Елизабета ВЕЉАНОВСКА НАЈДЕСКА

Во изминативе девет години две помлади жени од Македонија, кои се лекувале од рак на ендометриум, успеале да родат здрави дечиња. Токму зачувувањето на плодноста кај жени со дијагностицирани премалигни и малигни ендометријални лезии во изминатите години беше тема на истражувањето на професор д-р Глигор Тофоски, раководител на одделот за инфертилитет и асистирана репродукција при ЈЗУ Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје и неговите колеги.

Во интервју за МИА д-р Тофоски раскажува дека пациентките некогаш испитувајќи се за да добијат потомство добиваат случаен наод за карцином на ендометриумот. Порано, појаснува тој, веднаш се правеше хистеректомија, се вадеше матката, но медицината откри дека може да им се даде шанса на овие пациентки со одредена терапија, редовни хистероскопски контроли на три месеци да може да остане матката и не само да остане туку таа да е способна кај одреден број од овие пациентки и да родат здраво потомство.

Научниот труд „Онколошки исходи од бременост по третман за зачувување на плодноста со медроксипрогестерон ацетат кај жени со премалигни и малигни ендометријални лезии: серија на случаи“, објавен во Европско списание за хируршка онкологија, EJSO (European Journal of Surgical Oncology), е оценет со импакт фактор 2,9 и беше меѓу 18-те финалисти на меѓународната Медис награда за гинекологија.

– Веќе имавме две пациентки од девет кои родија здраво потомство. Значи за нив, како да кажам, тоа е еден цел свет. Нашата група е мала и затоа е многу битно да соработуваат научниците од целиот свет во мултицентрични, мултидисциплинарни студии затоа што така се добива релевантна статистичка бројка која што после тоа дава соодветна терапија односно соодветни упатства како овие пациенти да се третираат понатака. Според нашите иследувања, бројката не е голема, но од сто такви пациетки дваесетина би можеле да родат здраво потомство. Останатите одат редовно на контроли, не е загрозен нивниот живот, некои можеби на крај ќе завршат и со операција, меѓутоа како и да е на тие жени им се дава шанса, им се дава надеж во животот за понатамошниот тек односно за создавање семејства, вели д-р Тофоски.

Во продолжение го пренесуваме во целост кусото интервју со д-р Тофоски направено во Љубљана

Д-р Тофоски може ли да ни објасните нешто повеќе за научниот труд за зачувување на плодноста кај онколошки пациентки

Прво, сакам да кажам дека сум благодарен што Македонија и нашиот труд воопшто стигна на овие Медис награди, кои се организираат 12-та година по ред. Оваа година од 240 трудови пријавени, сите со импакт фактор повеќе од 1,5, ние влеговме во финалето во 18-те. Сите истражувачи меѓу себе заклучивме дека ова не е компетитивен дел, туку дека ова е колаборативен дел. Ние меѓу себе да седнеме да се запознаеме. Како што рече една од добитничките на наградите, среќна сум што овде седам со толку паметни луѓе што се посветени на науката. Нашиот труд потекна од пред неколку години кога учествувавме во еден заеднички проект финансиран од ЕУ, којшто се однесува на гинеколошки карциноми коишто се ретки, но, за жал, се почесто се појавуваат и кај помладите пациетки. Јас конкретно сум шеф на одделот за инфертилитет. Пациентките некогаш испитувајќи се за да добијат потомство случаен наод е појава на карцином на ендометриумот. Порано веднаш се правеше хистеректомија, се вадеше матката, медицината откри дека може да им се даде шанса на овие пациенти со одредена терапија, редовни хистероскопски контроли на три месеци да може да остане матката и не само да остане туку таа да е способна во определен дел кај овие пациентки и да родат здраво потомство понатаму. Нашиот труд беше високо ценет со импакт фактор 2,9 и заврши како еден од овие главни 18 финалисти.

Колку жени кои биле онколошки пациентки успеале да родат дете во овие изминати години додека го работевте истражувањето  

Да, токму во оваа група, затоа што истражувањата кога се објавуваат се даваат порано, веќе имавме две пациентки од девет кои родија здраво потомство. Значи за нив, како да кажам, тоа е еден цел свет. Нашата група е мала и затоа е многу битно да соработуваат научниците од целиот свет во мултицентрични, мултидисциплинарни студии затоа што така се добива релеватна статистичка бројка која што после тоа дава соодветна терапија односно соодветни упатства, како овие пациенти да се третираат понатака. Да кажаме еве по нашите иследувања, еве бројката не е голема, но од сто такви пациетки дваесетина би можеле да родат здраво потомство, останатите одат редовно на контроли, не е загрозен нивниот живот, некои можеби на крај ќе завршат и со операција, меѓутоа како и да е на тие жени им се дава шанса им се дава надеж во животот за понатамошниот тек односно за создавање на семејства.

Рековте дека истражувањето е колаборативен процес, колкумина ваши колеги учествуваа во истражувањето 

Оваа група на пациентки е следена долги години, осум години е следењето на овие пациентки. Некогаш тоа и така треба да биде за да се добијат вистинските резултати. Ако ги следите многу кратко не ја добивате вистинската слика. Меѓутоа ова беше битно бидејќи ние меѓу нас, целиот тим што работи на мојот оддел, одделот за патологија, соработувме и со универзитетот во Малта од каде што е и еден од коавторите, меѓутоа и тука на доделувањето на наградите се спомна нешто што е уште можеби побитно дека од млади докторите треба да се насочат да прават истражувања, да влезат во тој научен процес, да не бидат само лекари кои ќе третираат, тоа е многу битно за уште подобро да ги лечат своите пациенти. А, тоа може да го овозможи само науката. Ако и нашата држава инвестира повеќе во наука, ако ние се здружиме со европските земји, заедно да соработуваме и правиме вистински научни проекти, коишто ќе дадат придонес, така ќе се смени и она што можеме да им го дадеме на пациентите, она што сакаме да им го вратиме, а тоа е пред се здравјето, а во нашиот случај да им дадеме шанса да имаат здраво потомство.

Колкави треба да бидат вложувањата во науката за да се постигнат научни резултати со влијание? Да напоменам дека кај нас веќе е зголемен буџетот за наука 

Мојата соработка многу често одела со меѓународни организации од каде што се добивала одредена финансиска помош. Досега некоја мала финансиска помош даваше Медицинскиот факултет, во оној дел јас каде што учествувам. Меѓутоа, секако, според мене треба…нашата држава нема претерано многу финансии, но треба да пронајде фокус теми кои се многу битни за нас, во тие да инвестира, ама пред се, еве за снимање филмови еден Милчо Манчевски оди во светот и освојува оскари, во таков случај не е само државата финансиер. Финансирани се и од европски и од светски фондови, од приватниот сектор. Еве имаме овде случај дека приватна фирма сфаќа дека треба да вложува и да ги споделува знаењата од науката со целиот овој регион со овие земји кои учествуваат во нивните настани.

(МИА)