Рускиот претседател Владимир Путин порача дека 99,9 отсто од Русите се подготвени да ги ризикуваат своите животи за доброто на Русија, изјави Путин во интервју со новинарот Павел Зарубин на телевизискиот канал Русија 1.
Рускиот лидер кажа дека се уверил во лојалноста на својот народ во последните неколку месеци, но и „низ целата историја на постоењето на Русија“, пренесува ТАСС.
– Што се однесува до мнозинството, 99,9 отсто од нашите граѓани, нашите луѓе кои се спремни да жртвуваат сè за татковината, тоа не ми се чини необично. Но тоа уште еднаш ме уверува дека Русија е посебна земја и дека има посебни луѓе, рече Путин.
На прашањето за оние кои избегаа од државата за време на делумната мобилизација, Путин рече дека „не се вистински патриоти“, но истакна дека „имаат право на слобода на изборот“.
– Нема ништо изненадувачко во фактот дека некои луѓе не се однесуваа како вистински патриоти бидејќи во секое општество секогаш постојат луѓе кои размислуваат за своите интереси, односно своите планови. Да бидам искрен, не ги осудувам. Секој има право на слобода на изборот, додаде рускиот претседател.
Путин за конфликтот во Украина го обвини Западот, поради уривањето на претседателот Виктор Јанукович од власта со протестите на Мајдан, главниот плоштад во Киев.
– Тоа е основната политика на нашите геополитички противници од Западот, насочена на распарчување на Русија, историска Русија, рече Путин.
На прашањето дали се заканува геополитички судир со Западот на опасно ниво, тој кажа: „Не мислам дека е толку опасно“.