Јас, секако, можам да зборувам во свое име за својата мотивација да влезам во политичкиот ринг и да се испробам во трката за претседател на Републиката. Едноставно, дојдов до сознание дека што и да направам како професор по Уставно право и како интелектуалец, не може да биде доволно да го спречи понатамошното рушење на владеењето на правото и институциите, со распродажба на националните интереси. Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, партијата сама се отвори кон јавноста, овозможи фер соочување на сите пријавени кандидати и одржа демократска конвенција за избор. Што значи, тука ништо не можеше однапред да биде договорено, бидејжи влегов во тој дел од трката како аутсајдер, како некој кој не е член на партијата, како жена, а освен тоа, имав силни и вредни противкандидати, тука пред сè мислам на пратеникот Влатко Ѓорчев, истакнува во интервјуто за српски Експрес, а кое го пренесува скопска Република, Гордана Силјановска-Давкова, претседателскиот кандидат ан ВМРО-ДПМНЕ.
Што е за вас „распродажба на националните интереси“?
Го променија Уставот и името иако Собранието претходно донесе Резолуција дека името и Уставот не смеат да се менуваат. Промената на називот на државите е најеклатантен пример за распродажба на националните интереси. Властите не само што се одрекоа од постоењето на македонското малцинство во соседните држави, туку и на македонскиот народ му го поништија правото на самоопределување, остварено во 1944 година на заседението на АСНОМ, што е основно право, jus cogens, па сега Македонците се изедначени со останатите помали етнички заедници во земјата.
Вашиот противкандидат, професорот Стево Пендаровски, го поддржаа и Албанците. Всушност, лидерот на СДСМ Заев нагласи дека „Пендаровски го поддржаа сите етнички заедници во Северна Македонија, како и 31 партија од коалицијана на чие чело е премиеровиот СДСМ“. Се чини дека тоа е голема предност. Во чија поддршка Вие уживате? Кој ќе гласа за вас?
Тоа е представа која владеачките партии сакаат да ја создадат и тоа пред што било да ги прашаат граѓаните Албанци, но и останатите. Идејата е мене да ме претстават исклучиво како претставник на Македонците, а притоа забораваат дека јас веќе добив поддршка од многу партии и граѓански здруженија од српска, турска, ромска и други националности. За разлика од процедурата која веќе ви ја објаснав, СДСМ си поигра со внатрепартиската демократија така што прво распиша јавен конкурс, а после одлучи својот кандидат да го избере во хотелот „Хилтон“, и тоа во затворен круг на картелот со странска елита. Вистината е дека Социјалдемократскиот сојуз постигна голем успех кај албанските гласачи на минатите парламентарни избори, но денес незадоволството е очигледно кај сите гласачи, без разлика на етничката припадност. Власта тогаш ја добија на ветувањата дека ќе има правда, борба против корупцијата, дека животниот стандард ќе се подобри, а во реалноста ништо од тоа не се случи. Јас се обраќам на сите граѓани, не ги делам по етничко потекло, ниту влегувам во трговина за гласови, таканаречен контингент. Како и да е, третиот кандидат е Албанец, колегата Блерим Река, па уште во првиот круг ќе видиме дали Пендаровски навистина ужива во бланко поддршка од Албанците и најважно од сè, дали оваа власт е подготвена и способна да организира фер и демократски избори.
Политичката ситуација во Македонија им е малку позната на граѓаните на Србија. Како некому да му одговара да биде така. Можете ли на читателите во Србија да им кажете кои се основните мотиви на Вашата кампања, со што мислите дека ќе ги освоите гласачите?
Главниот слоган на мојата кампања е во склад со мојата професионална и животна вокација, а тоа е владеењето на правото, конституционализам и заштита на човековите права. Со промената на името на земјата, премиерот Заев и неговите партнери од власта се обидоа да најдат кратенка, и набрзина да дојдат до членство во НАТО, и чини се дека се на добар пат. Но, другата страна на паричката покажува дека колатералната штета во тој процес е преголема, и тоа не само во поглед националните интереси и кршењето на принципите на демократијата, туку пред сè во кршењето на процедурите, а без почитување на процедурата нема демократија! Скоро и да нема ден без скандали кои покажуваат дека една фамилија е заменета со друга, дека владеат клиентелизмот, кронизмот и непотизмот! Македонија драстично се искачи на листата која земјите во светот ги рангира според корупцијата, нема слободни медиуми, правосудтвото и јавната администрација се ставени во служба на една партија…Самиот Заев признава дека јавната поддршка опаднала, а мислам дека граѓаните едвај ќе дочекаат да ја казнат владеачката коалиција токму поради овие примери за неспособна и корумпирана елита.
Дали промената на името на државата и патот кон НАТО се неповратен процес? Дали, ако победите, ќе бидете „претседател на Северна Македонија“?
Стратешката цел на сите влади на Македонија беше влезот во НАТО. Што се однесува на промената на името, доколку станам претседателка, ќе го држам прашањето за името отворено, ќе формирам меѓународна експертска група, која ќе напише објективен извештај за кршењето на националното и меѓународно право и ќе делуваме по тој извештај. Не го прифаќам името Северна Македонија.
Клучните политички случувања во Македонија во последните години беа обележани со масовни протести и голем емотивен набој. Мислите дека атмосферата на изборите ќе биде регуларна и дали на нив ќе биде искажано вистинското расположение на избирачите?
Очекувам дека граѓаните ќе сфатат дека за Македонија се од клучно значење вистински, а не декларативни реформи, како и европеизација која се темели на владеењето на правото. Емоциите се битни, но правото е побитно. Потребно е гласачите масовно да излезат на избори, за да ја делегитимираме авторитарната власт. Тивкото мнозинство кое рече „не“ на референдумот, поточно оние кои масовно го бојкотираа референдумот за промена на името, се оние од кои очекувам да гласаат за мене, но и дел од оние кои беа за промена на името, но власта ги разочара.
Во каква Европа ќе ја поведете Македонија? Каква иднина за Европа сакате, а каква прогнозирате?
ЕУ не е онаа истата како кога аплициравме за членство пред 15 години, бидејќи има сè повеќе движења внатре во Унијата кои бараат нејзино реформирање. Иднината на Европската Унија е нивно внатрешно прашање, но извесно е дека реформи се потребни и кај нив, но и кај земјите кои претендираат членство. Ние мораме да го подигнеме нивото на демократијата и владеењето на правото, и во таа смисла реформите внатре во земјата се приоритет за нас. Тоа е вистинската европеизација.
Какво однесување очекувате од претставниците на меѓународната заедница во Скопје?
Очекувам меѓународната заедница, а посебно ОСЦЕ/ОДХИР, да биде гарант за регуларноста на изборите и да не ни се случи повторно скандалозно полнење на избирачките кутии како за време на референдумот. Веќе е најавен голем број на набљудувачи и ние сметаме на нив, бидејќи на власта не можеме да се потпреме. Македонија е партнер на меѓународната заедница, па затоа очекувам за нас да се применуваат истите стандарди кои важат и за останатите земји.
Каде се наоѓа Србија на Вашиот политички хоризонт?
Србија е таму каде што била отсекогаш, блиску до Македонија и нејзините граѓани. Без оглед на сите променети околности, приказните за геополитичките сфери на интересите, делбите, границите и слично. Мило ми е што нашите граѓани од една земја во друга патуваат со лични карти, што се подобрува патната инфраструктура, а на културно и спортско поле секогаш тесно сме соработувале. Во мојата визија за Македонија, таа е вмрежена во блиска регионална соработка, затоа што не можеме да говориме за европски интеграции ако тие способности не ги покажеме на дело во нашиот регион.