Сите детали за новиот предлог закон за ваучерите за студенти Курир ги дознава во интервју со пратеничката во македонското собрание, Драгана Бојковска.

Пратеничката од редовите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска, со свои потпис го подржа предлог законот за субвенционирање 15.300 денари вредносни ваучери, наменети за набавка на електронски уреди за студенти. Таа како млада пратеничка активно придонесува во работата на собранието и донесувањето на закони со кои се подобрува животот на студенти, но и на сите млади во државава.

Кои се точните критериуми за аплицирање?

– Право на вредносен ваучер од 250 евра или 15.300 денари во денарска противвредност ќе имаат сите студенти на додипломски студии до 29 години, на сите државни и приватни универзитети, редовни и вонредни студенти со запишана академска 2025/2026 година, кои се државјани на Република Македонија.

Конечно, не се крати од Буџетот од младите. Напротив, вложувањата за нив ги зголемуваме. Ова е голема поддршка за сите семејства кои имаат студенти. Без разлика дали во семејството има еден, два или повеќе студенти сите ќе добијат еднаква шанса за мерката. Тоа е значителна поддршка и за семејните буџети.

Дали сите студенти до 29 години автоматски добиваат ваучер или ќе има процес на селекција?

– Сите студенти кои ги исполнуваат условите ќе имаат еднакви шанси за искористување на мерката. Ние нема да ги делиме по било кој основ студентите.

Студентите кои ги исполнуваат критериумите, ќе аплицираат на Националниот портал за електронски уреди. Преку Порталот се врши проверка на личните податоци на студентот во Централниот регистар на население кој го води Министерството за дигитална трансформација и Регистарот на редовни и вонредни студенти кој го води Министерството за образование и наука, заради проверка на точноста на личните податоци и исполнетоста на условите. Преку дигитално аплицирање и проверка на условите, ќе ја намалиме можноста за било каква злоупотреба или пропуст при користење на мерката.

Како ќе се дистрибуираат ваучерите?

– Исклучиво на електронски начин. Конечно во овој процес ја ставаме на страна бирократизацијата и чекањето во редица. Студентите ќе можат да поднесат барање за издавање на ваучер за набавка на електронски уред електронски преку Националниот портал за електронски услуги кој го води Министерството за дигитална трансформација. Доколку студентот ги исполни условите, вредносниот ваучер од 15.300 денари ќе го добие во електронска форма на својот кориснички профил на Порталот, кој ќе може да го искористи електронски или во печатена форма. Притоа ваучерот е неделив и искористувањето е еднократно.

Може ли ваучерот да се користи кај сите продавачи или само кај лиценцирани трговци?

– Ваучерот ќе може да се искористи кај продавачи (економски оператори) со кои Владата ќе склучи договор преку претходно објавен јавен повик за пријавување. Целта е да имаме поголема понуда од повеќе продавачи на електронски уреди, што ќе придонесе да понудат и поконкурентна цена. Односно, кога ќе имаме поголема понуда од продавачите – цените на електронските уреди би се намалила, а студентите за истите пари би имале избор да прибават уред со подобри перформанси кај продавач што тие ќе го изберат. На овој начин спречуваме монополско однесување од страна на еден продавач.

Дали листата е ограничена само на лаптоп, компјутер и таблет, или ќе се прошири и на друга опрема (како слушалки, софтвер, интернет уреди и слично)?

– Да, мерката е ограничена само за набавка на персонален компјутер, пренослив лап-топ и таблет. Целта е средствата навистина да се искористат за уреди кои ќе овозможат ефикасно изучување на материјата.

Дали ова е прв чекор кон целосна дигитална трансформација на универзитетите (електронски учебници, виртуелни предавања и сл.)?

– Во оваа една година од многу аспекти докажуваме дека дигитализацијата во високото образование ни е навистина еден од приоритетите. За жал, кога Власта ја превзема ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, студентските домови и инфраструктурата на Универзитетите ги начекавме во руинирана состојба.

Забрзано работиме на енергетска и ефикасна рехабилитација на студентските домови во Македонија, кои во исто време ќе бидат модерни и дигитализирани. За Универзитетите, а особено за УКИМ и кампусот Мајка Тереза издвоивме значителни средства со Ребалансот на Буџетот за 2025 година, на Универзитетот во Штип ќе се гради и реконструира студентскиот дом и медицинската зграда на факултетот.

Затоа и го формиравме Министерството за дигитална трансформација, со што можам да кажам дека како претседател на Клубот за младински прашања и политики во Собранието со министерот Стефан Андоновски имаме одлична соработка за остварување на потребите на младите во делот на дигитализација во високото образование.

Како оваа мерка се вклучува во долгорочната стратегија за дигитализација на високото образование во Македонија?

– Ова е само почеток. Дигитализацијата може да ја гледаме како жива материја. Технологијата и науката од ден на ден одат напред. Нашите млади мора да бидат во чекор со нивните врсници од развиените земји членки на Европската Унија. Работиме на тоа сите Универзитети да имаат еднакви услови во поглед на дигиталните услуги. Секој универзитет да има свое катче за користење на електронски уред, да има достапни wi-fi мрежи, да се овозможи е-индекс на сите Универзитети, услугите и потребите од Универзитетите да ги добиваат на ефикасен електронски начин без редици и чекање на факултетите. И студентските домови секако кои мора да бидат реконструирани со сите современи стандарди.

Дали оваа мерка ќе биде еднократна или ќе се повторува секоја академска година?

– Со овој Закон опфатени се студенти кои ќе запишат 2025/2026 академска година, а за во иднина ќе ги следиме барањата и приоритетите на младите и секако динамиката на Буџетот.

Колку студенти се очекува да бидат опфатени со оваа мерка и колкав е вкупниот буџет предвиден за неа?

– Ќе бидат опфатени 55.000 студенти, што ќе се овозможи набавка и на 55.000 парчиња на електронски уреди. Предвидени се 13 милиони евра за оваа мерка.