Лидија ВЕЛКОВСКА

Со новиот закон за работни односи, кој е во подготовка, се уредува работата од дома, од далечина, онлајн-работата, а се предвидува и флексибилно работно време за родители со мали деца, најавува заменик-министерот за економија Марјан Ристески во интервју за МИА.

– Ќе биде адаптиран на модерниот начин на живеење и работа на граѓаните, особено на младите во Македонија, кои не сакаат стандардизирано работно време од осум часа како што е сега. Со поголемата флексибилност дадена во овој закон се надевам дека и работодавачите ќе може многу полесно да најдат и работна сила на пазарот на труд. Од друга страна, пак, со одредени доквалификации, доедукација на невработените лица на пазарот на труд, преку оперативниот план што го подготвуваме, гледаме да создадеме конкурентна работна сила, која ќе може да се приспособи на новите предизвици и на новиот закон за работни односи, вклучувајќи го тука и ИТ-секторот како еден од позастапените во ова поново модерно време – вели Ристески.

Во однос на влијанието од воениот конфликт на Блискиот Исток врз економијата, порачува дека нема потреба од паника и најавува мерки за што помал удар од зголемувањето на цената на енергентите во формулирањето на цените на другите производи.

– Воениот конфликт во Иран навистина прави тектонски потрес на економијата во светски размери бидејќи Иран е еден од главните играчи во производството и дистрибуцијата на нафта во светот. Ние сме мала увозно зависна држава, особено увозно зависна од разни енергенти, нафта. Сметаме дека можеби ќе има некое влијание сето ова, меѓутоа да оставиме како ќе се одвиваат понатаму процесите поврзани со воениот конфликт сметајќи дека бргу ќе биде завршен. Доколку не, тогаш она што ќе биде како светска политика во надминувањето на оваа криза ќе треба и ние да го прифатиме со одредено адаптирање на нашата економија, со цел да имаме помал удар врз зголемувањето на енергентите во формулирањето на цените на производите – домашните производи, увозните производи, оние што ги извезуваме од Македонија – вели Ристески во интервјуто.

Заменик-министерот за економија најавува дека казните за трговците за загрозување на фер трговијата и граѓаните може да достигнат и до 400.000 евра, како и дека ќе има казни и за доставувачите, кои ја прифаќаат нефер играта на трговците.

Според него, прашањето за минималната плата станало политичко, но посочува дека секогаш се подготвени да разговараат во насока на заштита на животниот стандард на работниците.

– Треба да внимаваме. И ние сме на ставот да има зголемување на платите, да се подобрува животниот стандард, но кога има вакви ад хок барања од одредени синдикати и со одредена доза политика и за неприродно зголемување на минималните плати, и синдикатите и сите треба да одговориме на неколку битни прашања. Колку таквото зголемување на платите најмногу ќе ги погоди трудоинтензивните дејности, како што се текстилната и кожарската индустрија, најмногу ги погодува микропретпријатијата со неколку вработени или занаетчиите, колку од нив ќе бидат затворени, дали зголемувањето на платите ќе значи отпуштање вработени од одредени сектори, дали зголемувањето на минималните и на другите плати на ваков неприроден начин ќе биде вкалкулирано во цената на крајниот производ и ќе ја подгрее инфлаторната спирала – наведува Ристески, кој одговара и на прашања за просечната потрошувачка кошничка, измените на Законот за забрана на нефер трговските практки, примената на Законот за работно ангажирање лица…

Во продолжение интервјуто во целост:

Господине Ристески, разговараме во пресрет на седницата на Економско -оцијалниот совет, но претходно да комeнтираме кој е Вашиот став за влијанието на најновите случувања со воениот конфликт на Блискиот Исток и порастот на цените на нафтата врз домашната економија? 

– Воениот конфликт во Иран навистина прави еден тектонски потрес во економијата во светски размери бидејќи Иран е еден од главните играчи во производството и дистрибуцијата на нафта во светот. Ние сме мала увозно зависна држава, особено увозно зависна од разни енергенти, како нафта. Сето ова можеби ќе има некое влијание, но да оставиме да видиме како ќе се одвиваат понатаму процесите поврзани со воениот конфликт сметајќи дека бргу ќе биде завршен. Доколку не, тогаш она што ќе биде како светска политика во надминувањето на оваа криза ќе треба и ние да го прифатиме со одредено адаптирање на нашата економија, со цел да имаме помал удар врз зголемувањето на енергентите во формулирањето на цените на производите – домашните производи, увозните производи, оние што ги извезуваме од Македонија.

Како поконкретно ќе се реагира за заштита на стандардот на граѓаните од тој потенцијален поголем раст на цените? 

Пред сè, да се надеваме, како што кажав, дека конфликтот ќе заврши бргу и режимот во Иран ќе падне побргу, ќе се воспостави управување на оваа држава на демократска основа со помош на нашите сојузници – Соединетите Американски Држави и сите што се сојузници на таа страна во овој конфликт. Секој конфликт, особено во земји што се глобални играчи во политиката со енергентите во светот, како Иран, создава поголеми тектонски движења. Вчера имаше седница на Советот за безбедност кај претседателката и сигурно се разговараше и за идни, да речам, влијанија врз македонската економија и кои чекори ќе бидат преземени понатаму, ќе ѝ бидат соопштени на македонската јавност. Јас би упатил само едно смирување засега кај граѓаните – нема потреба од одредена паника. Ќе гледаме преку разни мерки понатаму, кои ќе следуваат, да се регулира цената на енергентите, која е еден од главните инпути во составувањето на цената на производите, со цел да не се создаде поголема инфлација, раст на цените и поткопување на животниот стандард на граѓаните и нивната куповна моќ. Како Министерство за економија и труд, но и Владата, ја следиме будно состојбата и јавноста навремено ќе биде избвестена за сите мерки што ќе ги преземеме.

Тоа е новиот геополитички контекст, а домашната реалност е дека во периоди пред празници и во тек на празниците граѓаните се соочуваат со повисоки цени на храната. Како ќе ги заштитите од такви нови поскапувања? 

– Ова, сепак, не влијае на Македонија на целиот тој процес. Ние сме мала држава, увозно зависна, и ваков конфликт нормално е да има не само светски потреси, поранливи се секако покревките економии како што е нашата македонска економија. Меѓутоа, од она што значи заштита на граѓаните, покрај овој конфликт со Иран, како Министерство за економија и труд правиме крајни напори цените во маркетите и на пазарите да останат стабилни, особено на основните производи за граѓаните. Преку редовните контроли на Државниот пазарен инспекторат, преку влијанието на Комисијата за заштита на конкуренцијата, која исто така ревносно работи на сузбивањето на нефер трговиите предвидени во Законот за забрана на нефер трговските практики, преку зголемена транспарентност на цените на маркетите и другите владини политики, како што се поголемите инвестиции, подобрување на економската состојба, постепено зголемување на платите на граѓаните, очекуваме да имаме стабилизирачка година. Инфлацијата да се доведе на минимално ниво, од 2,5 до 3 проценти е предвидувањето и на Народната банка и на Владата на Република Македонија, и мислам дека сме на добар пат бидејќи и последниот месец имаме благо намалување на инфлацијата од 0,7 проценти. Се надевам дека во наредниот период тој тренд на намалување на инфлацијата ќе биде задржан доколку не се прошири воениот конфликт, на што не можеме да влијаеме. Оваа граница на европска висина на стандард на инфлацијата, бидејќи блага инфлација значи и развој на државата од 2,5 до 3 проценти, што е и економски оправдано, ќе гледаме да ја задржиме во наредниот период и со тоа нормално да го заштитиме животниот стандард на граѓаните.

Ќе разговарате ли со социјалните партнери за влијанието на најновите случувања? 

– Ќе се дискутира на повеќе теми. Една од темите е новата просечна потрошувачка кошничка, која треба да се пресметува во наредниот период; исто така, извештај од страна на инспекторатите, кои редовно работеа во претходниот период и тие се дел од „виновниците“ за заштита на стандардот на граѓаните бидејќи ние имаме секогаш добра информација од терен, од маркетите, од пазарите, како се движат цените, дали има нефер трговски практики во тоа движење на цените, дали има картелско здружување, како што имаше во минатиот период, каде што одредени картели беа казнети итн. Целта е да обезбедиме стабилизација на цените и да овозможиме попредвидлива економија во текот на оваа и наредните години. Меѓутоа, не е исклучено, на дневен ред честопати се поставуваат и други точки, кои тогаш на самата седница може да бидат побарани од страна на сите овие партнери, да бидат ставени и изгласани.

Дали повторно ќе се отвори прашањето за минималната плата?

– Тоа прашање стана некако политичко иако сметам дека треба да биде повеќе економско прашање. Меѓутоа, ние секогаш сме транспарентни и подготвени да разговараме за платите во Македонија вклучувајќи ја и минималната плата како една од категориите на целокупните плати и платежен систем во исплата на плати, особено во заштита на животниот стандард на работниците. Владата како работодавач си ја заврши својата домашна работа со синдикатите во претходниот период. На над 100.000 вработени сме им директни работодавачи. Тука направивме комплетно подобрување на системот на зголемување на платите, кој бил запоставен во претходниот период и се јавува голем диспаритет кај платите во разни министерства и институции. Претходно, имавме зголемување во образованието, здравството, полицијата, армијата. Сега и оние 11.000 вработени во администрацијата, кои не беа опфатени со овие колективни договори што ги имаше на ниво на гранка или институција, се опфатени со наредното 40-процентно зголемување на платите во јавната администрација преку потпишување колективни договори на ниво на работодавач. А во меѓувреме, со двата репрезентативни синдикати, КСС и ССМ, ќе дискутираме и за измени на Општиот колективен договор во јавниот сектор, кој е веќе изминат, но сметаме дека има простор и шанса да се направат одредени промени, да донесеме многу подобар, поквалитетен општ колективен договор во јавниот сектор, кој ќе овозможи поголема заштита на вработените во јавниот сектор и јавната администрација. За преостанатите над 600.000 вработени,  каде што работодавач е приватниот сектор, остануваме на ставот дека не треба да се интервенира политички од страна на Владата како што било во претходниот период, да наметнуваме неприродно зголемување на платите надвор и покрај онаа утврдена формула во Законот за минималната плата, на која потпис ставиле трите договорни страни во овој трипартитен договор (синдикатите, работодавачите и тогашната влада) – да не се излегува од таа формула со цел да не се наруши целокупната економска состојба во Македонија.

Меѓутоа, ние повторно даваме простор во однос на рамките и можностите од приватниот сектор. Она што може да го договорат ние како Влада ќе го почитуваме и ќе го прифатиме на наредниот Економско-социјален совет доколку има таков договор надвор од Законот за минималната плата и равенката, односно формулата за пресметување плати. Сè додека е така, важи оваа формула. Во текот на овој месец ќе имаме порамнување на минималната плата, која е добро дефинирана: 50 проценти од инфлацијата од претходниот период (просек земен) и трошоците од просечната исплатена плата за претходната година и да не е помала од 57 проценти од просечната исплатена плата минатата година спрема Државниот завод за статистика.

Треба да внимаваме. И ние сме на ставот да имаме зголемена плата, да се подобрува животниот стандард, но кога имаме вакви ад хок барања од одредени синдикати, во кои има, да речам, и одредена доза политика, доза неприродно зголемување на минималните плати, да одговорат синдикатите и сите ние да одговориме на неколку битни прашања. А тоа се: колку таквото зголемување на платите најмногу ќе ги погоди оние трудоинтензивни дејности, како што е текстилната, кожарската индустрија; најмногу ги погодува оние микропретпријатија со неколку вработени или занаетчиите; дали од нив ќе има затворени, колку компании ќе бидат затворени; дали зголемувањето на платите ќе значи отпуштање вработени од одредени сектори во Македонија; дали зголемувањето на минималните и на другите плати на ваков неприроден начин ќе биде вкалкулирано во цената на крајниот производ, ќе ја подгрее онаа инфлаторна спирала во Македонија и на крајот повторно таквото неприродно зголемување на платите ќе создаде економски потреси, кои, на крајот на краиштата, пак ќе го платат граѓаните од својот џеб, со намален животен стандард, намалена куповна моќ и, секако, други подолгорочни економски последици, од кои потешко потоа се излегува. Бидејќи со една таква политика во минатото, ние и ден-денес имаме одредени турбуленции што мора да ги стабилизираме во овој период и да дадеме една предвидливост и предвидлива рамка во развојот на економијата, а со тоа и на платите во Република Македонија.

На дневен ред на седницата е и просечната кошничка што ја најавивте. Кога очекувате да почне нејзината примена и што ќе значи тоа за граѓаните? 

Па просечната кошничка, првпат по 15 години, ќе ја пресметува официјална институција, а тоа е Министерството за економија и труд. Се пресметувала до 2009/2010 година од Државниот завод за статистика, меѓутоа, за жал, од тогаш немаме официјална просечна потрошувачка кошничка, која ќе даде одредена рамка за понатамошни економски политики, стратегии, носење закони за зачувување на животниот стандард. Сега ја имаме само синдикалната, која ја пресметува едниот од синдикатите, ССМ, и таа е, да кажам, ниту минимална ниту синдикална. Тоа го потврди и господинот Никола Попоски, кој е еден од нејзините креатори, како ја нарекуваат синдикална минимална кошничка, бидејќи има параметри што не се ниту синдикални ниту минимални за потребите на живот на едно просечно македонско семејство. Меѓутоа, од денес, со изгласување на оваа просечна потрошувачка кошничка, ќе имаме навистина пресметување на една реална потрошувачка кошничка за четиричлено просечно македонско семејство, со добиени податоци од страна на релевантни институции во Македонија, а тоа се Државниот завод за статистика, тука исто спаѓа и Државниот пазарен инспекторат, меѓутоа ќе се користат и податоци од Земјоделскиот пазарен информативен систем за движење на земјоделските производи и овошјето на разни пазари. Ќе бидат земени цените од шест големи синџир-маркети во Македонија, кои се главни играчи и креатори на цените во 70 проценти од цените на производите, особено за животните потреби за едно просечно македонско семејство, и два локални синџир-маркети, како и од разни зелени пазари од повеќе региони. Оваа просечна потрошувачка кошничка ќе се пресметува за четиричлено семејство. Нема да се пресметуваат алкохолот и цигарите и тутунот како акцизни стоки бидејќи сметаме дека тоа не е потреба, туку луксуз. И исто така нема да се пресметува станарината бидејќи со последниот попис од 2021 година 90 проценти од граѓаните се изјасниле дека имаат сопствен дом, односно не плаќаат кирија, и тоа не може да се земе како трошок. Во однос на „синдикалната минимална кошничка“ со која прават одредени синдикални политики, притисок на јавноста и Владата за да ги зголемуваат неприродно платите во Македонија, оваа кошничка ќе се пресметува од релевантни институции и релевантни показатели за целиот месец. Синдикалната, или минимална кошничка, како што ја нарекуваат, се пресметува на 20-ти од месецот, не се зема комплетно целиот месец. Се земаат одредени земјоделски производи, овошја што не се карактеристични за периодот. Станарината е опфатена. Не се земени цените од повеќе маркети, само од неколку, и тоа повисоки цени на земјоделските производи и така натаму. Ниту е конкурентна оваа на нивната синдикална кошничка ниту сакаме да направиме конкурентност. Едноставно, сакаме да имаме официјална државна просечна потрошувачка кошничка пресметана од страна на Министерството за економија и труд. И од страна на оние податоци што ќе ги добиваме да можеме да градиме исправни и предвидливи економски политики, стратегии, да донесуваме квалитетни закони во донесување на животниот стандард. Синдикалната и минималната кошничка што ја презентираат е исклучиво политички инструмент за вршење притисок врз јавноста и Владата од страна на еден од синдикатите со цел да бараат и неприродно зголемување на платите. Во формулата што ја договориле претходно не е опфатен еден од главните елементи, а тоа е продуктивноста, што како економски елемент во раст на платите во која било држава се зема како еден од клучните елементи, односно треба да биде земен предвид.

Најавени се промени во Законот за забрана на нефер трговските практики.  За што поконкретно станува збор? 
Законот за забрана на нефер трговските практики е револуционерен, првпат се спроведува и на долг рок ќе даде одредено стабилизирање на цените. Тоа е прв закон што го регулира односот помеѓу доставувачите и трговците. И преку регулирање на тие нефер практики, особено во врска со рабатот што му го зеле, 35-40 проценти уште од самиот влез на стоката, особено во маркетите, му барале за разни маркетинг, други измислени трошоци, со цел да остварат крајни поголеми профити и на крајот сето тоа се вкалкулирало и го плаќал од својот џеб граѓанинот во вкалкулираната цена на тие производи. Сега рабатот со овој закон е ограничен на 10 проценти, во кој се вметнати одредени трошоци за редење, складирање стока, ангажирање дополнителни лица и во текот на целата година не смее да излезат од таа рамка на 10 проценти. Законот го контролира Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) и требаше да помине одреден период за да се сублимираат работите за склучувањето на договорите и почитувањето на договорите помеѓу доставувачите и самите трговци. Веќе имаме одредени резултати од работењето на КЗК. Се покажа дека во овој период треба да се направат одредени промени и од техничка и од суштинска природа, меѓутоа најголеми промени треба да има во казнената политика. Да нагласам, досега се отворени над 30 предмети токму во однос на спроведувањето на Законот за забрана на нефер трговските практики. Изречени се по решение за глоба од речиси 150.000 евра од страна на КЗК до одредените прекршители. Максималната казна беше предвидена за речиси 20.000 евра во Законот за нефер трговските практики. Сметаме дека е многу ниска. Наредниот период повеќекратно ќе биде зголемена. И премиерот најави зголемување за овие работи. Имавме работен состанок и со КЗК. Ќе бидат предвидени зголемени глоби и за најголемите играчи, маркети, за загрозувањето на фер трговијата и граѓаните – до 400.000 евра. Меѓутоа, ќе биде предвидена глоба и казна, која досега не беше предвидена во законот за самите доставувачи, кои ја прифаќаат, пак, од друга страна, таквата нефер игра на трговците. Да не заборавиме. Основна цел на законот е заштита на производителите и доставувачите, а преку нив и на купувачите, односно граѓаните индиректно. Но, заштита и на домашните компании и производители да не бидат во подредена улога на одредените „принципали“ (како ги викаат) или големите играчи на пазарот, особено на Балканот овде, да не бидат во подредена улога во однос на конкурентност, цени и видливост од страна на самите купувачи. Во тоа треба и тие да ни помогнат. И, еве, јас да ги охрабрам, секаде каде што има вакви нефер трговски игри, изигрување на законот, слободно да пријавуваат. Може пријавувањето да биде директно, анонимно, по допрен глас или по сопствено видување од КЗК за да може во рок од неколку дена да излезат и да ја утврдат таа нефер трговија, а нефер играчите да бидат казнети. Измените на законот очекуваме на почетокот од оваа година да бидат донесени и да бидат во функција уште во текот на оваа 2026 година.

Кога сме кај дел од регулативата, во тек се подготовки на нов закон за работни односи. Што може да ни споделите, какви новини се предвидени, особено во однос на се поактуелните побарувања за регулирање на делот со работа од далечина? 

Законот за работните односи е доста стар, 20 години, и не одговара на суштинските потреби во Македонија бидејќи тој е еден од основните закони за регулирање на работните односи, би рекол устав во регулирањето на работните односи. Осум години се чекало на негово донесување, но јас ве уверувам дека оваа година ќе биде забрзано. До крајот на годината ќе гледаме, еве во најоптимистички видувања, да го донесеме овој закон, кој ќе даде една нова рамка во регулирањето на работните односи во Македонија. Прво, се работи на него. Ќе бидат запазени сите меѓународни стандарди и права на работникот. Значи, максимално ќе се внимава да бидат запазени сите работнички права што ги имаат граѓаните според европски, светски меѓународни стандарди. Од друга страна, на работодавачите со ваков закон ќе им се даде поголема флексибилност во регулирањето на работните односи со работниците. Ќе гледаме законот да биде многу правичен, да биде прецизен, да не се дозволат понатамошни злоупотреби, изигрување на законот или да се минимизираат, што ќе значи поголема работа на Државниот трудов инспекторат. Меѓутоа, новиот закон треба да го адаптираме на новите економски, технолошки промени, развој на ИТ-индустријата, дигитализацијата итн…. На пример, со постојниот закон немаме, а во овој закон ќе биде предвидено секако работа од дома, работа од далечина, онлајн-работа, флексибилно работно време за родители што имаат мали деца (за гледање дома или, пак, повозрасни и болни родители)… Сето тоа ќе биде адаптирано на модерниот начин на живеење и работа на граѓаните, особено на младите луѓе во Македонија, кои не сакаат стандардизирано работно време од осум часа како што е сега. Со поголемата флексибилност дадена во овој закон се надевам дека и работодавачите ќе може многу полесно да најдат и работна сила на пазарот на труд. А од друга страна, пак, со одредени квалификации, доквалификации, доедукација на невработените лица на пазарот на труд, преку оперативниот план што го подготвуваме, гледаме да создадеме во Македонија да имаме конкурентна работна сила, која ќе може пак да се приспособи на новите предизвици од новиот закон за работни односи, вклучувајќи го тука и ИТ-секторот како еден од позастапените во ова поново модерно време.

Од 1 јануари почна примената на Законот за работно ангажирање лица. Што покажуваат првичните ефекти? 

Тој закон исто така е револуционерен, првпат се спроведува во Македонија. Целта е сузбивање на сивата економија, работењето на црно, што го имаше во голем број сектори. Опфатени се земјоделството, угостителството и услуги во домаќинството, онаму каде што било утврдено дека има најмногу потреба и има работа на црно во моментот. Мислам дека апликацијата е многу лесна и достапна за сите работодавачи да може во текот на денот, неделата, месецот, да ги пријавуваат и одјавуваат. Со овој закон, популарно наречен за сезонски работници, опфатени се повеќе категории граѓани, студентите, пензионерите, може да работат и вработени лица како дополнителна работа или part-time job и невработени лица, социјални категории лица. Притоа, при работното ангажирање да не го изгубат веќе стекнатиот статус и да им се пресметува во пензиско-инвалидско осигурување итн. со одредена повластена стапка. Очекуваме законот да ги даде првите ефекти во текот на оваа година и во наредниот период некаде околу 18 до 20 илјади лица да бидат регулирани, кои сега работат на црно. Тоа од аспект на работодавачите е корисно затоа што нема да се плашат кога ќе им дојде трудова инспекција, кога сакаат ќе може од свој мобилен телефон да ги пријават и одјават лицата многу лесно и едноставно во однос на работните часови или денови како се ангажирани. А од друга страна, пак, лицата што досега биле ангажирани, а не им биле плаќани придонеси, ќе може да им се плаќаат и да ги земат сите средства што се предвидени во законот – дали тоа е пензија или студентска стипендија или социјална помош, односно нема да го изгубат статусот. Тоа ќе биде како дополнителен приход за лицата. Особено за студентите и пензионерите, па и невработените.

Имаше барање од бизнис-заедницата за проширување на дејностите што се опфатени со законот. Се анализира ли тоа? 

Првин да ги видиме ефектите што би ги дал овој закон на крајот од годината. Ќе сублимираме, ќе видиме, ќе имаме состаноци со работодавачите, стопанските комори, секако и со синдикатите. Тоа ќе биде разгледувано и на идните економско-социјални совети и ако има потреба, секако дека ќе бидат проширени дејностите, особено дејноста градежништво, мислам дека најмногу барањето е токму во оваа дејност.

Фото: Фросина Насковиќ

Видео: Андреј Бранковиќ