Човек кој го знае Рамковниот договор, и Уставот, јасно му е дека Мајскиот договор воопшто не е дел од Рамковниот, вели претседателот на Собранието Африм Гаши, во интервјуто за Радио Слободна Европа (РСЕ), во врска со реакциите на ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети.
– Можеби тој заборавил, тоа било Мајскиот договор, кој го потпишал со Никола Груевски и кој самиот го прекрши, но таквиот договор никогаш не беше дел од уставот и не стана и не може да има таков договор во Уставот, затоа што се коси со секое демократско право. Владата се прави со 61 пратеници, со мнозинство, а од друга страна албанската коалиција, ВЛЕН доби 107.000 гласови со што потполно го носи легитимитетот на Албанците во ова Собрание, вели Гаши.
Тој во интервјуто за РСЕ категорично отфрла вина дека прекршил одреден пропис со тоа што свечената заклетва ја дал прво на албански јазик.
Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска поднесе преставка до инспекциските служби во нејзиното министерство, сметајќи дека со тоа е прекршен законскиот акт за заштита на македонскиот јазик.
– Тоа се работи само од технички аспект, јас ја прочитав заклетвата на двата јазици. Тоа е од технички причини. Сигурно не било намерно. И да било, тоа е работа на Собранието. Без разлика, јас мислам дека не треба да обрнуваме внимание на такви работи, но и демократско право е на секој пратеник и граѓанин да реагира ако мисли дека некое право е прекршено, рече Гаши.
На ДУИ и на нивниот лидер Али Ахмети им порача дека идната коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН не прекршила никаква одредба од Охридскиот рамковен договор и идната опозиција да не го користи тоа како аргумент за тензии.
Гаши зборуваше и за вметнување на Бугари во Уставот.
-Не знам точно дали сме ставиле некој датум, но сепак тоа е работа која зависи од 80 пратеници. Треба да се најдат 80 пратеници. Што се однесува до коалицијата ВЛЕН, а мислам дека и сите албански пратеници, ќе гласат за уставните измени кога и тие да дојдат на дневен ред. Така да, ние ќе се залагаме за тој принцип, ќе се залагаме за што побрзо интегрирање на нашата земја во Европската Унија, но тоа знаеме дека е комплексно прашање и ќе работиме сите заедно тоа да се случи што е можно побрзо, додаде Гаши.