се прекршат етичките норми очекува оставка или ќе има разрешување.
Во експозето за предложениот нов состав на Влада денеска пред Собранието Заев им порача на кандидатите за министри дека од нив очекува одговорност, како и да ги стават интересите на граѓаните и државата на прво место.
-Имате привилегија во вашата работа да донесете добро за нашата држава и за нашиот народ. Искористете ја. Очекувам посветена работа и целост да се вградите и да водите процеси кои носат трансформација на подобро и никогаш не заборавајте дека секој од вас е одговорен и пред граѓаните и пред законите нема толеранција за прекршување на законите или етичките норми без разлика на функцијата која ја извршувате. Со тоа немало и никогаш нема да има компромис. Ако некој го прекрши законот ќе одговара. Ако се прекршат етичките норми очекувам оставка или ќе има разрешувања, рече Заев.
Тоа, како што рече, се однесува и на сите директори и раководители, но и на целата јавна администрација.
-Посебно да водите грижа за однесувањето на тие од вториот и третиот ешалон, раководители на сектори и одделенија, шефовите во јавните институции. Најголемите злоупотреби, неетички однос се прави токму таму, укажа Заев.
Барајќи ја подбршката од пратенците за новата влада пред пратениците рече дека предожените кандидати за идни министри се одговорни и угледни личности, докажани во своите области, мотивирани посветено да работат во остварувањето на целите кои пред нас ги поставуваме. Од пратеницте побара да ги случаат гласачите, но и да бидат контролор и коректив на работата на извршната власт.
-Вашите колеги од претходниот состав носеа тешки одлуки. Но, одговорни и исправни одлуки со кои државата ја поведоа напред и на вистински пат, на патот на развој напредок, интеграции. Од идната соработка со Собранието ја очекувам, но ја нудам во име на владата истата одговорност и посветеност за да продолжиме по вистинскиот пат. За време на вашиот мандат како пратеници водете се исклучиво од интересите на граѓаните затоа што ја имате привилегијата токму вие да бидете нивните претставници онаму каде што се носат одлуките. Слушајте ги вашите гласачи. Истовремено секогаш имајте ја во предвид обврската да бидете контролор и коректив на работата на извршната власт за да ни дадете дополнителна вредност во креирањето на политики. Првата можност за тоа секако е денешното гласање за избор на нова влада и очекувам дека мнозинството пратеници ќе даде поддршка на предлогот за уште веднаш да започнеме со посветена работа во интерес на граѓаните, рече Заев
Тој, меѓу останатото, во експозето најави и посебен фокус на подобрување на работата на инспекциските служби и потенцираше дека во последните три години се воведуваат целосно нови стандарди во водењето на институциите.
– Покажавме дека може да се работи и чесно и одговорно и професионално во интерес на граѓаните и за интересите на државата. Законот да важи еднакво за сите. Тоа во следниот период ќе го правиме уште подобро и уште повеќе затоа што знаеме и затоа што можеме. Им благодарам на сите граѓани кои преку својата гласачка волја ја одредија насоката по која што треба да се движиме. Сега е време да сработиме заедно во заеднички проекти и акции да го испорачаме она што заеднички го договоривме. Заедно со вас, со граѓаните продолжуваме да испишуваме светли поглавја на нашата демократија и заедно да го чекориме патот до поквалитетен живот и подобра иднина за сите, порача Заев.