Интерпол во Молдавија испрати свој тим поради загриженост од опасноста за трговија со луѓе, откако во земјата пристигнаа голем број бегалци од Украина.
Интерпол добил неколку извештаи кои сугерираат дека во земјата се одвива трговија со украински бегалци.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, речиси 380.000 Украинци избегаа во соседна Молдавија, земја со 2,6 милиони жители и една од најсиромашните земји во Европа.
Инспекторите на Интерпол се испратени во главниот град Кишињев и во неколку бегалски кампови. Меѓународната полициска агенција примила неколку пријави за трговци и за криумчари на луѓе кои ги следат ранливите Украинци. Децата и малолетниците без придружба се посебно ранливи групи, се наведува во соопштението на Интерпол.