Соработката помеѓу локалната и централната власт е клучна за развој на oпштината, за што и во иднина ќе продолжиме да се залагаме, вели градоначалникот на Велес, Марко Колев во интервјуто за Курир.
Колев: Она што можам да го кажам четири години подоцна е дека и покрај сите предизвици со кои се соочивме локално, но и глобално, покажавме дека со посветена и макотрпна работа може поинаку и подобро. Исполнивме поголем дел од ветувањата, но реализиравме и многу други проекти и активности кои што произлегоа од секојдневната комуникација со граѓаните. Останаа и нереализирани проекти, но не секогаш работите зависат од нашите желби и намери, но секако дека не се откажуваме од реализација се до искористување на сите расположливи ресурси и капацитети.
КУРИР: Велес изминативе четири години доживеа една преобразба. Се реализираа низа проекти. Кои од нив би ги издвоиле како најважни за градот?
Колев: Да, навистина се реализираа низа проекти кои придонесоа Велес да биде поубаво место за живеење за сите. Интензивно работевме на инфраструктурата, каде што се реконструираа околу 100 улици целосно или дел во градот и селата, при тоа напоредно инвестирајќи и во подземната инфраструктура. Се погриживме спортот да биде достапен за сите со тоа што изградивме или реконструиравме 6 спортски комплекси, 5 спортски терени и 3 училишни спортски сали, и она на што сум посебно горд е дека со возобновување и создавање нови културни настани и манифестации го вративме епитетот кој Велес го заслужува – град на културата. Секако дека има и други аспекти на кои се работеше – капитални проекти (нов систем за улично осветлување, санација на мост кај Башино Село, кеј на река Вардар, Градски пазар и др.), бројни катчиња за најмалите, хигиена, хортикултурно уредување, урбана опрема – се она што е неопходно за поубав живот на велешани.
КУРИР: По успешниот мандат, владејачката партија ви даде доверба да бидете нивниот кандидат за градоначалник на Велес и на претстојните локални избори. Со каква програма ќе ја побарате уште еднаш довербата од велешани?
Колев: Чест е да се добие довербата по втор пат, но во истовреме и уште поголема одговорност. Она што можам да го ветам е дека ќе продолжиме да работиме посветено и со исто темпо, со фокус на одржување на се она што досега сме го направиле, но и со внесување на нови свежи идеи кои сме ги увиделе во текот на нашите секојдневни активности во изминатите години или од непосредната комуникација со граѓаните. Ќе продолжиме да инвестираме во инфраструктура, образование, спорт, култура, хигиена, ќе создаваме нови детски катчиња, но она што сакам да го потенцирам е дека посебно ќе се посветиме на имплементација на изнајденото решение за спас на езерото „Младост“.
КУРИР: Петнаесет капитални проекти за развој на Општина Велес ќе бидат реализирани откако потпишавте договор со македонската Влада. За какви проекти станува збор и колку ваквата владина поддршка е важна за општините ширум Македонија?
Колев: Општините во Македонија не се финансиски доволно моќни самостојно да реализираат голем број на капитални проекти, поради што ваквата поддршка од Владата е неопходна. Општина Велес потпиша договори за 15 проекти со кои обезбедуваме средства за: реконструкција на патот Отовица – Сојаклари, реконструкција на пат Челошево – Дорутовец, реконструкција на влезовите во селата Иванковци, Башино Село, Караслари и Мамутчево, реконструкција на плоштад во центарот на градот, реконструкција на противпожарен дом, заедно со помошен објект и партерно уредување, реконструкција на спортска сала „Гемиџии“ – електрика, водовод и дел од архитектура, реконструкција на фасада на ССОУ „Димитрија Чуповски“, реконструкција на улиците „Васил Главинов“ со изградба на потпорен ѕид, „Васил Ѓорѓов“ – од крстосницата кај театарот до плоштад Којник, „11 Октомври“, „Белградска“ – делница од градинката до магацините на ЈКП Дервен и „Алексо Демниевски Бауман“ – потег од поранешен Жито Вардар до железничка станица. Соработката помеѓу локалната и централната власт е клучна за развој на oпштината, за што и во иднина ќе продолжиме да се залагаме.