Ана ЦВЕТКОВСКА
-Вистинската слобода не се добива еднаш засекогаш, но со нејзиното освојување започнува постојана борба за нејзино зачувување. Затоа сите ние сме повикани одговорно да ја чуваме и нашата духовна, но и национална слобода, а нашиот подвиг за нејзино запазување, и трите Илиндени, се уште продолжува, порачува во екслузивното интервју за МИА, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија Георгиј.
Митрополитот Георгиј во првото интервју по официјалното преземање на оваа позиција ова го истакна упатувајќи порака за престојниот верски празник Свети Илија, но и државниот празник Илинден.
-Да се потсетиме дека свети Илија се борел за вистината, мирот и правдата, застанувајќи секогаш на страната на понижените и угнетените. Затоа и нашиот народ го чествува светиот пророк како симбол на борбата за правда и слобода. А вистинската слобода не се добива еднаш засекогаш, но со нејзиното освојување започнува постојана борба за нејзино зачувување. Затоа сите ние сме повикани одговорно да ја чуваме и нашата духовна, но и национална слобода, а нашиот подвиг за нејзино запазување, и трите Илиндени, се уште продолжува, вели Георгиј.
Митрополитот Георгиј дојде на упразнетото место во Дебарско-кичевската епархија по упокојувањето на митрополитот Тимотеј во ноември минатата година. Тој беше единствен кандидат за таа висока црковна позиција, кој на празникот Педесетница доби ново унапредување во монашки чин – игумен на церемонијата одржана во соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Отец Георгиј, поранешниот декан на Богословскиот факултет, Ѓоко Ѓорѓевски, се замонаши на 27 мај годинава, на 28 мај беше произведен за јероѓакон, а на 29 мај беше избран за јеромонах.
Тој во интерјуто за МИА говори за патот до митрополитската позиција, за која имаше критики дека мошне бргу ја минал. Вели за било кои патеки и скалила, важно е тие да се минуваат според правилата и прописите. Од друга страна, пак, додава, многу работи во животот се случуваат поинаку од она што го очекуваме или посакуваме.
Во интервјуто за МИА митрополитот говори и за преземањето на позицијата и предизвиците со кои се соочил, за прашањето за оданочување на верските заедници, за законот за верските средни училишта со кои на учениците ќе им се овозможи да полагаат државна матура и запишување на кој било факултет, за Климентовиот унивезритет, за социјалните медиуми…
Митропополитот Георгиј нагласува дека во моментов неговото внимание целосно е насочено кон црковниот живот во епархијата, кон потребите и проблемите, кон ограничувањата, но и кон можностите.
-Овде затекнав добро подготвено свештенство, но и ретко верен народ, народ кој живее црковно, народ кој ја сака и почитува Црквата. Овде се гледа оставштината на светите Климент и Наум, видливо е наследството на славната црква од Охрид низ вековите. Одговорноста е уште поголема затоа што Охрид е град – црква, сенародно светило и Божјо светилиште, нашиот лик преку кој светот не препознава, порачува тој во интервјуто за МИА.
Неодамна, на големите празници Петровден и Павловден се официјализираше вашето преземање на должноста митрополит на Дебарско-кичевската епархијa. Кои се првите предизвици со кои се соочивте?
-Како резултат на мудрото раководење од страна на претходниот надлежен архиереј Дебарско-кичевски, блаженоупокоениот митрополит Тимотеј, се соочив со средена епархија, посветено свештенство, бројно монаштво, верен народ. Во тек се првичните запознавања со состојбите во епархијата, посети на цркви и манастири, средби со претставници од црковните одбори, но најголемото внимание е посветено врз црковните богослужби. Претстои период на празници, веќе се закажани осветувања на завршени црковни градби, што значи дека ќе се продолжи со литургиски чествувања и посети на црквите.
Вашето назначување мина со одредени бранувања дека мошне брзо сте ги минале скалилата, од монах до архимандрит, но и со несогласувања и протести на приврзаниците на игуменот на Бигорскиот манастир, Партениј Епископ Антаниски, кои сметаа дека тој треба да биде назначен на таа позиција. Дали во меѓувреме стапивте во контакт со Партениј, кој сега е под ваша јурисдикација?
-За било кои патеки и скалила, важно е тие да се минуваат според правилата и прописите. Од друга страна, пак, многу работи во животот се случуваат поинаку од она што го очекуваме или посакуваме. Епископот антаниски Партениј е мој собрат во Христа, кому му благодарам за неговите честитки по повод синодската одлука за избор на митрополит, како и за неговото присуство, заедно со дел од неговото братство, за време на епископската хиротонија и интронизација. Ние, се разбира, се слушнавме, а наскоро и ќе се видиме.
Неодамна беше објавена базата на податоци „Верски имоти под лупа“ во која на едно место се ставени над 20.000 посебни парчиња имот со кои располагаат МПЦ-ОА и ИВЗ. Повторно се отвори прашање јавноста дали е потребно оданочување на верските заедници, кое е вашето мислење?
-Најнапред, потребно е да се истакне дека имотот на Црквата е заеднички народен имот на нејзините верници од даренија во минатото и денес. Тоа што го има, колку што го има е дополнителен показател за запазувањето и грижливоста на Црквата кон она што е заедничко и покрај многуте искушенија и тешкотии, за разлика од негрижата, продажбата и разнебитувањето на многу заеднички имоти, јавни претпријатија и општествени поседи на македонските граѓани во изминатите децении.
Од друга страна оданочувањето на Црквата како правен субјект, сметам дека е сложено прашање, првенствено поради комплексниот даночен систем во кој постојат различни видови на даноци во даночната политика на државата, но и спецификата на Црквата како правен субјект, за кој практично се неапликативни одреден вид на даноци.
Во таа насока најзначајно е да постои јасна и системски издржана правна рамка во однос на даночната основа, како и даночните ослободувања за верските субјекти. Еднаш донесен во инклузивна постапка и низ дијалог Законот, треба да се применува и не треба да биде предмет на чести измени и дополнувања кои предвидуваат дијаметрално спротивни решенија, што на крај секако резултира со низа недоследности. Црквата и сега плаќа различен вид даноци, а како и за сé друго негува конструктивен приод.
Според оваа база на податоци 68 отсто од сите имоги на МПЦ-ОА припаѓаат на Дебарско-кичевската и Препанско-пелагониската епархија, а според објавеното на сајтот на епархијата изминатите 40-50 години има видливи резултати на градежен план, изградени се околу 140 нови цркви и возобновени се повеќе манастири и манастирски конаци. Кои се вашите планови за одржување и надградување на ова духовно и национално богатство?
-Уште еднаш би нагласил дека сè што има Црквата е на народот, од народот и за народот. Сите цркви и манастири се од него градени, а ниту еден посед не е толку сенароден колку црковниот. Тоа посебно го знаат и чувствуваат луѓето во селата, каде животот во заедница, па и црковна, најјасно доаѓа до израз. Токму затоа и не престануваат градителските активности, затоа што народот знае дека создава и гради за себе, но и дека тоа што било подарено ќе остане и за следните генерации. Претходниот надлежен архиереј на Дебарско-кичевската епархија, блаженоупокоениот митрополит Тимотеј, беше познат по својата градителска ревност. Во негово време црквите, манастирите и конаците го сменија својот лик, целата епархијата се преобрази. Во периодот што следи најнапред и најважно е тоа што е наследено да се запази и да се унапреди, а дури потоа, врз основа на потребите и според можностите, да се започнат и нови градби со кои, преку црквата, верниците ќе можат меѓусебно да си помагаат. Постојано пред нас треба да ни бидат поуките на свети Климент кој постојано се грижел за беспомошните и онеправданите, потсетувајќи дека „никој не заминува од овој свет со богатството и со власта, туку сите го оставаме нашиот имот и заминуваме само со делата“, затоа што „вистинско богатство е тоа што го скриваме на небесата“.
До каде е процесот за отворање на Климентовиот универзитет?
-Според моите сознанија, по повремени застои, активностите поврзани со изградбата на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник се во тек. Досега главно вниманието беше посветено кон универзитетот како градежен комплекс, но, иако можеби е се уште рано, верувам дека веќе треба да се размислува за плановите, програмите, активностите, поедничени и заеднички за универзитетот. Посебно значајно го гледам местото на Богословскиот факултет, најдиректен продолжувач на тоа што на истото место свети Климент го изучувал и поучувал пред повеќе од десет векови.
Во вторникот заврши општата расправа по Предлог-законот за установи за средно образование на верските заедници со кој се предлага учениците од Богословското училиште „Св. Климент Охридски“ и од Средното теолошко училиште „Иса Бег“ да имаат право да полагаат државна матура и да се запишат на кој било факултет. Се појавика критики во јавноста дека ова решение е противуставно и дискриминирачко, дека е удар секуларноста на државата, се проблематизира и финансирањето на овие училишта. Кое е вашето мислење?
-Средното богословско училиште е основано уште во 1967 година во еден посебен систем со карактеристично уредување, кога религијата е потисната од државата. Денес велиме дека живееме во слободно демократско општество, но се почести и позасилени се обидите за ограничување и маргинализирање на верскиот израз, па и во однос на регулирањето на статусот на училиштето, прашање коешто неоправдано е оставено нерешено повеќе од една деценија.
Токму затоа загрижуваат тенденциозните обиди за неоправдани ограничувања во однос на новиот закон. На пример, за мене е сосема неразбирливо како Мрежата за заштита од дискриминација е против изедначувања на правата на учениците во верските училишта, иако тоа веќе јасно е одамна предвидено во Законот за верските заедници каде стои дека „верските образовни установи се изедначени со другите образовни установи и нивните ученици и студенти ги имаат истите права и обврски“. Односно, кого ќе го заштитиме од дискриминација со тоа што ќе ги дискриминираме овие ученици? Зарем не треба да погледнеме како тоа го имаат решено и другите секуларни европски држави? На пример, во европските, но нам блиски земји, Романија и Бугарија, секуларниот принцип не попречил средните богословски училишта да бидат целосно интегрирани во државниот образовен систем.
Предизивиците на нашето време меѓудругото се и интернетот, социјалните мрежи, вештачката интелигенција, кои сами по себе се неутрални, но човекот не е, па може да ги употреби или злоупотреби. Неодамна владиката Петар им забранил на свештениците од неговата епархија да поседуваат профили на социјалните мрежи. Дали е потребна забрана или поголема свесност?
-Секој надлежен архиереј постапува согласно проценката на состојбите во својата епархија. Инаку, секој дар, секоја придобивка, секој изум може да се користи и за добро, и за зло. Социјалните медиуми можат добро да послужат за пренесување на Христовата евангелска порака, но да бидат и моќна алатка за создавање поделби, површност во верата и отуѓеност меѓу луѓето. Токму затоа, употребата на овие платформи за црковна намена бара огромна одговорност и разумност.
Поделбите се карактеристика на овој свет, поделби има и во православниот свет, како до поголемо единство?
-Потребно е да се прави разлика меѓу поделби и различни ставови по определени прашања. Разговорите и опсудувањата отсекогаш биле составен дел од историјата на Црквата, а истите честопати се покажале дури и како многу полезни во изнаоѓање на најдобрите решенија. Најважно е притоа, и покрај различните пристапи или видувања по некои формални прашања, да е запази црковното единство. Синодот на нашата Црква го сочинуваат мудри, совесни и искусни владици, кои дури и да имаат различни мислења и ставови, за важните и одлучувачки прашања за Црквата секогаш биле единствени.
Наскоро престои празникот на пророкот Свети Илија, но и 2 август – Илинден, Денот на републиката, која е Вашата порака?
-Да се потсетиме дека свети Илија се борел за вистината, мирот и правдата, застанувајќи секогаш на страната на понижените и угнетените. Затоа и нашиот народ го чествува светиот пророк како симбол на борбата за правда и слобода. А вистинската слобода не се добива еднаш засекогаш, но со нејзиното освојување започнува постојана борба за нејзино зачувување. Затоа сите ние сме повикани одговорно да ја чуваме и нашата духовна, но и национална слобода, а нашиот подвиг за нејзино запазување, и трите Илиндени, се уште продолжува.
И за крај што за вас било или е најпредизвикувачки – да образувате млади кадри како професор на Богословија, да водите црковна дипломатија или да управувате со епархија во чиј состав има 14 општини, 5 градови и 262 села и во која се наоѓаат некои од највредните духовни бисери на Православниото христијанство?
-Првиот мој повик е учителскиот, и тој никогаш нема да згасне. Долгодецениската работа на нивата Господова како професор по Стар Завет ја сметам за голем дар којшто ми е дарен од Бога, зашто да се разговара за Светото Писмо со идните свештенослужители, монаси и богослови е токму тоа – голем дар од Бога.
Сепак, скорешно преземената одговорност не ми дава простор за избор. Моето внимание целосно е насочено кон црковниот живот во епархијата, кон потребите и проблемите, кон ограничувањата, но и кон можностите. Овде затекнав добро подготвено свештенство, но и ретко верен народ, народ кој живее црковно, народ кој ја сака и почитува Црквата. Овде се гледа оставштината на светите Климент и Наум, видливо е наследството на славната црква од Охрид низ вековите. Одговорноста е уште поголема затоа што Охрид е град – црква, сенародно светило и Божјо светилиште, нашиот лик преку кој светот не препознава.
Фото: Фросина Насковиќ