Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервјуто за МИА посочува дека на власта не и одговара да се донесе законот за јавно обвинителство и дека СДСМ сака да го закочи целиот процес затоа што сакаат да имплементираат правно насилие во пресметката со политичките неистомисленици.
По последната лидерска средба немало официјална комуникација на ниво на претседатели на партии помеѓу него и претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, а лидерска е можна ако претходно се постигне приближување во ставовите на двете страни.
Очекува добивањето на датум за отпочнување преговори, но вели нема да биде вообичаено како што било за другите земји, туку дека ќе биде некој условен помеѓукомпромис.
Во интервјуто за Мицкоски говори и за неговите очекувања за случајот „Рекет“, посочувајќи дека не бил повикан во обвинителството откако кажа дека поседува документи од укажувач за случајот, за преземањето на случаите од СЈО и состојбите во правосудниот систем воопшто, одговара зошто опозицијата бара предвремени избори на пролет, за актуелните состојби во партијата, за нивните следни теренски активности и средби со граѓани, но и за тоа како ќе ги натераат граѓаните да излезат воопшто на гласање по бројните избори во изминатите години и гласањето за референдум и разочарувањето од политичките елити што финишираше со случајот „Рекет“ и притворот за Катица Јанева.
До каде се преговорите за законот за јавното обвинителство? Какви одговори добивте од тимот на премиерот Заев? Има ли нови контакти во однос на законот за јавно обвинителство?
Генерално, консултациите продолжуваат. Но, впечатокот во нашата преговарачка група и морам да признаам мој личен впечаток е мислам дека од СДСМ немаат намера ниту пак, ако ја анализирате детално динамиката на преговори, ќе забележите дека кај нив постои намера и интенција да се дојде до конечен договор. Имам чувство дека како намерно да се трудат да го закочат целиот процес. Сега ќе ви кажам зошто. Тоа го темелам по две основи. Првата, е според нив стратешка основа, и тоа, мислат дека на тој начин колку подолго ќе трае процесот на преговори за јавното обвинителство толку можеби некои реминисценции на некои минати стари теми, кои можеби не беа поволни за ВМРО-ДПМНЕ ќе останат присутни во јавноста и практично на тој начин ќе му конкурира на случајот Рекет 1, би го нумерирал со единица бидејќи сега гледаме дека веќе станува се поактуелен и вториот случај, тоа е Рекет 2, така што тоа е основната причина зошто мислам дека стратешки тоа нив не им одговара. Втората стратешка причина е чипираното судство и обвинителство кое денеска е во Македонија и практично сето она кое што ќе го нарачаат СДСМ, Зоран Заев, министерката Дескоска, но кое што ќе произлезе како резултат на оние неформални средби што адвокатскиот тим на Зоран Заев ги има со државниот јавен обвинител Јовески, овие практично тоа го реализираат. Ние видовме во јавноста протече една снимка во која што државниот обвинител Јовески е во една непосредна комуникација со адвокатот на премиерот Зоран Заев и претпоставувам таму добива насоки како понатаму да ги тера случаите, па, сосема случајно притвореничката Катица Јанева испорача еден документ без никој тој документ да го потврди, неговата автентичност да ја потврди, нејзиниот печат, потпис да го потврди итн. па се до оној трансфер практично на надлежностите од СЈО до ЈО, без никаква методологија, без никаква законска поткрепа, примопредавање на еден лист што всушност претставува спецификација на предмети, па, се до давање на овластување од страна на Јовески до обвинителите… гледате случајот Талир којшто е спорен по неколку основи, тој е случај каде што е покренато обвинение за законскиот рок после 30 јуни 2017. Потоа судот тоа обвинение го прифаќа, на крајно незаконски, нелигитимен начин го гледаме Јовески како издава одобрение на обвинителката која практично има за цел да го истера овој случај на мускули насилно, незаконски онака како што практично тече целиот овој процес. Но сето тоа практично не е одење по жица, туку тоа е практично одење во провалија, бидејќи сите случаи во едно независно обвинителство, во независно правосудство вклучително и Судот за човекови права во Стразбур практично ќе доживеат завршница која што ќе биде амнестија за сите кои се опфатени, бидејќи вака како што го водат и вака како што го спроведуваат процесот, нарача Зоран Заев, спроведе чипираното обвинителство и судство во координација со адвокатите на Зоран Заев, води кон таа насока да сите овие случаи еден ден Судот за човекови права во Стразбур да паднат и бидат прогласени како нелегитимни. Впрочем видовте еден таков случај, Судот за човекови права во Стразбур го прифати итн. Со други зборови тоа се стратешките принципи зошто СДСМ не сака, да бидам пократок, најпрвин не им одговара бидејќи сакаат да ја покријат темата Рекет, сега веќе имаат проблем се појавува Рекет 2 и второто е дека гледаат овие судии, обвинители се до толку сервилни, што тие ги поседуваат, што практично секоја желба на Зоран Заев ја исполнуваат. Мислат дека на тој начин ќе се одмаздуваат кон политичките неистомисленици, ќе продолжи политичкиот терор што го најави Зоран Заев за време на претседателската кампања. Горделиво кога премиери во други држави се фалат за изградени автопатишта, реализирани капитални проекти, инвестиции, по некоја реформа, за него главен меинстрим беше да ги задоволи чувствата на неговите малкумина обожаватели со тоа што ќе се пофали дека поднел 750 кривични пријави.
Тие сметаат дека вие не сакате да се донесе законот. Да се вратам на почетокот, рековте дека има комуникација но не дадовте никакви информации дали имате нови заеднички решенија кои би ги споделиле со јавноста во однос на законот?
Генерално јас разговарам секогаш на база на факти, на аргументи. Јас ги изнесов моите факти, аргументи, би сакал да дебатирам со спротивниот табор исто со факти, со аргументи, да видам на што го темелат тоа нивно чувство. Ако некој од нас бара да легитимираме, незаконие, тоа го кажавме дека ниту имаме намера да правиме компромис со правото и со правдината, ниту пак ќе се согласам како човек тоа да го направам бидејќи пред се и над се, јас сум педагог, но секој оној којшто се огрешил пред законите и којшто се посрамотил пред граѓаните, сме кажале, сме го повториле тоа во неколку наврати многу гласно и јасно дека треба да сноси одговорност. Не ја довршив субјективната причина зошто тие не сакаат. Субјективната е затоа што гледате се намножуваат овие корупциски скандали. Замислете сега кога ние би имале објективно обвинителство коешто навистина би ги разоткрило, а не како сега што го прави ова „Рускоска обвинителство“ – да го заташка. Тогаш ќе излезат многу работи на виделина и тогаш навистина можеме да разговараме за едно сериозно, сериозно правно нарушување на системот во Република Македонија, еден криминален рекетарски октопод којшто целото ова време практично има сериозни замешатерство не само во бизнисот, туку и во правосудството, и тоа се, генерално тие причини зошто тие не сакаат. Јас би сакал да слушнам кои се причините зошто мислат дека ние не сакаме имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ве потсетам и во 2018, но и во 2019 година од страна на ЕК беше потенцирана како опозиција која што и тоа како придонесе во процесот на изработка, а потоа и поддршка на низа реформски закони коишто се дел од правосудството. Да ако ме прашате дали сакаме да озакониме беззаконие, одговорот е не, и ќе се бориме тоа да не се случи.
Ќе се задржам на законот за јавното обвинителство, на вашите предлози. Пред неколку дена во јавноста излегоа неколку информации дека веќе имате одредени предлози за јавен обвинител. Разговарате ли со одредени потенцијални кандидати?
Тоа е уште една концепциска разлика помеѓу нас и СДСМ што ние се грижиме за процесите, а тие се грижат за персоналните решенија. И токму тука имаме повторно определени разидувања, затоа што ние сакаме процесите да бидат законити и уставни. За нив тоа не е важно. Гледате имавме нарачи настапи, стендап настани од страна на некои познати експерти, аналитичари кои велат дека некогаш треба и да се прекршат законите и Уставот за да се реализира некоја политичка цел. Јас не се согласувам. Како човек сум легалиста и за нас се важни процесите кои се темелат на безусловно почитување на законот и Уставот. За нив е важно колку вработените, роднините, соседите на вработените во СЈО да останат на работните места, да може да се продолжи со политичкиот терор, да може да биде овој или оној бивш обвинител што ќе го заштити Заев и семејството Заеви и останатите од врхушката на СДСМ од потенцијалниот криминал. За нас тоа е од второстепено значење, бидејќи како што кажав, борбата за правото и правдината се безусловни, а истовремено безусловна е и почитувањето на законот и Уставот. И тука имаме сосема различен концептуален пристап на работите. Доколку ме прашувате дали сме разгледувале некои имиња, воопшто немаме разгледувано имиња. Не, немаме, категорички ги отфрлам сите оние шпекулации во јавноста. Практично оној што треба да се бори против лажните вести гледаме дека е главен генератор на лажни вести, тоа сето го расеменуваа по медиумите и има за цел да создаде лажна слика, бидејќи имаат медиумска доминација. Имаме сведочења од многу луѓе како се однесува овој криминален октопод на власта кон медиумите, така што би заклучил конечен одговор на вашето прашање – да за процеси, законити и уставни, не за персонални решенија. Тоа е токму намерата на спротивниот табор, условно кажано во преговорите – претставниците на СДСМ да гледаме како да ги заштитиме сите оние полуактивисти или активисти на СДСМ вработени во администрацијата на СЈО, но и оние обвинители коишто му слугуваа целокупниот овој период во процесот на политички напади, политичката пресметка со политичките неистомисленици. Гледате впрочем главната обвинителка каде се наоѓа денеска, притвореничката и можеме да дојдеме до еден заклучок којшто е се поприсутен денеска во јавноста дека СЈО е формирано за да се нападне ВМРО-ДПМНЕ, а истовремено дел од вработените гледаме првата таму го користела практично СЈО, односно постојат сомнежи дека го користела СЈО за рекетирање на бизнисмени и уцена на политичари.
Во одговорот на вашето прво прашање го спомнавте трансферот на случаите од СЈО во ЈО. Се случува еден паралелен процес. Додека вие преговарате со господинот Заев случаите се префрлуваат во државното обвинителство, судските процеси продолжуваат. Во јавноста се има впечаток дека има премолчен договор меѓу преговарачките страни процесите да продолжат да течат за оние прашања за кои има постигнато некаков консензус?
Тезата е погрешна дека постои каков било договор бидејќи или имаме договор или немаме договор. Ајде сега да ги анализираме можностите коишто ги нудат законите. Ние тоа го повторувавме во минатото и ќе продолжиме да го повторуваме дека тоа што го направи притвореничката со она писмо коешто го испрати до практично нејзините помошници е незаконско, бидејќи никој не го потврди и не ја потврди автентичноста на тоа писмо, има процедура како се прави. Тоа е исто како, зошто имавме потреба од целиот овој циркус – од ќелијата практично од притвор да си издава наредби, да се притвораат луѓе да се отвораат случаи да се затвораат случаи. Затоа постои едно правно насилие коешто се случи со тоа нејзино писмо кое што таа практично од ќелијата го испрати до нејзините помошнички и тоа правно е спорно да не речам, правно неиздржано. И со самиот тој чин таа направи практично, а и тие коишто тоа го осмислија, претпоставувам за време на оние консултации помеѓу Јовески и адвокатот на Зоран Заев, една можност да ние навистина во еден момент имаме правни недоречености, правна амнестија за сите тие случаи каде што да речеме постојат некакви сомнежи за некаков потенцијално спорен криминал. А понатаму уште повеќе спорен е моментот на трансфер на предметите. Се сеќавате на оние циркузи кога ги правеа, комбиња, па се вадеа картони полни со докумнти, па се организираа прес-конференции, дали денеска јавноста виде едно такво комбе што носеше документи, списи, носеше случаи во ЈО, па дали таму седна некоја комисија да ги предвиди тие документи, каде припаѓаат, дали тие процеси припаѓаат на ова или на она обвинителство итн. Тоа го нема затоа што се решени насилно да го водат овој пат и велат сега ќе ја притиснеме опозицијата, ќе ги затвориме сите политички неистомисленици или потенцијално ќе ги држиме уценети за да неможат да излегуваат во јавност и да ги критикуваат погрешните политики на СДСМ и тоа на нас ќе ни донесе предност на следните парламентарни избори. Јас се надевам дека ќе се охрабрат и ќе бидат предвремени парламентарни избори и на тој начин Зоран Заев и овие малкумина ќе останат на власт што е конкретно погрешна антиципација. Тоа можеби во една езоповска бајка добро би делувало да се мотивираат внатрешните структури во рамките на СДСМ, но сето ова остава трајни последици во правосудниот систем, вовлекува луѓе во криминал коишто утре задутре ќе мора да одговараат, сите овие обвинители ќе мора да одговараат поради овие неправни акти па ќе мора да се докажуваат во судски процеси да видиме дали тоа било тоа вака или така.
Дали по лидерската средба имавте одредена комуникација со господинот Заев?
По лидерската средба официјална комуникација на ниво на претседатели на партии сме немале. Работните групи очекувам деновиве да се сретнат.
Кога ќе имате нова средба со господинот Заев, ќе чекате да финишираат работните групи, има ли одреден рок коишто си го дале работните групи?
Ви реков, во првото прашање дадов одговор, имам чувство дека не сакаат да се договориме затоа што решиле да имплементираат правно насилие во пресметката со политичките неистомисленици. Нашите позиции се многу различни во овој момент. Нашата позиција како што кажав е процеси и безусловно почитување на законите и Уставот. Нивната позиција е индивидуи, луѓе поединечни, луѓе коишто во целиот овој процес му слугувале практично на СДСМ и Зоран Заев и ако е потребно за политички цели и определени компромиси со почитувањето на законите и Уставот. Така што кога ќе видиме дека работните групи ги доближиле овие ставови, тогаш би можеле да организираме лидерска средба и повторно да изнајдеме обид да видиме дали можеме да се договориме. Ова се принципите врз основа на кои ние можеме да се договориме. Вака како течат преговорите од страна на СДСМ не сум оптимист бидејќи мислам, да не речам сум убеден дека не сакаат да има договор.
Во вторникот господинот Туск беше во Македонија , испрати порака од тука дека треба да добиеме датум за почеток на преговори. Очекувате ли на 15 октомври позитивен исход за нас?
Лично ако ме прашувате како граѓанин на Република Македонија сум очекувал и многу порано, но за жал тоа не се случило порано. Да, очекувам и работиме и ние како ВМРО-ДПМНЕ во таа насока, Македонија, граѓаните на Македонија да добијат датум за отпочнување на преговорите со ЕУ иако моите информации се половични. И тоа доколку би го добиле нема да биде како што е тоа вообичаено, како што тоа го добивале претходните земји-кандидати за членство во ЕУ, туку тоа ќе биде некоја кованица, некој помеѓукомпромис, отворање на поглавјата коишто се за правосудството, па додека тие не се затворат да нема некој официјален почеток итн. Повторно излегува на површина, барем од оние информации коишто јас ги добивам, неспособноста и начинот на којшто се раководи државата од страна на Владата предводена од СДСМ и Зоран Заев. Ја слушнав изјавата на господинот Туск, се придружувам кон апелот до нашите сестрински партии до Европската народна партија и останатите партии и премиери коишто се застапени во рамките на Европскиот совет да ја доделат таа покана за отпочнување на преговори бидејќи граѓаните и државата не треба да бидат казнувани поради оваа криминална и неспособна влада која што ја води Република Македонија.
Ги спомнавте случаите Рекет 1, Рекет 2… Кога станува збор за случајот Рекет на една од вашите прес-конференции кажавте дека имате документи што сте ги добиле од укажувач. Дали бевте повикани во Обвинителството за овие документи?
Не, не сум бил повикан.
Очекувате такво нешто?
Од ова Обвинителство и од ова судство очекувам се и сешто, така што не би ме изненадило да бидам повикан, да бидам осуден, да бидам притворен. Подготвени сме, имаме план Б, план Ц во начинот на функционирање и начинот на работење како ВМРО-ДПМНЕ, но мислам дека сето тоа, повторно ќе се вратам, правно и политичко насилие коешто се прави врз опозицијата во Македонија не оди во насока на оние европски вредности и во насока на тоа да се подобрува и да се релаксира политичката состојба во државата, туку според мое мислење и според мислењето на многумина во спротивен правец се води тој процес.
Очекувате дека случајот Рекет ќе се расчисти до крај?
Апсолутно не очекувам. Случајот Рекет се води во насока да се заташка истиот и да се ревалитизира и тоа се прави на два начина, едниот начин е молкот од Обвинителството и вперениот прст кон лидерот на опозицијата односно кон мене и вториот моментум е медиумската хајка која што ја прави оваа Влада во насока да го супресира всушност расчистувањето на овој случај. Се сеќавате на онаа прес-конференција кога горделиво излезе Зоран Заев и кога повикуваше на расчистувања, на разрешување итн., но тоа мене не ме чуди, ниту пак современиците на политичката сцена во Република Македонија не ги чудат еден ваков тип на прес-конференција со празни флусколи, а во суштина никакви дела. Таква имаше една во минатото се сеќавате на оној октопод на којшто ќе му се сечеа пипиците, на оној на тогашниот премиер којшто доаѓаше од СДСМ, знаеме како заврши тој октопод. Исто така на сличен начин ќе заврши овој октопод. Нема потенцијал, нема транспарентност, нема отчетност, а и нема искреност во целата работа затоа што според нашите информации, според она со коешто ние располагаме, доколку барем еден од овие елементи е присутен тогаш би се удрил директно во глава.
Последниот ваш став во врска со предвремните избори господине Мицковски објавен неодамна е дека сакате да има предвремени избори на пролет. Зошто на пролет, а не наесен како што сака владејачката гарнитура? Мислите дека до пролет ВМРО-ДПМНЕ ќе биде комплетно подготвена за едни предвремени избори, ќе ги консолидирате вашите редови, имате подготвено или подготвувате програма?
Ќе ве потсетам ВМРО-ДПМНЕ многу пати во изминатиот период побара одржување на предвремени парламентарни избори. За жал не наидовме на позитивен одѕив од страна на владејачкото мнозинство и секогаш тие наоѓаа помалку или повеќе причини коишто се надвор, отсутни од реалноста. Ние сме подготвени на избори сега и веднаш, час поскоро и тоа е императив за граѓаните во Македонија затоа што државата се води во погрешна насока, затоа што сите овие политики и отсуства на реформи, лоша економска состојба, катастрофата која што се случува по понижувањето, омаловажувањето и распродажбата на националните интереси, отселувањето на младите коишто сега веќе не се само млади и луѓето во средни години со семејствата ја напуштаат Република Македонија практично цунами економијата, никакви реформи во образованието, во здравството, земјоделието буквално е на колена. Сите овие причини и уште десетици, десетици, други криминалот, корупцијата итн. се само низа причини зошто ние во државата треба да организираме предвремени избори час поскоро, а од друга страна го гледаме Зоран Заев како вели дека блескаме, дека се било во ред, дека сме биле блескав пример и слично и единствен начин да провериме дали ние сме во право кога велиме дека ништо од ова не е точно дека практично цути криминалот, дека е катастрофа на секој план или ова блескаме кое што станува заштитен знак на Зоран Заев да го провериме на едни такви избори па граѓаните нека дадат конечна оценка дали ние сме биле во право или тој е во право. Час поскоро треба да се одржат такви избори за да знаеме во која насока ќе се развива Република Македонија, дали Република Македонија ќе се развива во насока да стане оаза на психотропни супстанци или ќе биде технолошки лидер, дали РМ ќе се справува со рекет 1, 2 и 3 или каде што безусловно ќе се почитуваат законите, дали Република Македонија која што ќе нема ниту еден универзитет на Шангајската листа или која што ќе има најмалку еден универзитет во првите 500 на Шангајската листа, дали РМ со зголемени даноци и со рекетирање на бизнисмени или РМ со рамен данок којшто ќе биде прифатлив за бизнисмените со вакво понижено, ограбено здравство преку најголемиот грабеж во поновата историја или ќе биде Македонија со достоинствена и достапно здравство и квалитетно здравство за секој еден граѓанин.
Во изминатиот период се забележува многу поголема активност на вашата пратеничка група. Овие активности ги предводат веќе искусни политичари од ВМРО-ДПМНЕ кои се и членови на работните групи за преговори како на пример за јавното обвинителство, за попис. Тоа се пратеници кои во времето на вашиот избор имаа одредени несогласувања. Дали е консолидирана партијата, чуствувате ли поголема поддршка или станува збор за едно обединување со цел да победите на следните избори или да добиете повеќе пратеници?
Луѓето во ВМРО-ДПМНЕ кога се приклучуваат, се приклучуваат кон идеја, кон едно семејство кое е заедничко кон сите нас. Тука не треба никој да има каква било дилема. Ние се бориме за интересите на граѓаните и тука не постои никаков сомнеж за никаков клиентелизам или лукративни мотиви. ВМРО-ДПМНЕ е стабилно, исправено, реорганизирано, обединето и ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните предвремени парламентарни избори ако сега се одржат, најмалку со 100.000 разлика пред СДСМ, но доколку биде тоа понатаму јас сум убеден дека разликата ќе биде уште поголема.
Како ќе ги убедите граѓаните воопшто да излезат на гласање имајќи ја предвид нивната замореност од излегување на избори, на гласање…од друга страна, разочараноста од политичките елити, што финишираше со последниот случај со Катица Јанева? Немате ли страв дека на следните избори би можело да има помала излезност, не само за вас туку воопшто како гласачко тело?
Се согласувам потполно со вашата констатација дека можеби на граѓаните им е преку глава од избори и дека постои генерална разочараност од политичките елити кои во одредени моменти ги изневериле нивните очекувања. Тоа јас лично на терен го гледам, го слушам, бидејќи сум често на терен помеѓу граѓаните, помеѓу партиските истомисленици, но и помеѓу партиските неистомисленици, но и оние неопределените и за време на претседателската кампања имав можност со илјадници наши сограѓани имав можност да разговарам за она што ги тишти практично, за нивните есенцијални проблеми и слично. Дојдовме до еден заклучок што го разговаравме на последната седница на Извршниот комитет дека мора да иновираме и во пристапот, но и во понудата која што ќе ја дадеме на следните парламентарни избори. Донесовме еден заклучок за една иновативна изборна програма која ќе биде перцепирана во смисла на тоа да понуди решенија за реалните проблеми на граѓаните и тие решенија не секогаш чинат пари и еден дел што ќе биде стратешки, кој што практично ќе ги даде контурите на идниот развој на Република Македонија. И во име на тоа следната недела започнуваме со една акција која ние ја именувавме како „Разговараме со граѓаните за обнова на Македонија“, која што ќе понуди решенија и конечниот резултат ќе биде Програмата. Оваа акција ќе трае до средината на декември месец, ќе имаме најмалку пет настани неделно во поголемите, помалите градови, во населените места, рурални и урбани средини…Ја поставивте дилемата за излезноста, ќе биде пеколно тешко, да се врати довербата, но јас сум убеден дека уште за време на кампањата за предвремените избори голем дел од граѓаните ќе ја дадат поддршката за ВМРО-ДПМНЕ, а после првите неколку месеци, година дена од новата Влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе докажеме и ќе покажеме дека тоа што сме го кажале тоа и ќе го спроведеме, тоа што не можеме да го спорведеме, отворено ќе ги кажеме причините зошто тоа не можеме или со задоцнување ќе го спроведеме. Но врз основа на реалните проблеми кои што ги имаат граѓаните таков ќе биде и нашиот пристап, такви ќе бидат и нашите ветувања. Не би сакал да се доведат до ситуација тоа што ќе го кажам да не го реализирам. Сето ова не го поминувам за на крај да се избрукам и да се засрамам пред граѓаните. Напротив сакам и после крајот на мојата политичка кариера како претседател, или можеби утре како човек кој ќе ја предводи Владата, повторно да шетам со гордо крената глава и повторно да комуницирам со граѓаните исто како што тоа го правам сега, достоинствено без да се срамам и без да ги изневерам нивните очекувања. Тоа беше и останува единствен мој мотив, зошто практично се пријавив и овие нешто повеќе од 21 месец ја предводам најголемата политичка партија во Република Македонија. Ние мора да оставиме историска улога. Моментот за оставање на историска трага и играње на историска улога е токму сега.
Дали ќе го поддржите предлогот на дваесетмината пратеници за една изборна единица?
Генерално, на невидено не би можел да се произнесам. Да го видам прво нивниот предлог каков е, па врз основа на тој предлог, треба да донесеме конечен заклучок.