Сметам дека регионот заслужува јасна европска перспектива. Да се надеваме дека следната година во исто време нема да има потреба да зборуваме колку е важна европската перспектива, туку ќе можеме да кажеме дека европската перспектива е веќе тука, дека веќе преговарате. Речиси сум сигурен дека тоа ќе се случи, ќе дознаеме во декември, но тоа секако ќе се случи во јануари, вели во интервју за МИА словенечкиот амбасадор во земјава Милан Предан.
Предан смета дека доколку Европската Унија не успее да го пополни просторот во регионот, некој друг ќе го направи тоа.
Словенечкиот амбасадор во интервјуто за МИА оценува дека сигналите што пристигнуваат од Софија се охрабрувачки, посочувајќи дека потенцијалниот нов премиер на Бугарија има порационален пристап, велејќи дека историјата не треба да биде главно прашање во билатералниот дијалог, туку само дел од него.
Тој останува оптимист за решение до крајот на годинава, но од друга страна реалноста е дека временската рамка е куса, а во Бугарија се уште нема политичка влада.
– И ова е тесна временска рамка. Особено ако ја земеме предвид актуелната ситуација во двете земји – во С. Македонија и во Бугарија. Но, се надеваме дека ситуацијата во земјава ќе се разјасни во наредните денови со цел да се види дали власта ќе има ново мнозинство во Парламентот и тоа ќе биде многу важно. Сега имаме премиер во оставка и важно е да имаме силна политичка влада со цел таа да може да носи тешки политички одлуки. И конечно, за да се дојде до решение со Софија ќе требаат големи политички одлуки. На другата страна имаме ситуација и во Бугарија. Добрата работа таму е што ќе се формира влада по третите парламентарни избори, таму се избра и претседател, но тешко е да се очекува дека тој самиот, без конститутиран Парламентот, ќе носи политички одлуки, вели Предан за МИА.
Со словенечкиот амбасадор разговаравме и за зајакнување на економската соработка меѓу двете земји, зголемување на квотите на македонските студенти кои студираат во Словенија, справувањето со Ковид-кризата…
Минатата недела во Скопје беа полскиот претседател и шефот на австриската дипломатија, претходно во прва посета дојде и холандскиот премиер Марк Руте. Сите дадоа јасна и силна поддршка за почеток на преговорите во декември. Словенечкиот државен секретар за европски прашања, Довжан, на Состанокот за општи работи изрази надеж дека до крајот претседавањето на Словенија со ЕУ ќе се реши овој проблем и оти процесот мора да биде позитивен. Дали е реално да очекуваме старт на преговори до крајот на оваа година, под претседавањето на Словенија со ЕУ?
– Остануваме оптимисти дека тоа може да се случи. Во изминатите години сметам дека немаше толку широк консензус дека С. Македонија и Албанија треба да почнат преговори, за време на словенечкото претседателство. Тоа беше една од нашите главни цели за време на претседавањето со ЕУ, да го држиме Западен Балкан високо на агендата на ЕУ. Овој широк консензус покажа дека во голема мера успеавме да ја ставиме ЕУ поодлучна за проширувањето.
Но, од друга страна мора да бидеме реалисти. Времето е кратко, имаме приближно две или три недели до 14 декември кога ќе се одржи Самитот на ЕУ и кога ќе биде донесена формална одлука за почеток на преговори со двете земји. И ова е тесна временска рамка. Особено ако ја земеме предвид актуелната ситуација во двете земји – во С. Македонија и во Бугарија. Но, се надеваме дека ситуацијата во земјава ќе се разјасни во наредните денови со цел да се види дали власта ќе има ново мнозинство во Парламентот и тоа ќе биде многу важно. Сега имаме премиер во оставка и е важно да имаме силна политичка влада со цел таа да може да носи тешки политички одлуки. И конечно за да се дојде до решение со Софија ќе требаат големи политички одлуки.
На другата страна имаме ситуација и во Бугарија. Добрата работа таму е што ќе се формира влада после третите парламентарни избори, таму се избра и претседател, но тешко е да се очекува дека тој самиот, без конститутиран Парламент, ќе носи политички одлуки.
Ситуацијата е доста комплицирана и за да се дојде до компромис, на билатерално ниво ни требаат политички влади на двете страни. Па оттука прашањето е дали ова ќе го имаме до средината на декември, од бугарска страна. Сметам дека се уште е реално да се очекува дека барем може да се подготви теренот за да се дојде до договор, што може да се донесе во јануари. Вие чекавте толку долго, па нема да биде трагедија ако почекате уште неколку недели. Француското претседателство ќе сака да поддржи таква одлука во јануари, на почетокот со нивното претседавање со ЕУ.
Ние сега имаме две прашања за решавање – првото е билатералното прашање и ја охрабруваме вашата Влада да дојде до некаков договор во врска со патоказот. Работните групи во двете министерства за надворешни работи имаа неколку средби на кои разговараа за имплементирањето на билатералниот договор меѓу двете земји потпишан во 2017 година. Бугарската страна предложи како тие гледаат ова прашање да се реши, македонската страна веќе подготви одговор на тоа, сега ќе биде важно овие експертски групи да се сретнат што е можно поскоро и тоа се надевам ќе се случи во наредните десет дена. Тоа ќе ни даде шанса да дојдеме можеби до некое решение за билатералното прашање.
Другото прашање е како да се излезе во пресрет на бугарските барања со тоа што ЕУ на некој начин ќе го мониторира процесот на спроведувањето на билатералниот договор.
Нема консензус во ЕУ дека бугарските барања треба да бидат сместени во преговрачката рамка и тоа не би требало да се случи. Имаше и други предлози како да се одговори на нивните барања. Нашето претседателство работи на можни решенија што ќе бидат прифатливи за сите земји, вклучително и за Бугарија, но не можам да одам во детали.
Убеден сум дека ако се најде решение на билатерално ниво, ќе биде полесно да се најде решение за второто прашање.
Во Бугарија имаше избори. Победничката коалиција најави нов пристап и имаше поумерени изјави за прашањето меѓу Скопје и Софија. Но, и покрај тоа што европските политичари ја повикуваат Софија да има поконструктивен пристап и да го тргне ветото, бугaрските власти порачаа дека политиката на Софија кон земјава останува непроменета, но очекуваат дијалогот со Скопје да води до конкретни резултати. Како го коментирате ова?
– Во изминатиот период имавме измешани сигнали од Софија. За нас се охрабрувачки изјавите од потенцијалиот премиер Петков кој има порационален пристап велејќи дека историјата не треба да биде главно прашање во билатералниот дијалог, туку само дел од него. Економијата, образованието, културата, медиумите… и ова сметам дека е вистинскиот пристап и тоа ни дава надеж дека ќе има политичка волја од бугарска страна за да се дојде до договор.
Политичката волја е суштинска. Ако не сакате да направите договор тешко е да убедите некого да го направи тоа. Прво ни треба решение и за тоа се потребни две страни да покажат волја, а не само едната. Наративот што го слушаме од Софија сега е поинаков и ни дава надеж дека ќе дојдеме до решение за овие прашања.
Прашањата што бугарската страна ги става на маса нема да исчезнат, тие ќе останат на масата за разговори, но ние велиме ајде да почнат преговорите и после тоа ќе имаме доволно време да ги решиме преостанатите прашања.
Охрабрувачки е што во изминатите недели прашањето за идентитетот, јазикот, прашања што се чувствителни за македонската страна, не се во преден план. Сега зборуваме за други прашања, за правата на бугарските граѓани во Северна Македонија, и тоа се прашања што повторно со политичка волја од двете страни можат да бидат решени многу полесно, отколку потешките прашања. Тешко е да се најде решение за прашањата за идентитетот, јазикот, што новата влада ќе ги одбрани пред својата јавност. Ова исто така ни дава основа за оптимизам.
Како Словенија ги решаваше билатералните прашања со соседите во процесот на пристапување во ЕУ?
Во основа имавме слични прашања со еден од соседите, кој го условуваше нашиот почеток на преговори, дури и со промена на нашиот Устав. Тоа за нас не беше лесна одлука. Не е лесно да го смените Уставот бидејќи така сака Вашиот сосед, иако искрено да зборуваме, ние ќе го направевме тоа кога ќе влезевме во ЕУ. Тоа беше прашањето странци да бидат сопственици на имот во Словенија.
Во тоа време тоа беше доста тешка политичка одлука. За нас влегувањето во ЕУ беше многу поважно за она што бевме подготвени да жртвуваме одредени работи.
Имавме некои од овие искуства што Вие денеска ги имате, но тие не беа волку тешки како ова со што сега Вие се соочувате.
За време на преговорите имавме и дијалог со останатите соседи, коишто беа доста критични кон нуклеарната енергија, за нуклеарната централа „Кршко“, но сето беше решено преку дијалог. И она што беше многу важно дека од политички и економски интерес за нашите соседи беше ние да влеземе во ЕУ. Затоа реков дека политичката волја е најбитна за да дојде до политички договор. Ако немате ваква волја тогаш ќе биде тешко да го постигнете тоа.
На Самитот во Брдо се повтори јасната европска перспектива на регионот, но без рокови и временска рамка кога ќе се случи тоа. Доколку ЕУ не испорача и не се отворат првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и со Албанија, нејзиниот кредибилитет во регионот сериозно ќе биде нарушен. Дали тоа, би отворило простор за други влијанија во регионот?
При подготовките на Самитот во Брдо, потенциравме дека ако не успее ЕУ да го пополни просторот, тогаш некој друг ќе направи тоа. Кога го споменав Самитот на ЕУ со Западен Балкан во Брдо, се обидовме да ги донесеме сите од ЕУ кои може да помогнат во решавањето на билатералното прашање помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Тоа беше првпат кога сите лидери во ЕУ беа присутни на таков самит, бидејќи на претходни самити, некои земји имаат резерви, мислам на земјите кои се уште ја немаат признато независноста на Косово. Овој пат, сите беа присутни, имаше многу дискусии и дијалози – бугарскиот претседател присуствуваше, како и вашиот премиер.
Направивме се што можевме. Немавме илузии дека ќе ги решиме сите прашања на еден самит, но се потрудивме да создадеме атмосфера од која може да произлезат решенија. За жал, не успеавме во тој дел. Исто така, не успеавме некои земји членки да ги убедиме за некаква временска рамка за проширувањето. Ја предложивме 2030 како рок до кој сите земји од Западен Балкан треба да станат членки на ЕУ. Но, сепак успеавме да го оставиме зборот „проширување“ во декларацијата, иако можеби тоа за некои не е многу важно, но секако е. Некои земји изразија сомнежи да се искористи зборот. Но, успеавме. Исто така, се договориме дека такви самити ќе се одржуваат секоја година. Следниот ќе биде есента 2022 под претседателство на Чешката Република.
Договориме значајна финансиска помош за регионот – девет милијарди евра за инвестиции и околу 30 милијарди евра заедно со грантовите. Тоа е навистина значајна помош за регионот. Тоа беше потврда дека ЕУ има интерес да не дозволи регионот да остане надвор.
Како што рековте, може да се остави можност за други играчи во регионот. Нивниот интерест е легитимен се додека не пробуваат да промовираат насилни, недемократски начини, но економските, бизнис влијанија се легитимни.
Сметам дека регионот заслужува јасна европска перспектива. Да се надеваме дека следната година во исто време нема да има потреба да зборуваме колку е важна европската перспектива, туку ќе можеме да кажеме дека европската перспектива е веќе тука, дека веќе преговарате. Речиси сум сигурен дека ќе се случи тоа, ќе дознаеме во декември, но тоа секако ќе се случи во јануари.
Како претседавачи со ЕУ, се потрудивме двете земји кандидатки кои веќе се во преговори, Србија и Црна Гора, да отворат најмалку едно ново поглавје оти не отвориле ниту едно во последниве две години. Нивните преговори веќе траат подолго време и се надевам дека Северна Македонија и Албанија ќе ги завршат преговорите побрзо.
Луѓето треба да знаат дека Северна Македонија во голем степен е веќе интегрирана во ЕУ. И Ковид-кризата покажа дека вие сте дел од ЕУ со сета помош што беше пратена, финансиска помош и медицинска опрема, како и вакцините.
Точно е дека и ЕУ на почетокот на кризата од коронавирусот требаше да се справи со своите проблеми, а некои земји кои не се во Унијата изреагираа побрзо што остави впечаток дека помогнаа повеќе од ЕУ, што не е точно. Ако споредиме колку вакцини доби вашата земја од ЕУ земјите, тука има огромна разлика. ЕУ не ги запостави ниту Северна Македонија, ниту регионот.
Спроведувањето на реформите, освен решавањето на прашањето со Бугарија, е исто така клучно за пристапувањето во ЕУ. Борбата против корупцијата често се споменува како област каде треба да се посвети поголемо внимание. На кои реформи властите треба да поработат?
Борбата против корупцијата е од огромна важност. Корупцијата го уништува општеството. Да бидеш успешен во борбата против корупција значи да си попривлечен за инвеститорите, значи повеќе работни места, како и повеќе парична помош. Ако ги следите дискусиите за тоа во земјава, се добива впечаток дека секогаш другите се тие кои прават корупција. Таа има многу лица и почнува од секој поединец кој верува дека со поткупување се добиваат поволности. Затоа таа борба е тешка.
Освен државните институции кои имаат надлежност да се борат против корупција и кои треба да се борат, многу е важна и улогата на медиумите. Откривањето корупција и тоа не само висока корупција, може навистина да придонесе кон борбата. Бидејќи ако сте разоткриени, тоа е добар аргумент за некои да речат дека следниот пат ќе бидат повнимателни.
Затоа ја потенцирам улогата на медиумите и секако независноста на судството. Тоа е уште една реформа која е клучна.
А третата реформа која исто така е многу важна, се реформите во областа на животната средина. Вашата земја има толку убава природа, треба да ја зачувате.
Можам со гордост да кажам дека сме прогласени за најчиста земја во светот, но мислам дека тоа е прашање на менталитет. Но, исто така е комбинација на кампањи за подигање на свеста.
Вашата земја покрај тоа треба да работи на инфраструктура – ако немате каде да го фрлите ѓубрето, знаете што се случува. Исто така, треба и санкции ако се уништува животната средина.
Сите реформи за кои зборуваме, бидејќи понекогаш имам впечаток дека се спроведуваат реформи само заради ЕУ, треба да се спроведуваат за вас, за луѓето кои живеат тука. ЕУ може да инсистира на тие реформи. Во споредба со Словенија, ги почнавме реформите бидејќи некој од Брисел ни рече дека мораме. Вашиот пристап треба да биде дека ги правите реформите за вас самите.
Прашањето за тоа кога ќе ги почнете преговорите и кога ќе ги завршите, е помалку важно. Кога зборуваме за пристапувањето кон ЕУ, патот до таму е исто толку важен колку и целта. Во тој процес, земјата треба да направи промени кон подобро.
Пред да влезете во дипломатијата, Вие бевте долгогодишен новинар. Па оттука е и моето следно прашање – како ја оценувате сегашната ситуација со Словенечката телеграфска агенција – СТА. Агенцијата пред неколку дена после речиси една година ја доби првата уплата со што е избегнат нејзин банкрот. Како сето ова влијае врз независноста на агенцијата?
Бев новинар 25 години, а една деценија директор на вториот најголем весник. Како главен уредник, отсекогаш имав добро искуство со СТА. Ја следам ситуацијата преку медиумите. Немам информации од внатре за проблемите помеѓу Владата и агенцијата. Откако претходниот директор поднесе оставка и беше назначен нов, за една недела беше потпишан договор со Владата. Не знам што се промени во меѓувреме и како беше можно да се дојде до договор само една недела по оставката на претходниот директор. Агенцијата сигурно нема да банкротира, веќе има разговори како да ги покријат долговите за 2021, а веќе има и преговори за договори за 2022. Половина од профитот на агенцијата е од пазарот, а другата половина од државата.
Не сум загрижен за иднината на агенцијата, не беше лесно за вработените таму, но верувам дека ова прашање ќе биде решено. Исто така, нема потреба од загриженост за медиумската слобода во Словенија. Загриженост треба да има кога сите главни медиуми во една земја се провладини. А во Словенија е токму спротивното. Сите главни медиуми, националната телевизија, главните приватни телевизии и сите дневни весници не може да се сметаат за провладини. Тоа е доказ дека медиумската слобода не е загрозена.
Од прва рака сум искусил притисок во различни периоди додека бев уредник на весник. Имаше периоди кога притисоците беа поизразени, исто така и периоди кога беа скриени, но секогаш имало, бидејќи политиката секогаш сака да има влијание во медиумите. Одговорот на тоа е – професионалност. Треба професионалност и не треба новинарите да се грижат што мислат политичарите за нивната работа. Ако сте убедени дека работите како што треба, зошто тогаш загриженост за тоа што мисли политичарот. Ако новинарите имаат обврска да се критични кон владата, тогаш и политичарите имаат право да бидат критични кон медиумите.
И не секоја критика на политичарите е критика на новинарите. Имам впечаток дека тоа се случува сега – штом политичарите изјават нешто околу медиумите, тоа се смета за напад на медиумите.
Бев новинар во поранешна Југославија, знаете како беше тогаш, беше потешко за тие кои размислуваат со своја глава.
Што значи да се биде професионален, одговорот е едноставен – факти. Многупати има сосема поинаква ситуација. Некои од моите поранешни колеги пишуваат коментари на искривени факти. Тоа не е професионално.
Се надевам СТА нема да биде веќе проблем и се надевам дека ќе има помалку политички активизам, а повеќе професионалност во новинарството.
Како ги оценувате досегашните билатерални односи меѓу Словенија и Северна Македонија? Дали има можности за зајакнување економската соработка?
Нема ниту едно отворено прашање во билатералните односи. И низ историјата, откако сме независни не сме имале каков било спор, што е доказ и дека се уште ќе имаме одлични односи. Во врска со економска соработка, поради ковид, трговската размена се намали, мислам дека имаше пад од шест отсто во 2020 во споредба со 2019. Се уште немаме податоци за 2021, но точно е дека од очигледни причини, нашите компании го намалија производството. Компаниите кои се тука, а ги има многу, се задоволни од бизнис-климата. Ако се зајакне владеењето со правото, ќе бидат и позадоволни.
Имаме силно присуство во финансискиот сектор во вашата земја. „Љубљанска банка“ е една од најголемите и најуспешни банки во земјава, нашите осигурителни компании имаат практично монопол во врска со пензиските фондови. Тоа значи дека луѓето тука имаат доверба во словенечките брендови. Важно е да имаме успешни фабрики тука, особено во региони каде има потреба од повеќе работни места.
Кога ќе почнете со преговорите, очекуваме интересот за инвестиции да порасне. Очекувавме тој да се зголеми со НАТО членството, но би рекол дека ова е и последица од ковид-кризата, бидејќи станавте членка баш за време на кризата и немаше време да се промовира. Исто така, членството во НАТО е и лиценца за безбедност, бидејќи тоа значи и безбедност на инвестициите. Покрај НАТО, пристапувањето кон ЕУ сигурно ќе го зголеми интересот на нашите компании за инвестирање. А би сакале и македонски инвестиции во Словенија, има неколку, но би можело и повеќе.
Има голем интерес за младите од земјава да студираат во Словенија. Дали има можности да се зголеми квотата за наши студенти кои сакаат да студираат таму? Колку студенти од земјава во моментов студираат во Словенија и кои факултети се најбарани?
Немаме точни податоци за оваа година, бидејќи почна во октомври, а за изминатата година имаме два вида на податоци – повеќе од 1.300 студенти од Северна Македонија студирале таму изминатата академска година. А според некои официјални податоци имало 200 помалку, не знам зошто толкава разлика. Тие се една од најбројните групи на странски студенти во Словенија и бидејќи не плаќаат школарина, за многу млади Македонци ако сакаат да студираат во ЕУ, наместо во некоја од земјите во западна Европа, може тоа да го направат во Словенија, бидејќи на пример нема голема јазична бариера.
Вашите студенти се почитувани во нашите факултети, бидејќи се мотивирани и посветени, го учат јазикот многу брзо и искрено посакуваме повеќе ваши студенти во Словенија.
Исто така, посакуваме и некои да се вратат од Словенија во вашата земја. Тоа е друг проблем, многу не се враќаат. Но, јас секогаш велам дека е поверојатно да се вратиш од Словенија отколку од Германија, Швајцарија или од Велика Британија.
Ќе ги охрабруваме нашите компании во Северна Македонија да им пристапат на добрите студенти уште додека студираат и да ги мотивираат да се вратат во Македонија и да работат за словенечките компании, бидејќи ги знаат двата јазика.
Имаме примери и дека тоа се случило. Директорот на „Перутнина Птуј“, еден од врвните брендови за пилешко месо, тој студирал во мојот роден град Марибор, таму и го запознав. Не знаев дека е вратен во Македонија.
Ова е т.н. „вин-вин“ ситуација, но за жал не е честа појава. Имаме измешани чувства – сакаме студенти од Македонија, добро се примени, но и што е поважно, одбираат да студираат онаму каде е потребен кадар, медицина, природни науки, и ова е придобивка од ваши студенти таму – избираат да студираат таму каде има недостиг на пазарот на труд. Особено бидејќи голем број од медицинскиот кадар оди да работи во Австрија или Германија.
Амбасадоре Предан, за крај, како Словенија се справува со новиот Ковид бран? Во Вашата земја имавте и масовни демонстрации против рестриктивните мерки за справување со пандемијата. Можете ли да направите паралела со справувањето со Ковид-19 во Северна Македонија и во Словенија?
Мора да признаеме дека ситуацијата со Ковид во Словенија не е добра. Има се уште голем број нови случаи. Изминативе месеци, бројките се движеа од 35 до 45 отсто на нови инфекции од тестираните, што е навистина голем број. Болниците се преполни со пациенти, особено со млади луѓе. Сега за сега, иако со големи потешкотии, болниците успеваат да се справат со притисикот. Зошто е тоа така – иако имаме многу вакцини, се уште имаме мал број вакцинирани. Ова не се само проблем во Словенија тоа е голем проблем во голем дел од Западна Европа. Имамвме и протести, не беа толку насилни како во некои други земји. Има силно антиваксерско движење. Ги зајакнавме рестриктивните мерки уште повеќе. Не одлучивме да има заклучување на општетвото како во Австрија и во Словачка. Најверојанто и нема поради економијата.
Ако ги погледмене бројките, општо земено, ситуацијата е подобра во Северна Македонија во моментов. Најважно е да може здравствениот систем да излезе во пресрет на потребите, може и да се очекува дека последиците од тие кои не сакаат да се вакцинираат да не бидат толку сериозни.
Бројката на инфицирани сега е стабилна, но сепак висока.
Би рекол дека повеќето општества се жртви на индивидуализмот. Нема да заборавам изјава на еден демонстрант на протест во Љубљана – за мене, поважна е слободата од здравјето. И се запрашувате – која е оваа логика. Треба да се запрашаме себеси – дали сме навистина центарот на универзумот и не покажуваме доволно солидарност. Едноставната вистина дека „моите права се секогаш ограничени за разлика од тие другите“. Откако ова ќе заврши, на што се надевам, имаме основа да го дискутираме ова.
Неда Димова Прокиќ
Фото: Фросина Насковиќ
Видео: Аслан Вишко