Крсте Петков Мисирков го стандардизира македонскиот јазик уште во 1903 година, тој не го измислува македонскиот јазик, ја прави научно аргументираната основа за формирање македонски литературен јазик и македонскиот стандардизиран јазик ја следи буквално истата методологија како кај сите други европски јазици. Значи, оваа книга само нè потсетува дека ние имаме многу подалечни корени и во извесна смисла дава научна аргументација и ги оспорува тврдењата дека ние сме измислена нација, а нашиот јазик е измислен по Втората светска војна – вели во интервју за МИА проф. д-р Ганка Цветанова, која неодамна ја издаде книгата – монографија „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: за македонскиот идентитет и за нацијата“. Цветанова, која е професор на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања, нагласува дека ние имаме континуитет и не сме творба од 1945 година, по Втората светска војна, како што некои сакаат да нè претстават.
– Значи, оваа моја книга, оваа моја студија, нè потсетува дека ние имаме еден континуитет. Ние не сме творба од 1945 година, по Втората светска војна, како што некои сакаат да нè претстават дека сме производ на комунистичката интернационала, на Југославија итн., дека со АСНОМ е измислен јазикот македонски. Не. Една нација не може да биде измислена бидејќи сите нации се социјални конструкции, како што кажав, потребна им е современа држава за тие да се артикулираат, но не е возможно една нација да се формира и да се артикулира ако претходно не постои чувство за заедничка припадност, заеднички јазик, кој го говориме, ако не постои заедничка култура, што ја споделуваме, ако немаме заедничка кауза, наратив, волја, политичка свест, колективна свест, сето тоа е впишано и како код го пренесуваме од Мисирков – вели проф. д- р Цветанова.
Јас, потенцира таа во интервјуто за МИА, само потсетив преку ова дело на она што Мисирков го кажува уште во 1903.
– Тој го стандардизира македонскиот јазик. Тој не го измислува македонскиот јазик. Тој го стандардизира, ја прави научно аргументираната основа за формирање македонски литературен јазик и македонскиот стандардизиран јазик ја следи буквално истата методологија како кај сите други европски јазици бидејќи сите стандардизирани јазици се полувештачки конструкции, односно се земаат неколку наречја како едно наречје врз кое ќе се гради литературниот јазик и тоа станува обединувачки фактор. Значи, оваа книга само нè потсетува дека ние имаме многу подалечни корени и во извесна смисла дава научна аргументација и ги оспорува тврдењата дека ние сме измислена нација, а нашиот јазик е измислен по Втората светска војна. Впрочем, книгата се вика „За македонските работи“ – рече проф. д-р Цветанова.
Во продолжение во целост ви го пренесуваме интервјуто со проф. д-р Ганка Цветанова:
Професорке Цветанова, деновиве беше промовирана Вашата последна книга „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: за македонскиот идентитет и за нацијата“. Како се роди Вашиот интерес да ги истражувате делото и оставината на Мисирков, кои за Македонците имаат особено значење?
Најнапред Ви благодарам за поканата и можноста да споделиме за оставината на Мисирков и тоа во годината кога се одбележува од неговата смрт, од неговото заминување. Точно е дека Мисирков е една од најзначајните фигури во македонското национално осознавање, во процесот на осознавањето. Тој бил истакнат филолог, истакнат славист, етнограф, публицист, но оваа студија, која во суштина е научно-истражувачка студија, нуди едно поинакво читање на Мисирков од социолошка перспектива и целта на оваа студија беше, нели не на самиот почеток од истражувањето, но како што истражував доаѓав до тој заклучок дека во суштина Мисирков е зачетник на македонската социолошка мисла и во таа смисла би можело да се каже дека е дури и основоположник на македонскиот социолошки дискурс или барем на раната форма на македонскиот социолошки дискурс. Како дојде до ова истражување? Пред шест години бев поканета од страна на академик Ќулавкова да партиципирам во еден научно-истражувачки проект во рамките на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) посветен на Македонското научно литературно другарство формирано во Петерсбург во 1902 година и кое се смета за основоположник на МАНУ иако се уште не е официјализирано и мислам дека МАНУ треба во таа смисла многу брзо да реагира. Мисирков е еден од потписниците и основоположниците на ова друштво и мене всушност ми беше доделен да го истражувам делот за улогата на Мисирков. Инаку по вокација јас сум политички социолог, иако кариерата ја започнав и првичното образование ми беше на Музичката академија, бев и професор но потоа влегов во политиката. Фокусот малку се помести кон политичките случувања, социологијата, поконкретно политичката социологија и мојот докторат е базиран токму на идентитетска прашања, на прашањата од областа на нацијата, на национализмот, значи имам една теориска поткованост за овие прашања и како што се занимавав со улогата на Мисирков, морав нели да го анализирам и делото на Мисирков, бидејќи книгата „За македонските работи“ има пет статии, четири од тие статии се всушност презентирани од страна на Мисирков на состаноците на Македонското научно литературно другарство во Петерсбург, што значи дека јас морав да го проучам и да го анализирам неговото дело. Како што навлегував во анализа на неговото дело почнав да осознавам дека во суштина има многу социолошка димензија во самото дело.
Тоа е моето следно прашање. Врз основа на кои истражувачки факти ги базирате вашите тврдења што се однесуваат на социолошката перспектива на Мисирков?
Мисирков во своите првични публикации како што е книгата „За македонските работи“, но и во неговите подоцнежни текстови што ги публицира, оние особено пред неговата смрт во крајните години од неговиот живот, во суштина отвора прашања кои се суштински за социолошката мисла, но тој не само што ги отвара овие прашања, туку тој ги елаборира низ една социолошка и антрополошка призма. На пример, тој дава неверојатна дефиниција во 1902-та година за народот. Што е тоа што народот го прави едно цело, и тоа ја дава во духот на дефиницијата на Ренан за нацијата, дека народот е едно цело, пред се, заради чувството на заедничка припадност што членовите на таа заедница го поседуваат, кои се тие елементи што го овозможуваат тоа чувство на заедничка припадност тоа се јазикот, културата, колективната меморија, културната традиција… Тој овие поими на свој начин ги дефинира. Тоа се суштински теми за социологијата. Потоа тој се осврнува на релацијата на односот помеѓу поединецот и заедницата. Тоа е суштинско прашање за социологијата. Говори за социјалните врски помеѓу членовите на заедницата, говори и за народните идеали. Тоа е и во извесна смисла може да се препознае или да се направи паралела дури и во Диркемсова смисла, паралела со делото на Диркем каде што тој говори за колективната свест како еден компас за поединците во смисла на нивното морално однесување во рамките на заедницата и што е тоа што тие треба да го направат како долг за заедницата. Тоа истото го говори и Мисирков за народните идеали дека тие со текот на времето се менуваат и треба секогаш да се следат во функција на развој, на културата, на науката и политичкиот развој на… на самиот почеток на својата публицистичка кариера вели народноста, но во подоцнежните години тој експлицитно говори за нација.
Колку овие дефиниции на Мисирков од тоа време се совпаѓаат или можеби доаѓаат во одредени корелации со модерните научни тврдења што се поврзани со народ, со нација, со идентитет… Како вие гледате на тоа вкрстување на овие дефиниции?
Токму така, вкрстување. Значи, како аналитичка рамка за социолошкиот дискурс на Мисирков за неговите теориски концепции, мене ми послужија модернистичките теории за нацијата и национализмот, кои теориски се конципирани и артикулирани некаде кон крајот на 20 век. Значи тоа се некаде 80-тина години пред публицирањето на неговата прва книга „За македонските работи“. Во таа смисла јас воспоставувам еден дијалог помеѓу модернистичката парадигма и помеѓу теориските концепции на Мисирков, но не за да ги склопам во границите на модернистичките теории туку напротив да потенцирам и да осветлам дека неговите теориски концепции се многу далекусежни, значи датираат 80 години пред етаблирањето на оваа модернистичка парадигма за нацијата и национализмот и во суштина тој на извесен начин ги антиципира и неговите согледувања стануваат централни во модернистичките теории. Инаку во модернистичките теории битно е да се напомене, нацијата не е дадена еднаш засекогаш, ниту пак постоела отсекогаш. Таа е феномен на модерноста и е социјална конструкција која настанала како резултат на политичките, културните, општествените промени. Тоа на многу сличен начин го елаборира и самиот Мисирков во „За македонските работи“ публицирани, ќе повторам во 1903-та година.
На самиот почеток, во првото прашање кога ја претставувате вашата нова книга, ја повикавте МАНУ и кажавте дека Мисирков е еден од зачетниците на нашата општествена и научна мисла. Врз основа на кои сознанија ги темелите овие ваши ставови?
Тоа е да речеме, да не се повторувам, го кажав тоа и во претходниот одговор кои се тие социолошки аспекти што Мисирков ги опфаќа во своето дело. Инаку, е битно да се каже дека Мисирков вели науката и литературата се најзначајниот фактор за развојот на еден народ. По степенот на развојот на науката и на литературата на еден народ, народите се делат на културни и некултурни. Културните владеат, некултурните робуваат. Значи тој бил свесен дека само умствено и морално и научно и културно издигнати народи можат да се носат со сериозни прашања, во смисла на опстанокот на самобитноста на еден народ, на една нација, но и опстанокот на државата. И во таа смисла исто има една паралела во однос на Мисирков и неговите залагања за автономија на Македонија. Значи тој самостојноста на Македонија, како политичка единица, како политичка современа држава, ја гледал во зависност од историскиот контекст во различни форми, некогаш говорел за автономија во рамките на отоманската империја, некогаш говорел за федеративна единица во рамките на Југославија, потоа зборува за самостојна држава… Е сега која е врската или паралелата со модернистичките согледувања. Модернистите опстанокот на нацијата го доведуваат во прашање со опстанокот и постоењето на современата држава, бидејќи една нација може да се артикулира само доколку претходно има востановена и етаблирана држава со сите институции…значи образовни, општествени, научни… Само на тој начин нацијата може да се впише во историскиот континум, но и во меѓународниот поредок и токму затоа ако постои една константа во мисловниот корпус на Мисирков, тоа е автомијата за Македонија, но не автономија само како политичка цел за себе туку автономија во функција на опстанокот на македонската самобитност бидејќи тој преку автономијата го гледа културниот, научниот подем на македонскиот народ, но говори и за македонската преродба која е можна само доколку имаме независна политичка единица.
Ако се навратиме на книгата „За македонските работи“ на Мисирков ќе видиме дека се уште се „живи“ одредени негови тврдења кога станува збор за Македонците и односите со соседите, но и други центри. Борбата за зачувување на нашиот идентитет никогаш не запрела и таа како да се интензивира. Колку ова ново читање на Мисирков може да придонесе за наше своевидно повторно себепознавање како Македонци во нашата актуелна и и идна „борба“ за зачувување на нашата култура, традиција, јазик…?
Колку моето дело може…јас мислам повеќе делото на Мисирков „За македонските работи“ и неговата мисла интензивно комуницира со современите актуелни состојби. Уште е релевантна „За македонските работи“, но што е битно во делото на Мисирков…
Акцентот ми беше на ново читање кое вие го гледате низ вашата перспектива.
Значи оваа моја книга, оваа моја студија не потсетува дека ние имаме еден континуитет. Ние не сме творба од 1945-та година, после Втората светска војна како што некои сакаат да не претстават дека сме производ нели на комунистичката интернационала, на Југославија итн, дека со АСНОМ е измислен јазикот македонски. Не. Една нација не може да биде измислена, бидејќи сите нации се социјални конструкции, како што предмалку кажав потребно им е современа држава за тие да се артикулираат, но не е возможно една нација да се формира и да се артикулира ако претходно не постои чувство за заедничка припадност, заеднички јазик кој го говориме, ако не постои заедничка култура која што ја споделуваме, ако немаме заедничка кауза, наратив, волја, политичка свест, колективна свест, сето тоа е впишано и како код го пренесуваме од Мисирков. Јас само потсетив преку ова дело тоа тоа што Мисирков кажува уште во 1903-та. Тој го стандардизира македонскиот јазик. Тој не го измислува македонскиот јазик. Тој го стандардизира, ја прави научно-аргументираната основа за формирање на македонски литературен јазик и македонскиот стандардизиран јазик ја следи буквално истата методологија како кај сите останати европски јазици, бидејќи сите стандардизирани јазици се полувештачки конструкции, односно се земаат неколку наречја како едно наречје врз коешто ќе се гради литературниот јазик, и тоа станува обединувачки фактор. Значи оваа книга само не потсетува дека ние имаме многу подалечни корени и во извесна смисла дава научна аргументација и ги оспорува тврдењата дека ние сме измислена нација, а нашиот јазик е измислен после Втората светска војна. Впрочем, книгата се вика „За македонските работи“.
Вашата студија допрва ќе се чита и ќе се проучува не само од научната јавност кај нас, туку и пошироко, а имајќи ја предвид содржината, од она што можев да го погледнам, ќе биде четиво и за студентите на повеќе катедри на универзитетите и други заинтересирани граѓани. Кои делови од оваа студија вие лично би ги издвоиле како особено важни?
Јас како го истражував делото на Мисирков, наоѓав постојано нови димензии и наоѓав негови антрополошки размислувања, согледувања. На пример, тој дава една чисто антрополошка дефиниција за јазикот во книгата „За македонските работи“. Значи за него јазикот не е само средство за комуникација, туку јазикот е начин на кој ние ги пренесуваме нашите чувства, комуницираме со јавноста, но во јазикот е содржано целокупното наше културно наследство и колективна меморија. Затоа тој вели, ако еден човек се откаже од својот јазик значи дека тој се откажува од самиот себе. Се откажува од сопствениот идентитет. Значи тој јазикот го дефинира како најзначајна одредница на културниот идентит и тоа е чисто антрополошка дефиниција за јазикот, пто мене ме фасцинираше. Кој е оној дел што мене многу ми се допаѓа? Тоа е делот за стандардизацијата на македонскиот јазик, но не стандардизацијата на македонскиот јазик како филолошки проект, туку како политички проект. Што е тоа што тој прави со стандардизацијата на македонскиот јазик. Тој го дава изворот и основата на македонската нација и на нејзината политичка легитимност во далечната 1903-та година. Во таа смисла тој дел ми е фасцинантен, и секогаш кога ќе ни кажат јазикот ви е измислен со указ на АСНОМ може да кажеме не, јазикот наш е стандардизиран во 1903-та година и кој е тој дел што уште ме фасцинира… Тука би направила уште една паралела со модернистичките толкувања и согледувања за нацијата. На пример еден од најзначајните теоретичари модернистички Бенедикт Андерсон оваа теорија ја темели на културните ресурси, поточно на стандардизираните јазици. Тој вели зачетокот, контурите на национализмот, почнале и формирањето на нацијата, бидејќи национализмот е проект за формирање на нацијата, започнале оној момент кога започнала стандардизацијата на говорните наречја. Значи, што се случува, оној момент кога Мисирков го стандардизира македонскиот јазик, тој истовремено ги отцртува контурите на процесот на формирање на македонската нација. И тоа е оној момент што мене ме фасцинира и што треба уште повеќе да се истражува бидејќи на тој начин, повторно ќе повторам и секогаш треба тоа да го повторуваме, на тој начин тој и го дава изворот и основата на политичката легитимност на македонската нација. Но, се случува уште нешто. Давајќи го литературниот македонски јазик, стандардизацијата, фактички тој инсистира да се пишуваат дела на современ македонски литературен јазик и да се збогатува нашата наука и литература на македонскиот стандардизиран јазик. На тој начин тој упатува да создадеме високо стандардизирана култура базирана на писменост и образование, а образованието и писменоста треба да бидат базирани на стандардизиран литературен македонски јазик. И тоа е она што да речеме Гелнер, еден друг модернист цели дека најзначајното идентитетско обележје или срцевината во идентитетот на секој поединец е високата стандардизирана култура со која што во денешно време поединецот се идентификува. Тоа е нашата македонска литература, книжевност, сликарство, музиката итн. Значи Мисирков инсистира и упатува апел до интелегенцијата, до македонската интелегенција да создаваат научна литература и книжевни дела на македонски јазик и на тој начин да направат фактички фонд околу кој македонскиот народ ќе се обедини, но и со кој македонскиот народ и ќе се идентификува.
Во чии архиви треба да ги продолжиме истражувањата?
Веќе го спомнавте Санкт Петерсбург и некои научници пред вас го споменуваа. Знаете јас не сум историчар иако секој социолог мора да владее со историјата и секој историчар мора да ја разбира социологијата, ако не да ја владее барем да ја разбира. Но, тоа вчера го спомена и академик Ќулавкова дека треба се уште да се истражуваат архивите во Петерсбург. Можеби во Софија архивите. Не знам што кријат таму. Но, еве тоа нека остане за историчарите. Што ќе откријат ние ќе анализираме и ќе го ставиме во функција на македонската наука.
Што е вашиот следен научен предизвик?
Убавината во научно-истражувачката работа е кога ќе започнете со едно истражување, имате некоја теза, почнувате. Имате некоја цел, но истражувањето ве води по некоја друга патека. Почнав да ја истражувам неговата улога, стигнав до неговиот социолошки дискурс. Не би знаела што би било следното, но јас имам и тековни истражувачки проекти на коишто работам. Повторно најголем дел од нив се врзани со македонското прашање и македонскиот идентитет. Имам и некои други апликативни проекти на кои што работам, за македонската култура, за современата македонска култура, управувањето со културата итн. Се надевам дека ќе произлезе од некои од овие истражувања, може не вака, може е нескромно, јас да ги кажам, капитално дело, но некои нови научни согледувања секако ќе произлезат.
Елизабета ВЕЉАНОВСКА НАЈДЕСКА за МИА




