Леринчанецот Павле Воскополус за „Денешен“ ги анализира последните случувања околу преговорите меѓу Македонија и Грција и вели дека нашиот сосед никогаш нема да признае македонско малцинство (што во актуелните преговори не се ни бара од Грција) и тврди дека македонската држава со македонски народ е кошмар за нашиот сосед и нивниот мит. Според него, Грција со години ја игра улогата на „руска чивија“ на Балканот.
Како грчката јавност и грчката политичка и интелектуална елита гледа на процесот на преговори. Наш впечаток е дека нештата можеби се само за нијанса посмирени во однос на грчкиот национализам кој еруптираше, на пример, пред повеќе од 20 години од времето на старите Караманлис или Мицотакис? За денеска се најавени повторно демонстрации во одбрана на грчкоста на Македонија. Кој е Вашиот коментар за ова?
Грчкиот начин на размислување не се промени кардинално ни кај просечниот Грк, ниту, пак, кај политичарите. Единствената причина е што последните години за разлика од „македонското прашање“, главна тема стана економската криза. Според мене, има и друг тип за изнаоѓање „решение“ бидејќи има глобални потези и интереси на меѓународно ниво, што налага решение на проблемот создаден од Грција пред многу години, а најголемата причина за наоѓање решение е и интересот на меѓународната заедница Република Македонија да стане полноправна членка на НАТО. Познато е дека таму Грција е членка и од 2008 година индиректно ја „стопира“ Република Македонија да стане полноправна членка. Сега има причина повеќе за интерес за темата кај западниот свет. Руските интереси за Балканот се загреаја, пред неколку месеци руската политика имаше обид Црна Гора да ја претвори во некој вид на „протекторат“, а одговорот на Западот беше соодветен и реши Црна Гора да стане членка на НАТО. Слично сценарио има и во Републиката Македонија. Руската политика сака за нивните интереси македонското пра шање да стане „отворена рана“, додека грчката политика таму со години игра улога на „руска чивија“ за западниот свет.
Секако, ова е голема тема и не може лесно да се објасни зошто и каква е ситуацијата, но треба да се потенцира дека Западот сака Републиката да биде дел од НАТО и пошироко во тој свет.
Како реагира грчката наука, ако се земе предвид дека сегашната политика на Атина, особено Коѕијас, ликот и делото на македонскиот крал и војсководец Александар Македонски го крева на врвот, на нивниот Олимп. Можат ли ова Грците да го поминат низ системот за варење? И кои би биле последиците од едно вакво ретуширање на нивната историја?
Претходно кажав дека македонското прашање, особено независна македонска држава е „кошмар“ за грчката националана историја-мит. Државноста е силен инструмент за зацврстување на национална идеологија. Македонската држава развива врски со други држави, државата напредува, инситуциите, стандардот, општеството и македонштината индиректно станува еден вид „фар“ на регионот. Грција не може на тоа да парира соодветно. Конкретно северниот дел од Грција и географската Македонија во Грција не можат да делуваат и да парираат околу зацврстувањето и ширењето на македонштината. Овој вид прогрес на малата држава неминовно го раздрмува „македонскиот мит“ во Грција. Не е чудно просечен Грк да се запраша: „Ако Македонија не е грчка и македонскиот национален идентитет е поинаков, тогаш јас навистина сум Грк, или нешто друго од ова што со години го учам во училиштата “? Се обидувам да го објаснам грчкиот комплекс и „уплавот“ од ова прашање за Грција.
ВИЗИЈАТА НА МИЦОТАКИС
Како вие како Македонци во Грција, малцинство признаено и видено од многу инстанци, на пример од комесарот за човекови права на Советот на Европа, независната експертка на ОН, Мек Дугал итн., но не и од Атина, дали чувствувате дека и вие сте погодени или сте цел во овие преговори?
Мицотакис како премиер на почетокот на 90. години пред Националниот совет за креирање политика против младата држава Република Македонија, која бара меѓународно признавање, потенцира: „Не е проблем оваа мала држава, туку ако се отвори ново малцинско прашање во Грција поврзано со населението на северниот дел од државата. Токму тоа е вистината зад сцената. Ако немаше македонско население, немаше грчката политика да прави галама и отпор. Погоре реков дека македонштината е „кошмар“за грчкиот национален мит. Уште поголем кошмар е ако просперира младата Република Македонија, зашто тогаш „заспано“ или „полузаспано“, „асимилирано“ или „полуасимилирано“ македонското малцинство ќе се разбуди соодветно. Ако се опишува „кошмарот“ тогаш тој би бил со следното сценарио: Република Македонија членка на НАТО, еден вид „милениче“ на Балканот, оти е во центарот на полуостровот (како што Грција беше „милениче“ после Големата војна под Англија, а соседните социјалистички држави беа против интересот на Западот), а Грција банкротирана, надвор од НАТО и ЕУ. Ова што го пишувам е приказна, ама има „кошмари“ не само во приказните, туку и во реалниот свет. Некои се плашат тие приказни да не станат реалност. Се обидов да карикирам за да го опишам проблемот. Но уште нешто да кажам. Замислете македонски премиер во присуство на меѓународни колеги го гушка грчкиот премиер и му вели: „Драг колега штета што толку години не размислувавме што навистина можевме да направиме за нашите односи да бидат уште покооперативни и покорисни за меѓународните односи. Во нашата мала држава сакале или не, имаме ваши граѓани, илјадници се тука како жртви на Граѓанската војна во Грција, ги примивме достоинствено и тука растат фамилии. Страшни перипетии доживеале тие ваши граѓани, но нели можат тие навистина да бидат мост за соработка и искрени односи? Тие луѓе имаат и грчко и македонско државјанство. Како мислиш да ни бидат мост на мир и соработка овие граѓани?“
Јас лично очекував некој македонски премиер да го направи ова со грчки колега уште од почетокот на 90-те години на минатиот век.
Можно ли е физички да ги одвојат Македонците во Грција од Македонците во Република Македонија?
Не може да се случи такво нешто. Македонците во Грција имаат стаус на граѓани и имаат апсолутно право да патуваат и секако да контактираат и не само со роднините во Републиката. Грција се уште нема некој вид „Енверхоџино“ владеење и затворање на границата за своите граѓани. За спречување на посета на родните огништа во Грција на македонски граѓани, но не само нив, познато е како беше и што се имплементираше и за тоа се дозна дури во 1995 година.
Дали тоа ќе биде според Вас една од темите на заедничката комисија за корегирање на материјата во учебниците?
Тоа секако мора да биде дел при евентуално пишување заеднички историски книги во двете држави. Има начин како за доброто на двете држави и за граѓаните да се пишуваат соодветни историски книги, но сепак, сметам дека е далеку таков тип имплементирана политика. Сметам дека за Грција тешко би било да оди кон такво решение и пишување заеднички книги бидејќи ќе ја тангира грчката национална идеологија. Затоа, ние како граѓани тука, припадници на малцинството, настојуваме за реформи и соодветно делуваме сите овие години.
ГРЦИЈА НЕМА ДА ПРИЗНАЕ МАКЕДОНСКО МАЛЦИНСТВО
Македонците во Грција поминаа низ историјата, која и не е така одамна, низ еден процес на бришење на нивниот код – на пример ги преименуваа личните имиња и презимињата, ги погрчија црковните натписи и икони, надгробните плочи, градовите, селата, реките, планините… Што би можело да биде следно? Дури и после евентуален „договор“ помеѓу Грција и Република Македонија околу името, Грција нема да направи сопствена реформа околу македонското малцинство во северна Грција. Ниту ќе има чекор напред, бидејќи ова е поврзано со грчкиот начин на размислување околу почитување на различностите, признавање и почитување на малцински права. Далеку е Грција и грчката држава од тоа да направи чекор напред. За да се направи тоа треба да почне со училиштата, со грчката национална историја, реформи и вклучување на грчката идеологија, вредности поврзани со почитување на националните ентитети. Грција е уште далеку од ваков тип реформи.
Се надеваме дека и после се работите можеби и нема да бидат толку црни. Која би можела да биде надежта, или позитивното сценарио за во иднина?
Надежта е секој Македонец достинствено, упорно, паметно, корисно да мисли и да делува соодветно. Свесен граѓанин, без разлика каде живее, да делува позитивно и секако врз сакање и почитување на општите човечки вредности да креира позитивна иднина за Македонците и за сите свои сограѓани. Главата горе и секогаш напред!