За градоначалничка на Скопје во партијата се самокандидирала бидејќи смета дека со искуството што го има зад себе може да го врати градот таму каде што треба да биде, вели во интервју за МИА кандидатката на СДСМ за градоначалник на главниот град  Каја Шукова. Првата работа што ќе ја направи, како и некои од нејзините досега познати противкандидати, ќе започне со хигиената и со чистењето на градот почнувајќи од центарот на Скопје. Ќе го врати проектот за БРТ (Брз автобуски превоз) со адаптација, која треба да се направи за Кисела Вода, а во изборната програма ветува Луна Парк, намалување на потрошувачката на вода во градот, мерки за справување со загадениот воздух, повеќе култура …

-И мислам дека на сите треба да ни биде едно јасно, дека Скопје не се само булеварите, не се само зградите, Скопје се пред се граѓаните. И ако тоа го сфатиме и ако тргнеме од тука, мислам дека можеме многу да направиме. Тоа впрочем ме води кон една друга мисла, а тоа е дека мора да се движи енергијата помеѓу градот, градската администрација и целата онаа инфраструктура која што ја има, дали збориме за административна или техничка, градот Скопје и граѓаните. Мора да има синергија и едните да даваат услуга на другите, другите да ги почувствуваат бенефитите од услугите, бидејќи градот е сервис на граѓаните. И тоа мораме да не го заборавиме, не е обратно. Значи градот е тука за граѓаните, јавните претпријатија се за граѓаните, а граѓаните секако мора да се однесуваат одговорно кон јавното добро, посочува во интервјуто Шукова.

Кандидатката за градоначалник на Скопје во интервјуто најавува позитивна и отворена кампања со која ќе ја бара поддршката од граѓаните.

– Прво, јас ќе водам многу позитивна кампања. Јас и не знам поинаку да се однесувам. Јас и претходно кога имав функции, оние што работеле со мене знаат дека јас не напаѓам, не деградирам, не сум од оние кои велат „еве јас ќе победам уште во првиот круг.“ Таков наратив од мене нема да има. Ја барам поддршката од граѓаните, оние кои во мене гледаат професионалец, што ќе понуди добри решенија за градот, кој ќе биде постојано во комуникација со граѓаните. Како што сум се однесувала до сега, така ќе се однесувам и понатаму, впрочем во ова никогаш немаше да влезам ако го немав професионалниот капацитет, потенцира Шукова.

Која е вашата визија за Скопје? 

Прво, благодарам за поканата и можноста да ги информирам граѓаните што се моите планови за Скопје. Како што веќе зборуваме за визијата за градот, мислам дека првично треба да кажеме дека во Скопје прво треба да ги вратиме елементарните стандарди и елементарните вредности. Мислам дека од тука ќе треба да почнеме. Тоа секако се надоврзува со повеќе процеси. И мислам дека на сите треба да ни биде едно јасно, дека Скопје не се само булеварите, не се само зградите, Скопје се пред се граѓаните. И ако тоа го сфатиме и ако тргнеме од тука, мислам дека можеме многу да направиме. Тоа впрочем ме води кон една друга мисла, а тоа е дека мора да се движи енергијата помеѓу градот, градската администрација и целата онаа инфраструктура која што ја има, дали збориме за административна или техничка градот Скопје и граѓаните. Мора да има синергија и едните да даваат услуга на другите, другите да ги почувствуваат бенефитите од услугите, бидејќи градот е сервис на граѓаните. И тоа мораме да го не го заборавиме, не е обратно. Значи градот е тука за граѓаните, јавните претпријатија се за граѓаните, а граѓаните секако мора да се однесуваат одговорно кон јавното добро.

На социјалните мрежи има објавено едно видео на кое се гледа една голема количина смет во реката Вардар. Ова е нешто за што не се одговорни градските власти или централната власт туку граѓаните кои едноставно го фрлаат сметот во реката Вардар. Истовремено треба и да се чисти реката Вардар и да се дава некаков пример. Како вие како иден градоначалник би реагирале во ваква ситуација? 

Имаме заедничка одговорност. Значи секако дека во ваква ситуација градските власти мора да реагираат, односно ЈП Комунална хигиена таа состојба мора да ја санира. Значи ѓубрето мора да се ичисти. Меѓутоа јас секогаш сум апелирала и кон граѓаните и како поранашен министер за животна средина и како некој којшто долги години е во секторот животна средина дека и ние мораме како граѓани, секој поединец почнувајќи од мене, дека мораме да бидеме одговорни и да не го расфрламе ѓубрето на сите страни. Меѓутоа, јас велам во градот Скопје имаме една состојба, јас ја нарекувам летаргија. Мислам дека и граѓаните кога гледаат дека оние што се одговорни за чистотата во градот не функцонираат, дека едноставно ги фаќа летаргија и си велат институциите не функцонираат зошто јас да бидам примерен граѓанин.

Мислам дека таа пракса мора да престане. Кога ќе видат граѓаните дека системот функцонира дека добиваат сериозна услуга, дека градот ни е убав и чист, мислам дека граѓаните малку повеќе ќе подразмислат. Има разни мерки коишто може да се превземат. Впрочем тука се и казните. Меѓутоа ајде тоа да биде нешто што последно ќе го правиме. Да работиме самите на себе, да бидеме малку посовесни. Ние, но пред се да бидат совесни градските власти и нивните претпријатија коишто треба да ја дадат услугата на граѓаните.

Госпоѓо Шукова има повеќе од еден месец до почнувањето на кампањата за локалните избори, кои се закажани за 19 октовмри. Дали се подготвувате за кампањата, подготвувате ли програма и ако може да соопштите детали за неа?  

Ние за програмата за град Скопје, а и на програмата за останатите општини во државата работиме веќе подолг временски период. Овојпат влеговме системски во процес којшто трае веќе три и пол или четири месеци. Голем дел од програмите на помалите општини се веќе готови и се финализираат, на голем дел паралелно се работи, а пралелно се работи на програмата за Скопје. Основата за програмата за Скопје ја имаме пред неколку месеци. Јас впрочем и соопштив на јавноста дека јас си се самокандидирав кога СДСМ објави оглас за самокандидирање, и тогаш дадов рамка за програмата на која што сега доработуваме. Бидејќи знаете тоа е повеќе визија, ги давате главните процеси коишто треба да се спроведат во градот, кои се главните чинители, како треба да се однесуваат и како треба да работат. И сега треба финеси, и треба секако проекти коишто се капитални, неколку поголеми капитални коишто ќе влезат во програмата. Едното, е БРТ-то. Тоа е процес што застана четири години, за жал, тоа е проект којшто е спремен, спремен е технички со целосна документација, обезбедени се финансиски средства, и сметаме дека тој проект треба да се спроведе, можеби со мали модификаци. Сега го разгледуваме. Да видиме бидјеќи секако се променија и работите многу во овие четири години.

Тоа е едно од моите следни прашања. Кои се останатите поголеми проекти од вашата програма? 

За децата ќе биде Луна паркот секако, тоа се зборува со години. Меѓутоа ние малку ќе го прошириме нема да биде класиечн парк ќе биде еден центар којшто ќе нуди пвоеќе забава за младите. Се уште работиме на тој концепт и кога ќе биде готов ќе ја информираме јавноста. Она што мене ми е многу важно а е секако и важно на оние коишто работат на програмата е дека мора да се направат, дека има некоку столба на коишто ќе се работи. Едното ќе биде инфраструктурата секако, без разлика дали зборуваме за надземна или подземна инфраструткура, тука ја спомнуваме хигиената, водоводот, канализација… Се бориме со загуба на вода во Скопје. Да не влегуваме во детали. Ќе зборуваме за образованието и културата. Јас веќе направив и конакти со независната сцена во Скопје. Имаме многу и млади и возрасни уемтници коишто имаат што да дадат во градот. Мислам дека во моментот сцената е многу замрена, а не смееме да заборавиме дака 2028-ма Скопје ќе биде град на културата.  МКЦ ќе ни биде фокус. Мислам дека тоа треба да се врати на младите и на независната сцена особено да речеме на граѓанскиот сектор. Јас паметам, јас сум пеела во хорот во времето на 25 Мај, беше Дом на младите, 25 Мај легендарниот Запро Запров. Така што мислам дека тоа беше собиралиште на млади луѓе и треба повторно да биде. Денеска е запуштено и многу малку работи. Така што ќе има, има многу работи. Еве неколку нафрливме. Ќе има повеќе стобла, а тие столбови ќе ги „нахраниме“ со повеќе мерки и активности и конкретни проекти коишто ќе треба да се спроведуваат.

Во однос на хигиената и работата на ЈП Комунална хигиена? 

Таму е застарена опремата, и возилата и кантите и контејнерите. Ќе одиме на еден принцип којшто се вика циркуларна економија или кружна економија. Тоа значи да го искористите отпадот како ресурс, и кога кружно го движите на крајот количината на отпад којшто финално треба да го депонирате да ви биде помала отколку она коешто го имаме денеска. Денеска во Скопје се фрла, најверојатно се депонира околу 94, 5 отсто од отпадот, што не е пракса во европските земји. Таму се фрла 20, 30, до 40 отсто од отпадот. Може да замислите колкав дел од отпадот го користат. Значи отпадот во развиените градови е ресурс.Тоа терба да го направиме тука. Ама за да го направите тука вие на граѓаните прво мора да им обезбедите соодветна инфраструктура. Што тоа значи, мора да им обезбедите соодветни канти, контејнети каде што ќе го селектираат отпадот и да им обезбедите возила коишто по редослед точно ќе се знае кога ќе им ја подигне пластиката, кога ќе им ја подигне хартијата, кога ќе го подигне комуналниот отпад. Да имаат јасна слика и јасен редослед како ќе се одвиваат работите.

Во одредени земји има и казни. 

Да, апсолутно има казни ако го измешате отпадот. Мора да обезбедите велам инфраструктура. Покрај кантите, контејнерите и камионите коишто ќе го собираат, вие, да речеме, во околината на Скопје, мора да имате капацитети коишто тоа ќе го преработуваат. Може да бидат и приватни, постојат партнерства. Не мора да значи дека градот мора да има капацитети да преработува се. Има позитивни пракси, и јас се надевам дека кога ќе ја добијам шансата тоа ќе можам да го спроведам. Пример имате добра пракса на посилни дробилки за дробење на градежниот шут. Ние гледаме што се случува колку мали диви депонии ни се формираат и во општините и околу градот Скопје, а тоа може да биде еден богат ресурс да речеме за градежната индустрија. Најмногу се користи како материјал во изградбата на улиците. Значи градот може да финансира такво нешто и потоа да има репроматеријал којшто ќе го нуди на градежните фирми. Постојат многу модели. Не треба ништо ново да измислиме, се е измислено, само треба да го примениме и по мене треба системски да го поставиме. Точно да се знае кој, зошто, како и кога.

Не можам да го прескокнам прашањето за загадувањето. Дури и сега, во лето се појавува зеленото светло за загадување во некои од населбите во градот Скопје. Имате ли решение за ова? 

Да. Тој дел од програмата веќе е разработен. Тоа е веќе една од моите специјалности, знаете дека и јас и ден денеска сум во Министерството за животна средина. Таму има поголем сет на мерки коишто може да се применат. Јас овие мерки сум ги споделувала и со јавноста а со сите заинтересирани страни и годиниве наназад. Треба малку поконкретно да се спроведат. Мора да се работи многу на енергетскта ефикасност на објектите, особено на јавните објекти. Градот и општините во градот имаат должност јавните објекти да ги напраат енергетски ефикасни. Тоа значи прво да користат многу помалку енергија и второ да користат еколошка енергија. Тоа се правело и години наназад. Јас не велам дека ќе почнеме од нула, меѓутоа треба да се прави малку повеќе. Значи начинот на затоплување да се замени од нафта, јаглен оти сеуште се користат во одредени институции, а во тие поголем дел од нив секој ден поминуваат децата, најмладите, градинки, училишта, културни домови… Тоа е едната од работите која што мора да се направи. Второ, една обична работа која што се правела на времето во Скопје оние коишто се родени и пораснати тука знаат дека улиците редовно се миеја во Скопје. Тоа не дозволува прашината односно ПМ честичките да се качат во атмосферата, односно во просторот во којшто го дишеме воздухот и на тој начин ќе го намалите загадувањето. Јавниот транспорт, да не зборуваме, во каква состојба ни е. Јас се возам со автобуси и гледам во каква состојба се. Голем дел од нив возат и позади нив испуштаат таков чад.

Го спомнавте проектот за БРТ. Поминаа четири години. Дали треба адаптација на тој проект? 

Најверојатно ќе треба мала адаптација. Ќе треба да се размисли, бидејќи го разгледувавме убаво БРТ, значи ќе треба да се размисли дали ќе треба да се интервенира и во Кисела Вода бидејќи таму бара имплементацијата на БРТ-то најмногу интервенции. Впрочем јас колку што го знам БРТ-то таму ќе треба и рушење на веќе постоечки објекти, и да се потроши многу време и пари и треба да размислиме дали е тоа ефикасно од кој било аспект, од аспект на време и од аспект на трошење на многу средства. Впрочем може да заврши во центар таа трансферзала на БРТ, а таму да се продолжи со еколошки автобуси. Не можеме да одиме само со БРТ-то. Мора да одиме и со еколошки автобуси, дел се набавени пред неколку години, а овие четири години мислам дека се само шесте еколошки автобуси што се набавија преку Програмата за чист воздух што ја финансираше ЕУ, а се имплементираше преку Министерството за животна средина. Така што ќе биде комбиниран секако превозот, но едно е јасно дека мора да биде брз, да биде ефикасен, мора да биде еколошки подобен. Компромис за тоа нема да има.

Кога се возите во автобус ви приоѓаат луѓето?   

Сега се почесто.

Што ве прашуваат? Што бараат од вас? Ви даваат ли идеи? 

Има секакви коментари. Сега морам да ви кажам дека најверојатно оние кои се од спротивната страна знаат понекогаш да има и непријатни коментари, но јас едноставно им викам дека секој има право да се кандидира, секој има право да го каже своето. Јас во оваа трка влегувам, затоа што сметам дека имам доволно професионално искуство и можам да му помогнам на градот. Впрочем, не би влегла ако немам позади себе… Навистина повеќе од 25 години работам, пред се, на животната средина и комуналните дејности и на општините. Го познавам и државниот концепт, и регионалниот и општинскиот. И разговараме на теми. Некои сакаат повеќе да разговараат, некои честитаат, некои викаат „а бе што ви требаше“. Некои разменуваат идеи. Морам да ви кажам дека се претежно од повозрасната генерација, особено пензионери. Мене не ми е проблем, разговарам со нив и во самиот автобус и на автобуската постојка, така што во секое време и на секое место можете да добиете добра идеја, ако му треба тоа на градот, ако е во ред зошто да не, ќе ја комуницираме и можеби еден ден ќе ја спроведеме.

Како жена кандидат за градоначалник на Скопје, чуствувате ли голем притисок имајќи предвид дека нашето општество е понаклонето кон мажи политичари и имајќи го предвид искуството на жени политичарки што биле пред вас, иако и вие бевте министерка за животна средина? 

Притисок не чуствувам заради тоа што кога сум решила да влезам во еден процес влегувам со целиот свој капацитет. Знам и сум била сведок на многу непријатни ситуации со жени. Еве морам да кажам дека јас такво искуство не сум имала досега. Не велам дека се криви едните или другите, меѓутоа сметам дека треба да има малку покоректен однос кон жените, особено кога на сите останати обврски коишто ги имаат како жени, впрочем нели во семејството особено со децата и кога решиле да вложат во политика и да го вложат својот капацитет професионален, каков и да е политички, да помогнат на државата мислам дека сите останати треба да бидат многу покоректни кон жените кога веќе се нафатиле на таквото нешто. Јас лично не чувствувам притисок бидејќи многу отворено влегувам во целата оваа приказна. Јас сум секогаш достапна и за јавноста и за секој. Јас сум позната по тоа дека никогаш на никого не сум му затворила телефон и дека не сум се јавила на телефон. Јас сум навистина достапна и да одговорам на порака. Еве сега имам доста нови пријателства на социјалните мрежи. Јас, ако ништо друго ќе им пуштам барем еден лајк. Имам многу честитки што влегувам во трката. Едно благодарам мислам дека заслужува оној што ви посветил внимание и сака да комуницира со вас.

 

Какви се вашите очекувања од изборите, какви се вашите очекувања од кампањата и каква кампања ќе понудите? 

Прво, јас ќе водам многу позитивна кампања. Јас и не знам поинаку да се однесувам. Јас и претходно кога имав функции, оние што работеле со мене знаат дека јас не напаѓам, не деградирам, не сум од оние кои велат еве јас ќе победам уште во првиот круг. Таков наратив од мене нема да има. Ја барам поддршката од граѓаните. Оние кои во мене гледаат професионалец, што ќе понуди добри решенија за градот, којшто ќе биде постојано во комуникација со граѓаните. Како што сум се однесувала до сега, така ќе се однесувам и понатаму впрочем во ова никогаш немаше да влезам ако го немав професионалниот капацитет. Ние имаме и една фамилијарна генеза, најверојатно мене тоа ми дава исто храброст. Мојот татко работеше дваесет години на урбанизмот во државата и во Скопје. Се пензионираше на крај од Министерството за транспорт и врски. Ние и фамилијарно многу често сме дискутирале, знаеме што се случувало, какви биле процесите. Мојот дедо беше еден од секретарите во Град Скопје во 80-тите години. Јас како девојче паметам многу често сме оделе кај него на работа. Мене ништо тоа не ми е непознато. Најголемиот дел од професионалниот живот го поминав во администрација иако сум технолог по вокација, и тоа во прехранбена индустрија, иако понекогаш ми е многу жал што не се вратив таму. Работев еден период пред да почнам во администрација. Мислам дека системот добро го познавам. Знам кои се слабостите. Знам каде можете малку повеќе да поттурнете, каде треба малку повеќе внимание да имате. И сум работела на многу капитални проекти. Тие се секогаш, за жал, со многу проблеми, но за се има решение ако сите заедно седнат на маса и кажат ова е проблемот, ајде сега да го најдеме решението. Ако ги замолчуваме проблемите никогаш нема да го најдеме решението.

Имајќи го предвид тоа што сте биле министер од редовите на СДСМ и сите, условно кажано позитивни искуства, и се што е врзано со вашата работа, дали оваа кандидатура ќе значи влечење повеќе гласови за вашата партија ако се има предвид поразот на минатите парламентарни избори?    

Не е прашањето дали е само мојата кандидатура, граѓаните веќе гледаат дека проектите што беа ветени од ВМРО-ДПМНЕ не се спроведуваат, кога зборуваме за централно ниво, а голем дел и од проектите и она што го ветија на локалните избори во 2021 година. Гледаме дека голем дел од проектите не се спроведоа. Фрагрантен пример ни е Градот Скопје бидејќи најголем дел од одлуките кои не беа донесени, програмите и активностите на градот беа бојкотирани од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека граѓаните во нас и во мене ќе препознаат некој кој навистина ќе и се посвети на работата. Јас и како министер соработував со сите. Соработував и со нашите градоначалници и соработував и со градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и на  ДУИ, и на ВРЕДИ. Знали кој и да ме повикаше, каде и да имаше проблем јас секогаш одев. Мене знаат да ми замерат, па дури и во мојата партија – па зошто одиш, тие не се наши градоначалници. Јас им велев, ние мораме да го надминеме тој начин на размислување. Во секоја општина живеат граѓани. Впрочем, во Скопје, ние сме мултикултурна средина и во Скопје живеат граѓани од секаква вероисповест и многу мажи, жени и деца и сакам да кажам сите треба да бидат третирани исто и сите заслужуваат подеднакво внимание.

Која ќе биде првата одлука што ќе ја донесете ако станете градоначалник? 

Првата одлука тоа дефинитивно ќе биде дека мора да се исчисти градот. Мислам  дека тоа е нешто што може најбрзо да се направи. Не може да се направи ни за 24 часа, ниту за еден месец, ќе треба неколку месеци секако. Мојот предлог ќе биде да почнеме со централното градско подрачје. Мислам дека тоа е сликата на нашиот град. Впречем, го споменавме и новинарот на Канал5 кој ги снимаше тие репортажи. Знаеме дека тука е најкритично. Да се почне од самиот центар, а потоа да се шири кон останатите делови на градот. Мораме од некаде да поченем. Не може да излезе Комунална хигиена и во исто време да го чисти градот на сите локации. Значи мораме да одиме сектор, по сектор. Ќе го поделиме. Има луѓе кои што ги знаат тие работи. Значи, чистењето на градот ќе биде прво нешто, а потоа секако ќе се работи на другите работи кои ќе бидат дел од нашата порграма. Да речеме за мене е многу битно да се намалат загубите на вода во Скопје. Во системот за водоснабдување на Град Скопје многу просто кажано влегуваат 100 литри вода, а до крајните корисници стигнуваат 40 до 45 литри вода. Тоа значи имаме околу 60 проценти загуба на вода. Едно е старата инсфраструктура, не знам зошто не се пристапило кон нејзина санација, а второ се дивите приклучоци. Ќе мораме и со тоа да се бориме, бидејќи ако сакате ефикасен систем мора да ги детерминирате сите проблчми и паралелно да ги решавате сите проблеми системски во системот за водоснабдување.

Во неколку реченици која е Каја Шукова приватно? 

Јас сум дипломиран инженер технолог. Мајка на две ќерки. Едната е 28 години, другата е 21 година. Имам сопруг Горан и имаме најмал член во фамилијата малтезер Дина. Јас сум комуникативна, сакам да разговарам со луѓето, сакам кампување, не сум од тие конформистите кои сакаат да одат по хотели, по фенси плажи. Сакам кампување заради тоа што сакам соседи околу себе со кои сакам во секое време да комуницирам и се надевам дека граѓаните во мене ќе видат една отворена личност, која што прифаќа идеи, која што ќе сподели знаење и ќе ја побарам поддршката од сите нив, но не само за изборниот циклус туку и понатаму за да си го исчистиме и да си го вратиме Скопје онаму каде што треба да биде.

Новинар Елизабета Вељановска Најдеска