Или ги прифаќаш уставните измени или треба да кажеш дека не си за членство во Европската унија, тоа се двата правца, вели лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села во интервју за МИА.
Во интервјуто снимено во пресрет на парламентарните избори, Села останува на ставот дека треба прво да се донесат уставните измени, а потоа да се формира Владата. Дебатата околу уставните измени, како што посочува, е завршена и треба само да се гласа.
– Откога ќе се направи новото мнозинство, треба да седнеме и да ги изгласаме уставните измени. Од формално-правен аспект немаме никаков проблем бидејки фактот дека ќе се случат избори не значи дека ќе имаме нова држава. Истата држава е и продолжуваат седниците од минатиот состав на Собранието и ние можеме да ги гласаме уставните измени. Тоа би бил условот за креирање на новата Влада, вели Села.
Евроинтеграцијата останува приоритет за Алијанса за Албанците, а според Села, руската агресија во Украина донела олеснителни околности околу зачленувањето на земјите од Западен Балкан во Европската унија и како држава треба да го искористиме тој момент.
– Тоа е услов. Треба да им биде јасно на сите граѓани, треба да им го кажат на сите политички актери кои одат пред нив и велат дека ако ги добиеме гласовите и мнозинството ќе го промениме договорот и.т.н. Тоа е услов – или го прифаќаш или треба да кажеш дека не си за членство во ЕУ. Тие се двата патишта. Сите политички актери кои излегуваат пред граѓаните со програма за зачленување во Европската унија треба да бидат подготвени првиот ден кога ќе се состави новиот Парламент да гласаат за уставните измени и да продолжиме. Мислам дека руската агресија во Украина донесе олеснителни околности околу зачленување во ЕУ на земјите од Западен Балкан. Ние треба да го искористиме овој момент бидејќи многу полесно ќе ни биде за да бидеме рамноправна членка на ЕУ, нагласува Села.
Како партија очекува на претстојните парламентарни избори да освојат минимум пет пратенички места, а тој број, вели, би бил поголем во зависност од тоа колку пратенички мандати ќе освои коалицијата Европски фронт.
За повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за национално единство, Села вели дека Мицкоски треба да појасни на какво единство мисли, а доколку станува збор за повик за национално обединување на Македонците, тогаш прави грешка затоа што тоа ќе доведе до национална поделба. Мицкоски треба да даде објаснување дали ова е по наредба на некои сили кои сакаат нестабилност во државата, вели Села.
– Знаете што, претседател на партија има право да повикува на обединување околу програма и платформа. Што подразбира под национално е друга тема, ја повикува само една националност или ги повикува сите етнички заедници како што сега стои во Уставот. Значи треба да појасни. Ако се повикува на национално обединување само на Македонците, мислам дека греши бидејќи тоа национално обединување ќе доведе до национално делење што не е здраво за никоја етничка заедница, а ниту за државата ниту за регионот. За жал тој треба да даде објаснување дали ова е по наредба на некој, дали сили кои сакаат нестабилност во Македонија даваат такви наредби за да има таков политички дискурс на политичката сцена за овие избори. Тоа е штетно за секој граѓанин и како политичари прво треба да размислиме како луѓе, како родители и одговорно треба да се однесуваме и во политиката, истакнува Села.
Симулацијата на конститутивната седница на Собранието што ја направија како коалиција Европски фронт, Села ја објаснува како почеток на кампањата за парламентарните избори. За функцијата претседател на законодавниот дом што му беше дадена на таа конститутивна седница, Села вели дека се чувствувал одговорно и дека таа одговорност не се разликува од ниту една друга одговорност кога граѓаните ти даваат доверба.
– Тоа беше првиот ден на парламенраната кампања, 18 април, и тоа беше одлучено од Централниот штаб на коалицијата Фронт за Европа за така да ја почнеме кампањата. Во меѓувреме бевме сред кампања за претседателските избори. Ништо посебно, не знам зошто треба нешто друго да има освен објава на кампањата – како тоа би изгледало, како би изгледале нашите политички цели. Најважните работи што се случија во таа симулација на таа конститутивната седница беа уставните измени и деблокирањето на патот на Македонија кон Европската унија. И тоа е главната цел на нашата коалиција за овие избори, главниот столб на нашата програма, појаснува Села.
За раздорот во Алијанса за Албанците вели дека Таравари избегал од партијата и дека постапил по наредба на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Од каде знаеше Мицкоски три недели претходно дека ќе се случи тоа, прашува Села.
– Арбен Таравари избега од партијата, не дека се работеше за несогласности. Се до тој момент се согласувавме за се. Кога отваравме тема за коалицирање со г. Таравари, се залагавме сами да одиме на избори и одеднаш по се изгледа доби наредба од некаде, а тој по се изгледа е г. Мицкоски кој три недели пред тоа изјави дека ако Алијанса за Албанците не се приклучи кон т.н. албанска опозиција, АА ќе биде поделена на две крила. Од каде знаеше г. Мицкоски за тоа три недели пред да се случи тоа? Значи по се изгледа следејќи ги чекорите и настаните што се случија, г. Таравари е под директна наредба на г. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Зошто, треба тој да објасни. Значи тој избега од партијата, вели Села.
За коалицирањето со ДУИ вели дека по случувањата во партијата на располагање имале две можности – или да не одат на избори или да коалицираат. Можноста да не настапат на изборите, според Села, не доаѓала предвид затоа што, вели, тоа би им одело во прилог на сите политички поединци и партии кои сакаат да ја снема Алијанса за Албанците од политичката сцена, а тој тоа нема да го дозволи. Одлуката да коалицираат со Европскиот фронт, како што посочува, била донесена на Централното собрание.
– Во политиката секогаш велам дека носиш одлуки со политичките алатки што ги имаш во моментот. Јас не можам да донесам одлука со политичките алатки кои ги имав пред една година, бидејќи веќе ги немам. Во моментот кога требаше да одлучиме како АА, имавме само две можности – да не учествуваме на изборите бидејќи немавме можност, немавме печат или да се приклучиме кон една коалиција. И тоа беше одлуката донесена од страна на Централното собрание на партијата да се приклучиме на коалицијата „Европски фронт“, посочува Села.
Со дел од партиите од албанскиот опозициски блок вели дека во минатото имале соработка, но дека имало некоректен однос и од страна на Алтернатива и од страна на Беса и дека нема логика сега да се коалицира со нив. Нивната цел не била никогаш да го победат ДУИ, туку да ја уништат Алијанса за Албанците, смета Села.
– Не доаѓаше во обѕир да се приклучиме кон една таква коалиција со овие опозиционери, велам под наводници опозиционери затоа што не може да се каже дека опозиционер е Изет Меџити кој 20 години беше заменик претседател на ДУИ и функционер и мислам три мандати градоначалник на Општина Чаир. Ако промената што тој ја најавува е погледот што Чаир го има, извинете, но тој не може да придонесе кон никаква промена. Со другите политички актери кои се внатре во таа коалиција, во минатото секогаш сме имале соработка. Африм Гаши во 2020 година беше во коалиција со нас и видовте што се случи – со даден збор и пишан договор дека коалицијата ќе важи до наредните избори, а тоа е сега, двапати беше непочитуван од страна на Алтернатива и тоа еднаш кога избега од АА и стана дел од Владата и вториот пат кога Алијанса за Албанците беше дел од Владата, тие излегоа. Сега да се бара пак да бидеме во коалиција со нив, нема никаква логика. Со движењето Беса сме имале нефер однесување од нивна страна за локалните избори. Знаете што се има случено? Имавме договор и каоалиција за вториот круг 2017 и 2021 година. И ние помагавме каде тие имаа кандидат во вториот круг. На пример во 2021 тие имаа кандидат во Тетово и Желино, а ние во седум општини. Тие ги добија и двете општини бидејќи ние дадовме збор и нашите членови активно учествуваа и гласавме, а од друга страна нивните членови по наредба nа движењето Беса во сите општини каде што влеговме во вториот круг работеа против нас. Значи, нивната цел не била никогаш да го победат ДУИ, туку да ја уништат Алијанса за Албанците, подвлекува Села.
Според лидерот на Алијанса за Албанците, можно да се спроведе ветингот во земјава, затоа што како држава носиме добри закони, но треба да се внимава како се спроведуваат. Смета дека таков закон треба да се донесе што поскоро. За спроведување на ветингот, покрај политичка волја, вели, потребна е и граѓанската волја. Како општество, цело време зборуваме и сме гласни дека сме против корупцијата и криминалот и сакаме непартизирано судство, но треба и да се запрашаме колку ние придонесуваме за да немаме такви политичари. Граѓаните прават некаква правда денот кога гласаат, нагласува Села.
– Со што заслужува ВМРО-ДПМНЕ да добие поддршка, а со што заслужува да се казни некој кој има работено Македонија денес да биде посигурна земја, да биде членка на НАТО и кој придонесува и е подготвен да гласа за уставните измени за да бидеме подобри соседи и да имаме повеќе пријатели во соседството и во рок од четири до пет години да бидеме рамноправна членка на Европската унија. Ако гледаме кај ВМРО-ДПМНЕ се’ што да прават ги рехабилитираат сите тие што беа во затвор или тужење за корупција и криминал. Затоа првиот суд треба граѓанинот да го одрази со својот глас. Друго прашање е што правевме ние како општество кога министерот за правда Кренар Лога почнувајќи да работи за да имаме подобро судство политички ценеше дека треба да се почне од Советот на судии. Во тој Совет треба да се бара одговорност за сите судии. Кој излезе да му даде поддршка за тоа?, вели Села.
Во делот на економијата, Европскиот фронт најавува просечна плата од 900 до 1000 евра до 2028 година, завршување на автопатот Кичево-Охрид, автопатот Скопје-Блаце, патот Тетово-Призрен и железничко поврзување со Албанија. Најавуваат и Економски рамковен договор, формирање на Агенција за јавни финансии и дебата за прогресивниот данок.
– Дали треба да има прогресивен данок – во програмата стои дебата затоа штот треба да се зборува со експерти и со бизнисот. И во минатото имавме таква понуда од страна на г. Заев, знам дека беше многу гласен околу оваа тема, но после излезе дека финансиските анализи не дозволуваат такво нешто и остана на тоа што е. Рамен данок е спефицичност на десничарските партии. Затоа стои дебата бидејќи во Европскиот фронт има повеќе политички партии и ние како АА имајќи предвид дека сме десно ориентирани, сме за рамномерен данок, а не за прогресивен, но од друга страна треба да се гледаат и спецификите, вели Села.
Едно од ветувањата е и интеграција на Унивезитетскиот клинички центар во Скопје и трансформација во нов здравствен комплекс, што според Села, е можно да се реализира. Смета дека се потребни и инвестиции во регионалните болници како оние во Струга, Охрид, Тетово, Кичево, Битола, Куманово, Штип….
Билјана Анастасова-Костиќ
Фото: МИА
Видео и монтажа: Андреј Бранковиќ и Владимир Рабасовиќ