Во Собранието мора да преовлада взаемната почит помеѓу пратениците, па и на различни политички партии. Ако не се почитуваме ние самите себеси едни кон други, немаме почит, не можеме да очекуваме дека граѓаните ќе не почитуваат. Оттука почнува се, вели во интервју за МИА претседателот на Собранието Африм Гаши.

Разликите постојат и треба да останат, вели тој, но, не треба да бидеме барикадирани во нив туку низ дијалог и врз база на аргументација да доаѓаме до заеднички решенија кои се во функција и добробит на сите граѓани.

Во пораката што ја упатува до пратениците и до граѓаните во пресрет на новата година, Гаши посочува оти очекува да се зголеми политичката култура и взаемната почит. Да почнеме, потенцира тој, да размислуваме за најбитните човечки особини за коишто сме учеле уште од детството, како што се почитта, респектот, толеранцијата, љубовта која треба да ја покажеме кон нашите колеги и другите луѓе со кои работиме заедно. Тие треба да преовладуваат.

-Премногу негативна енергија имаме, контаминирано општество создаваме. И Собранието треба на некој начин да биде предводник на ова премостување на вредносниот систем. Треба да направиме и вредносна транзиција во општеството. Да почнеме да зборуваме за добрите работи, за почита, за љубовта, за позитивните работи во државата, за помош, солидарност, за емпатијата, за етиката, за моралот, нашите семејни вредности итн, посочува Гаши.

Зборувајќи за работата на Собранието во изминатата година тој рече дека врз основа на истражување на јавното мислење за првпат после десет години имаме подобрена перцепција на граѓаните за Собранието. Но, исто така укажува дека треба да се намали бројот на закони по скратена постапка што се предлагаат и оти на тоа постојано ќе посочува. Според него, едно од решенијата за намалување на бројот на закони по скратена постапка е календарот за работа на Парламентот што треба да се донесе во јануари така што Владата, предлагачите на законите, но и министерствата и администрацијата ќе можат да ги планираат кога да ги достават законите до Собранието.

– Прво, веднаш планираме во јануари да донесеме календар. Ќе предложиме на координација, календар на активности и на пленарни седници по кои ќе комуницираме со Владата, и тие ќе знаат точно кои месеци, кои денови точно ние планираме пленарни седници. Кога сакаат да им се донесе закон, ќе знаат точно кога да го пратат. И ќе треба сензибилизација. Јас мислам дека не е работата само до Владата. Имаме, за жал, неквалитетна или недобра култура во однос на меѓуинституционалната работа помеѓу ресорите и службите што работат во министерствата, и во Собрание. За 34, 35 години така се научени побрзо да ги завршат работите. Мислат дека Собранието треба да биде гласачка машинерија за носење на закони. Тој пристап мора да се смени, потенцира Гаши.

Законите, додава тој, треба да се донесат во редовна постапка, затоа што така ќе имаме можност и за поголема промоција и вклученост на експертската јавност.

Во продолжение интегрално ви го пренесуваме интервјуто на претседателот на Собранието Африм Гаши.

Како претседател на Собранието, како би ја оцениле работата на пратениците во 2025 година? 

-Прво би сакал да се изземам од оценката, затоа што прво да зборувам за пратениците, би било неколегијално затоа што јас сум пратеник, прв меѓу еднаквите иако од позиција на претседател, од друга страна, мислам дека е најдобро граѓаните да ја оценуваат нашата работа. Но, во функција на креирање на таа перцепција, мислам дека можеме да дадеме неколку наоди или работи кои се одвивале во текот на овие 18 месеци и оваа 25-та годиназа да придонесеме да се креира таа комплетна слика околу работата на Собранието. За жал, најдобрите работи, институционални, развојот на службата, функционалните анализи што ги правиме, тренинзите и усовршувањата, не се гледаат. Тоа останува „под вода“ и граѓаните не успеваат да стигнат до тие работи кои ги правиме секојдневно. Јас се сметам себеси за човек кој е многу заложен, ангажиран за напредокот на службата во Собранието. Постојано велам дека нашата служба особено таа собраниска е една од најдобрите во државата. Јас сум многу среќен што имаме таква институција и навистина ако имаме нешто што треба да се пофали, прво би ја пофалил службата во Собранието. И се обидувам да направам се за нив, за да се доусовршат, да бидат во служба на пратениците и на крајот на краиштата тој резултат кој тие го даваат во служба на пратениците, на Собранието, на крајот е во полза на сите граѓани. Така што, мислам дека во делот на транспарентноста, на дигитализацијата, парламентарната дипломатија, имплементација на стратешките цели кои сме ги поставиле во секој од овие столбови сме работеле интензивно. Колку тоа стигнало кај граѓаните на крајот на краиштата нели оценката е тие да ја дадат. Имаше едно истражување на јавното мислење кое не се објави, беше извршено од Институтот за демократија и НДИ каде што после десет години за првпат имаме подобрена перцепција на граѓаните за Собранието. За ова сум особено горд и затоа треба да работиме за на крај, граѓаните, тие што не плаќаат, тие што не бираат, да бидат среќни од нашата работа.

Како би ја сумирале годината во донесени закони, колку седници се одржани, колку закони се донесени во редовна постапка, колку во скратена постапка, одлуки, резолуции…  

-На крајот се се сведува на бројки на организирани пленарни седници, донесени закони како што е и потоа треба да се оценува работата на Собранието. Вкупно оваа година сме одржале 52 седници, а за 18 месеци 78 седници вкупно. Донесени се вкупно 403 закони за 18 месеци, додека во 2025 година 219, од кои 108 се донесени по скратена постапка, и околу 89, 90 во редовна постапка. За жал, не можеме да ја достигнеме таа бројка каде Собранието ќе работи, по правило по редовна постапка, и каде скратените постапки ќе бидат исклучоци. Тоа треба да биде, тоа е духот на новиот Деловник и стариот, тоа го бараат и меѓународните институции. Ние постојано повикуваме на ова, ја повикуваме Владата, пратениците. Иако имаме подобрена слика од минатата година, во бројот на редовните постапки, и во донесени закони во редовна постапка, ќе инсистираме и 2026 година тоа да се зголеми, и да ги сведеме на минимум скратените постапки. Само за разлика да направиме во целиот период за четиригодишен мандат на Собранието 2020-2024 се донесено вкупно 506 закони. Овој собраниски состав, за 18 месеци, има донесено 403 закони. Значи околу 80 отсто од работата веќе е достигната. Оваа година ние имаме повеќе донесени закони од минатата. Значи затоа ви велам, дека е зголемена работата и капацитетот на Собранието за донесување на законите.

Во однос на носење на законите по скратена постапка, рековте дека ќе му укажете на премиерот и на пратениците. Но, имате ли вие предлог како на некој начин да запре бројноста на законите по скратена постапка?   

-Прво, веднаш планираме во јануари да донесеме календар, ќе предложиме на координација, календар на активности и на пленарни седници по кои ќе комуницираме со Владата, и тие ќе знаат точно кои месеци, кои денови точно ние планираме пленарни седници, за ако бидат експедитивни ќе знаат точно, ако сакаат и кога сакаат да им се донесе закон, ќе знаат точно кога да го пратат. И ќе треба сензибилизација. Јас мислам дека не е работата само до Владата. Имаме, за жал, неквалитетна или недобра култура во однос на меѓуинституционалната работа помеѓу ресорите и службите што работат во министерствата, и во Собрание. За 34, 35 години така се научени побрзо да ги завршат работите. Мислат дека Собранието треба да биде гласачка машинерија за носење на закони. Тој пристап мора да се смени. Мораме да ја подигнеме важноста и дигнитетот на Собранието. И министрите и администрацијата во главата, а сите предлагачи кои предлагаат закон, треба да знаат дека, сепак, тоа е највисокото тело и најбитната институција во државата, според Уставот кој ние сме го донеле. Ние сме одлучиле таа да биде најбитната институција. Целиот политички систем ни се базира врз таа парламентарна демократија. Ако тоа е така, мораме да му го дадеме тоа значење на Собранието. Законите треба да се носат во редовна постапка, затоа што така ќе имаме можност и за поголема промоција, ќе имаме можности за вклученост на експертската јавност.

И граѓаните ќе бидат подобро запознаени и со новините што се носат со тие закони. 

-Тоа мене ми е идејата, не само да кажеме дека сме го зголемиле обемот на носење на закони по редовна постапка, туку јас сум убеден тоа го зголемува и квалитетот на законите. Во редовна постапка имаме можност и за јавни дебати, расправи, експерти, и можеме со амандмани тие законски решенија да се подобрат. Треба да направиме се да му го вратиме на Собранието местото каде што му е поставено во политичкиот систем и во нашиот Устав како најзначајна институција во државата.
Владејачкото мнозинство е во комотна позиција за разлика од минатиот парламентарен состав, но и опозицијата е доста активна, а вие како прв човек на законодавниот дом некогаш се соочувате со критики и забелешки. Каков е политичкиот дијалог „зад сцената“ на претставниците на парламентарните партии? 

-Бевте блага кога рековте некогаш. Скоро секогаш претседателот е на удар. Се што се случува во Собрание кога некому не му чини, првата критика е упатена кон претседателот на Собранието. Јас сум свесен за таа позиција.
Се обидуваме кога има процедурални на самата седница да одговориме. И работата е што јас се трудам да имам отворена комуникација со сите пратенички групи и координатори. Тоа ми е едно од основните начела на мојата работа како претседател. Сакам да бидам еднаков кон сите. И тоа мислам дека се обидуваме да го артикулираме. Добро е, во отворен дијалог со нив, не секогаш се сгласууват, но знам, знам, убеден сум дека тие знаат дека јас го давам максимумот, и се обидувам да бидам чесен, и праведен, во однос на реализирање на секој пратеник на своето право да ги претставува своите граѓани.

Последно, за време на паузата на седницата за пратенички прашања имавте средба заедно со координаторите на пратеничките групи со министерот за правда Игор Филков во врска со Изборниот законик. Што се договоривте на координацијата? 

-Вчера имавме една многу битна координација за Изборниот законик. Вие знаете дека веднаш по Локалните избори, тоа сум го најавил и сум го претставил и пред вас како новинари на редовните неделни брифинзи што ги имаме, сите координатори на политичките партии, разговаравме околу потребата за носење што побргу и поквалитетно на новиот Изборен законик. Ние инициравме на работна група. И нормално дека од Владата реагираа. По барање на министерот за правда, ние ја свикавме таа координација и ни кажаа дека се во завршна фаза на текстот на Изборниот законик.

Станува збор за нов Изборен законик. Да прецизираме? 

-Не знаеме точно уште. Значи вчера се договоривме дека во текот на јануари ќе биде свикана првата седница на работната група. Разговаравме околу составот на групата кој би учествувал, кој формат, каде би се одвивале разговорите итн. Сепак затоа што Министерството за правда е предводник на овој процес и тие го предлагаат Законот, тие ќе ги повикаат политичките партии да предложат по двајца претставници, но не само тие што се организирани во пратенички групи и тие што не се организирани во пратенички групи, како и независните пратеници. Значи ни треба целосен консензус во процесот на носење на Изборниот законик. Се сложивме околу тоа. И дека штом ќе го имаме текстот предложен од нив ќе знаеме точно дали е целоснo нов, или е изменет, видоизменет, или во која насока или колку проценти од текстот е сменет, па политичките партии во однос на тој текст ќе ги имаат своите забелешки. Па така, ќе почнат разговорите да се усогласуваат едни со други, за да дојдеме до конечно решение.

Дали ова значи дека сега нема да се формира работна група во Собранието? 

-Таа ќе биде истата група. Тие разговори ќе се одвиваат во Собрание. Значи сржта на таа работна група, ќе биде составена од претставниците на политичките партии и тие се во Собрание каде што се и опозицијата и власта, така што, ако има други, претставник на пример од Министерство за правда или експерти кои би ги повикале одвреме навреме тоа ќе бидат дополнителни. Сржта на работната група ќе биде составена од претставници на политичките партии.
Затоа разговаравме тие разговори да се одвиваат во Собрание како заеднички дом на сите политички партии, на сите граѓани, и Министерството за правда да го води процесот како предлагач на текстот.

Има ли некоја временска рамка до кога треба да ја завршите работата? 

-Неблагодарно е да кажам, зависи од тоа каков текст имаме, колку измени се предложени, колку забелешки, предлози ќе има од политичките партии, како ќе оди усогласувањето. Така што, навистина неблагодарно, но се согласивме дека што побргу почнеме да ги решаваме тие работи кога изборите не се навидум, ќе биде полесно. Ако веќе знаеме, се доближуваме до термини каде веќе изборите се во хоризонтот, тогаш станува потешко и за компромиси. Така што, идејата ни е да почнеме веднаш во јануари и со зголемена динамика да почнеме со усогласување на ставовите.

Последната пленарна седница на Собранието е закажана за вторник, кога на дневен ред е и новиот Закон за Судски совет. Што друго би можело да се најде на дневен ред на оваа седница? 

-Законот за Судски совет навистина е еден од многу битните закони кои се не само дел од реформската агенда, но битни за нашиот правосуден систем. Знаете дека се работи за институција која е една од клучните во правосудниот систем и затоа долго време е работено, и добро е што е предложен во редовна постапка. Имавме скоро цел месец време да дискутираме околу тоа. Помина прво читање итн. сега очекуваме во вторник да го донесеме Законот. И вториот закон исто така околу сообраќајот беше. Не го знам точно називот на законот како беше, ќе биде донесен на истата седница. Дали ќе има други закони не знаеме. Во текот на денот, во понеделник може некој закон да се достави до Собрание па да биде доставен до пратеници и на седница, знаете секој пратеник има право да побара да се дополни дневниот ред. Тој дел јас не можам да гарантирам дали ќе има дополнување на дневниот ред, затоа што пленумот одлучува.

Има некоја најава од Владата или од пратеници за нови закони? 

-Нема некоја најава, но не знаеме. Да, сепак до вторник има неколку дена.

Што се случува со изборот на народниот правобранител? Апелиравте до политичките партии да се изнајде политичка волја за решавање на проблемот, кој е во големиот Бадентер, односно недостасуваат неколку гласови од немнозинските заедници. Има ли некакво поместување во однос на тоа прашање? 

-Народниот правобранител е многу важна институција во државата. Ние ја почнавме таа процедура, помина и на Комисијата за изборите и именувањата, стигна на пленарна седница. Не сакавме да ја ставиме точката на гласање пред да бидеме сигурни, отприлика да знаеме дека со сигурност би поминала, затоа што потоа повторената постапка ќе значи губење на време. Ова го правиме во функција на што побрзо решавање на таа ситуација. Значи државата да има народен правобранител што е многу битно за реализирање на основните права на граѓаните, како и на особено и во текот изборите на опозициските партии итн. Како и да е, ја знаеме важноста на таа институција, и многу е битно да имаме што побргу решение. Дотолку што заменикот народен правобранител има право на потпишување до крајот на декември. Ние после Нова година ќе се сведеме во многу тешка ситуација. Затоа апелирам и до сите политички партии, повикувам и преку во вас и преку вашата емисија до сите пратеници да смогнеме сили да се состанеме. Овие денови да размислиме, понеделник, вторник, можеме на седница да ја ставиме (точката), да ја свикаме седницата, и веднаш да го изгласаме.

Може ли да дојде до промена на предлогот за Народен правобранител? 

-Тоа е дел од политичкиот компромис што треба да се одвива помеѓу политичките партии. И, мислам дека треба се да биде дел од разговорите. Никој не инсистира на некое име или не, не е до тоа. Мислам работата е до процедурата, не знам дали опозицијата сака да докаже дека може да блокира, може да биде важна преку тоа. Но, мислам не е, народниот правобранител алатката преку која ние треба да си ги одмеруваме силите, кои, колку пратеници имал во бадентер итн.Така што, може да ја оставиме таа битка за понатаму и за други работи, но таа институција е многу важна. Особено, кога зборуваме за функционализација на институциите и нормално работење на најбитените институции во државата, тука треба да ги надминеме разликите. И во делот на зголемената политичка култура, на која постојано повикувам, ова е нешто за што повикувам јас. Ние сме различни политички партии, имаме различни видувања. Но, мораме да имаме заеднички пристап и отворен дијалог за решавање на клучните проблеми на државата, работи кои не засегаат нас и сите граѓани. Кога се работи за такви работи, треба сите да бидеме сложни и да најдеме решение. Имаме милион други работи за кои може да ги одржиме разликите, да инсистираме на нашите разлики, но не каде што пати една многу битна институција каква што е народниот правобранител.
Гледајќи ја собраниската агенда деновиве, најверојатно на Анкетната комисија за несреќите во Кочани, Ласкарци, Модуларната болница и Беса транс и измените на Кривичниот законик ќе се работи во јануари. Каков е планот? 

-Како што знаете, ние донесовме одлука на пленарна седница за формирање на таа комисија. Комисијата ќе треба, политичките партии, во однос на одлуката, во самата одлука, во членот 3 е опишан составот, како треба да изгледа. И треба политичките партии на координација, координаторите помеѓу нив и секоја пратеничка група треба да предложи имиња до Комисијата за изборите и менувањата, за да се персонализира со конкретни имиња таа комисија, да се избере претседателот и веднаш да се почне со работа. Мислам дека вие велите наредната година, но наредната година е следната недела. Многу блиску сме до наредната година. Се надевам дека брзо ќе почне со работа и таа комисија.

Во поглед на измените на Кривичниот законик? 

-Мислам дека на една од првите наредни седници во текот на јануари, ќе го ставиме Кривичниот законик како точка на дневниот ред. И тој закон е донесен во редовна постапка, зашто е добро да имаме повеќе време, неколку дена е доставен до пратениците  во Собранието. Ние го отвораме за јавност. Кога ќе се свика Комисијата пред првото читање, ќе имаат можност и во Комисијата да расправаат веќе за промените, па потоа во прво читање, во второ читање, ќе имаме време и за јавни дебати, за експертската јавност. Така што, тоа е тоа за што и предмалку зборев за можноста за носење на еден закон во поквалитетна форма. Редовната постапка е најдобриот начин да се дојде до таа форма. Јас сум убеден дека ќе го донесеме, ќе ги донесеме тие измени и ќе се вратиме на траката каде што државата порано беше, а се надевам дека ќе треба да навлеземе многу сериозно во реформите во правосудството, затоа што навистина перцепција на сите граѓани е дека тука треба да биде фокусот во 2026 година. Еве имаме, после оставката на јавниот обвинител, ќе имаме можност и во тој дел да имаме реформа. Имаме нов закон за Судскиот совет така што, веќе се гледаат првите битни работи кои можат да донесат клучни промени во правосудниот систем.

По локалните избори имаше нови позиционирања во политичките кампуси, а до пролет се очекуваат и нови промени. Останувате ли на оваа позиција претседател на Собранието? 

-Тоа е најмалку важно за мене. Јас секој ден го работам како да е последниот ден како претседател на Собрание. Мене ми е многу битно секој ден да го работам чесно, да дадам сè од себе и да имам мирна и чиста совест кога ќе заспијам таа ноќ. Утредента што ќе се случи, за работи кои не зависат од мене, а знаете, политиката во сржта нејзина се состои од компромиси. Може сè да се случи, и додека зборуваме ние може да има промени. Така што, не се оптоварувам со тој дел, не е битно јас кај ќе бидам. Битно ми е додека јас сум на таа функција, во таа улога, сакам да дадам сè од себе таа функција да биде издигната, надоградена, достоинствена и секој нареден кој ќе дојде после мене, да му биде полесно, да имаме подобра институција која ќе биде во служба на граѓаните.

Еве да го преформулирам малку прашањето. Очекувате ли да го завршите овој собраниски мандат како претседател на Собранието?

-Одоговорт е ист. Навистина не е битно. За мене секој ден е завршен мандат. Секој ден го работам како последен. Така што, со позитивна мисла сум. Не мислам лошо кон ниту една пратеничка група, ниту пратеник. Се обидувам да бидам отворен кон сите. Со голема љубов го правам ова. И навистина сакам да оставиме позитивни траги во институционалната работа на Собранието. Колку ќе постигнеме, каква ќе биде оценката на крајот, ќе треба да видиме и граѓаните да ценат, но јас ова го правам со голема посветеност и љубов.

Од аспект на тоа што доаѓате од Алтернатива, која е дел од ВРЕДИ, какви промени може да се очекуваат во коалицијата? Се очекуваше коалицијата да прерасне во политичка партија. 

-Како што кажав и претходно, кога сте посветени на една работа, не можете да бидете посветени во друга. Моите истомисленици, пријатели, ми дадоа обврска да говорам во Собранието и јас сум целосно посветен тука. Кога бев претседател на Алтернатива, бев целосно посветен во улогата на претседател на Алтернатива и таа работа може да ја цениме денеска, и во функција на овие промени, соединувањето, правењето на таа коалиција и сè што се случи до 2024 година, и сега на Локални избори во 2025 година. Но, сега јас сум многу среќен што коалицијата ВЛЕН добро функционира. Идејата за станување еден политички субјект е многу жива и многу активна. Таа може да се случи набрзо. Тоа го знам од информациите, нормално со моите пријатели. И јас мислам дека тоа е праведниот пат и најдобриот пат кон кој треба да се движи нашата коалиција. Граѓаните се уморни од атомизирање, од поделби, од политички партии. Сакаат да видат сигурност, сакаат да видат сплотеност, сакаат да видат дека политичарите и лидерите можат да се надминат себеси. Дека не е битката кој ќе биде претседателот, туку битката е на кој пат одиме, кои вредности ги промовираме, за што се ангажираме и за што се бориме. Ако вака ги гледаме работите, јас сум убеден дека многу брзо ќе дојдеме до еден политички субјект, кој би се нарекол голем, и ќе биде апсолутно потоа помалку битно кој ќе биде претседателот, кои ќе бидат членовите итн. Мислам дека за две години, поминавме два тешки изборни процеси, парламентарните и локалните. И оваа политичка композиција е доволно хомогенизирана и е докажана дека може да функционира и на парламентарни, и на локални, и во кампања, и да состави листи, и да направи заедничка кампања, и да функционира во Владата, и во Собрание функционираме без разлика, никој не знае кој од која партија е. Така што има доста елементи на сплотеност за овие две години. Мислам дека треба да се додаде енергија на сплотеноста, и ВЛЕН да стане една политичка партија.

Како ги коментирате случувањата во албанската опозиција? 

-Па, јас секогаш сум мислел дека и во животот, но и во политиката, човек треба да се занимава со себеси. Треба да гледа тој што прави, а не што прават другите. Нас треба да не оценуваат граѓаните, а не ние да се препукуваме, да кажуваме кој е подобриот, што се случува таму.

Да, но вие сте често на удар на вашите противници во Собранието.

-Но, секој го прави тоа што знае да го прави и што сака да го прави. Некој сака да удира. Јас сакам да работам. Јас се занимавам со Собранието, со пратениците, со институцијата, со достоинството, политичката култура, со етичкиот кодекс. Тоа мислам дека им носи добро на граѓаните. Другите мислам дека треба да го нападнат претседателот од другата партија. Така што, јас не навлегувам во тоа, но мислам дека ако сакаме да напредуваме како држава, би било паметно секој да си го чисти прво својот двор. Да видиме што може да направиме ние самите себеси лично, па во нашите партии, па во нашите институции, па потоа погледот да го имаме кон другиот.

Би можеле ли да очекуваме лидерот на ДУИ Али Ахмети да се повлече од партијата?

-Тоа е навистина нивна работа. Тие граѓани, тие припадници на таа партија, имаат целосно право да одлучуваат кој треба да ги претставува, како треба да ги претставува, каде треба да одат, со што треба да се занимаваат во политика. Ако тие мислат дека таа личност треба да продолжи да ги води и после 22 години на власт. Тоа е нивна работа. Јас го почитувам. Значи многу е битно да знаеме да ги почитуваме одлуките на една група граѓани. И во Собранието ние не може да се согласуваме со секој пратеник. Но секој пратеник што го гледам јас во неговото столче, гледам 10.000 граѓани позади него. И пред се, треба да знаеме дека тој човек претставува луѓе, и треба да ја имаме почитта не само кон него лично, туку кон луѓето што ги претставува. Тоа исто значи и за претседател на партија, на функции во  партии. Кога една група на луѓе му дава на некој човек некоја функција и задача, и таа е јавна, ние другите треба да ја почитуваме како волја на одредена група на граѓани.

Она што не ве прашав во првиот дел од интервјуто е дали уште некој од пратениците се изјаснил дека нема да биде дел од одредена пратеничка група? 

-Вие знаете дека ние сме целосно транспарентни се обидуваме кон јавноста да бидеме целосно транспарентни. Веднаш штом добиваме таква информација од некој пратеник или група пратеници, вендаш ја известуваме јавноста. До сега имаме промени тие што се изјасниле писмено до мене и кажале дека од сега па натаму ќе делуваат независно.

За крај на ова интервју, каква е вашата порака за пратениците и за граѓаните за следната година?

-Пред се, јас ќе повикам на тоа што пред малку го кажав. Во Собрание мора да преовлада почитта, взаемната почит помеѓу пратениците, па и на различни политички партии. Ако не се почитуваме ние самите себеси едни со други, немаме почит, не можеме да очекуваме дека граѓаните ќе не почитуваат. Оттука почнува се. Разликите постојат и треба да останат. Но, не треба да бидеме забарикадирани во разликите. Треба низ дијалог и врз база на аргументација да доаѓаме до заеднички решенија кои се во функција и во добробит на сите граѓани. Очекувам да се зголеми политичката култура, взаемната почит, и време е да почнеме да размислуваме дека тие најбитни човечки особини што ги имаме од нашето детство, како сме едуцирани на почитта, на респектот, на толеранцијата, љубовта која треба да ја покажеме кон нашиве колеги и другите луѓе кои, со кои работиме заедно, треба да почнат да преовладуваат. Премногу негативна енергија имаме, премногу контаминирани, контаминирано општество создаваме. И Собранието треба на некој начин да биде предводник на ова премостување на вредносниот систем. Треба да направиме и вредносна транзиција во општеството. Да почнеме да зборуваме за добрите работи, за почита, за љубовта, за позитивните работи во државата, за помош, солидарност, за емпатијата, за етиката, за моралот, нашите семејни вредности итн. И кога сме кај семејството и јавноста, ја користам оваа можност и вам и на сите граѓани да им посакам среќни празници, среќна Нова година, многу успех, здравје и пред се, љубов во вашите семејства и помеѓу сите граѓани. (Екипа на МИА)