А македонизмот не значи ништо друго туку – позиција дека постои македонска нација. Има ли таква нација – има. Значи никаков крах нема, колку тоа и да му се сака на некого во Софија или Атина (а тоа се и оние „сите“ за кои зборува Димитров). Проблемот како што е кажано од бугарска страна на илјада директни и прикриени начини е во тоа што има македонска нација и што ние се самоопределуваме како Македонци. Тоа е македонизмот и тоа е проблемот за Софија. Многу тешко може да се разговара при такви позиции

 – Инаку во Бугарија до денес не можат да се одлучат дали се Словени, Иранци, Аријци, Турки, Тракијци или некаква мешавина. И тоа е затоа што не можат да се соочат со фактот дека се нова нација – рожба на 19 век, а не некаков стар народ

 Заедничката комисија за усогласување, односно пишување на македонско-бугарско историја е формирана и наскоро се очекуваат првите состаноци и експертски разговори. За овој процес почнат по Договорот за пријателство, симболично потпишан лани на 1 август, разговараме со проф.  Стојко Стојков, доктор по историски науки кој предава на Универзитетот „Гоце Делчев во Штип“. Стојков е познат и по својот политички активизам во Бугарија во рамки на судски укинатата партија на Македонците  – ОМО-Илинден Пирин.

Проф. Стојков, согласно Договорот  за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Р. Бугарија, двете влади ги утврдија и членовите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Целта е експертите да ги приближат историските наративи, односно да направаат прифатлива историја која ќе биде преточена во учебниците. Веројатно, наместо историја на факти, ќе добиеме историја на политички диктат. Како вие како Македонец по потекло од Пиринска Македонја, Бугарија, но и како историчар гледате на овој процес?

Убаво рековте – „прифатлива историја“. Ако е „прифатлива“ таа е политичка, а не научна. Тоа значи неприфатливите факти да се тргнат. Меѓутоа, тука доаѓа и до вториот проблем – прифатлива за кого? Мислам дека е сосема јасно. Прифатлива за Софија. Зашто не друг, туку само Софија може да ги казнува или наградува резултатите од дејноста на комисијата со „да“ или со вето за напредокот на Македонија кон Европа. Идејата не е да се отстранат некои места во учебниците, кои би можеле да побудуваат омраза кон другата нација. Тоа е само камуфлажата на идејата за пред Европа. Идејата од која се инспирира Софија е македонските учебници да се усогласат со бугарската национална митологија и идеологија. Не мислам дека бугарската страна ќе прифати воопшто во оваа комисија да се менуваат бугарските учебници по историја. Бугарската страна очигледно се чувствува и однесува како победник и инспирирана од изреката дека „историјата ја пишуваат победниците“ сега се спрема да ни ја пишува историјата.

Научниците во комисијата се исто за камуфлажа. Реално ќе одлучуваат политичарите – луѓето пред кои ќе реферираат научниците се практично историски неписмени. Нивен ќе биде последниот збор.  Комисијата не е научна (убаво што го избегнале зборот „научна“ во името!)  и не си поставува научни цели. Од научна гледна точка таа е не само апсурд, туку и гротеска. Науката не работи и не може да работи така. Науката се развива во постојано истражување, преиспитување, во незапирен слободен дијалог кој се врши во научни форуми (конференции, списанија и т.н.). Нема земање конечни решенија, нема преговори, нема комисии, нема наметнување. Убедувањето доаѓа од силата на аргументите. Никој со никого не е должен да се согласува. Секој секого може да критикува. Никој не е казнуван затоа што не се согласува со нечие мислење, па било тоа и надмоќно. А токму таков е форматот на оваа комисија. Ако не се согласуваме со бугарските национални догми – ќе бидеме казнувани. Нема Европа. Како пак на научниците низ светот не им текнало да создадат државни комисии во кои да се пазарат за тоа какво било минатото и на крајот да се обратат до политичарите за да пресечат како треба да било?!

Притоа, обратно на декларациите што ги прави бугарската страна, таа ни најмалку не се интересира за вистината. Бадијала се 11 пресуди во Стразбур за кршење права на Македонци во Бугарија, никакво фајде од сите препораки на меѓународните организации и институции до Софија во последните 27 години во поддршка на македонското малцинство, попусто е тоа што на сите бугарски пописи од 1946 г. досега илјадници бугарски државјани се самоопределуваат како Македонци. Не – за Софија македонско малцинство „нема и не може да има “(според изреката на Тодор Живков). Бугарската страна јасно изјави дека ќе бара оваа нивна лага да биде прифатена и во Скопје.

Бугарските експерти се предводени од Ангел Димитров, кој беше амабсадор во Македонија и кој неодамна на бугарсата национална ТВ БНТ, рече дека Делчев бил Бугарин по потекло, а дека македонизмот доживеал крах, само Македонците во Македонија тоа не го разбрале. На Димитров не му пречи Гоце да биде славен и во Македонија, но посочува дека една од најмаркантните македонски историски фигури се борел за слобода на Бугарите. Може ли ваква фрлена ракавица да биде прифатена од македонски историчари? И кон што би водело такво нешто?

-Во споредба со ставовите кои ги презентира Димитров може да се каже дека далеку поприфатлив и полиберален водач на бугарската група ќе беше Тодор Живков. Не е чудно – самиот тој како историчар е рожба на бугарската историска школа од времето на нејзиниот историски џихад против Македонија (1970-те и 1980-те). Ставовите на Димитров се далеку понастрани и поназадни од оние на комунистичкиот диктатор. Сосема е јасно дека за него нема македонска нација, македонско малцинства исто – Македонците се Бугари кои ги дели од Бугарија и Бугарите само комунистичкиот период и тоа што живеат во одделна држава. Е, сепак Македонците треба да имаат „некакво лице“, според него, меѓутоа тоа лице не треба да противречи на бугарските стремежи и разбирање за она што значи пријателска Македонија. А, за Бугарија пријателска Македонија е едноставно – немакедонска, бугарска Македонија. Ниту повеќе, ниту помалку. И за него и за сличните на него софиски фундаменталисти проблемот е „македонизмот“. А македонизмот не значи ништо друго туку – позиција дека постои македонска нација. Има ли таква нација – има. Значи никаков крах нема, колку тоа и да му се сака на некого во Софија или Атина (а тоа се и оние „сите“ за кои зборува Димитров).. Проблемот како што е кажано од бугарска страна на илјада директни и прикриени начини е во тоа што има македонска нација и што ние се самоопределуваме како Македонци. Тоа е македонизмот и тоа е проблемот за Софија. Многу тешко може да се разговара при такви позиции. Позицијата на Димитров е добра за започнување војна со Македонија – не за градење некакви мостови. Фактот што тој бил амбасадор во Македонија само зборува дека Бугарија во целиот период водела антимакедонска политика и сега сака да продолжи со истата.

На Бугарија не ѝ е гајле за Гоце. Ако утре ние се откажеме од него – ќе биде заборавен и таму (не дека сега кој знае колку го почитуваат). Ако пак решиме дека наш најголем национален симбол е некоја штала, а национален херој – некој анонимен лудак, Бугарија веднаш ќе развие теза дека ова штала е древно и најсвето бугарско место, а лудиот е најголемиот и славен бугарски херој. А потоа од тоа ќе направи политички проблем и ќе плаче дека ја грабиме и водиме непријателска политика. Проблемот е дека за Бугарија ние не треба да постоиме, соодветно не можеме да имаме свои херои, места, симболи, име, јазик… Тоа значи мантрата што Софија ја повторува последните години: Македонија во Европа – да, македонизмот – не. Целта продолжува да биде – македонската нација да се уништи или редуцира и редефинира на пробугарска основа. Тоа е официјална политика на Бугарија од времето на Тодор Живков (1963 г.) до денес.

Ние Македонците сме проблем за соседните национализми, затоа што со самото свое постоење покажуваме дека нивните национални митови, се токму тоа – митови, а не некаква вистина. Затоа и нивната омраза против „македонизмот“. Бугарија се надева дека може да ја натера Македонија да создава Бугари преку нејзините училишта, и преку диктат да ги преврати Македонците во Бугари. Нема никаква шанса да успее. Единствениот резултат ќе биде омраза, а не пријателство.

 Од сите страни се слуша дека Македонците имале проблеми со својот идентитет, но следејќи ги дебатите во Бугарија изминативе месеци, се чини дека токму Бугарите имаат проблеми со својот идентитет, при што особено се критични на времето на „комунизмот“, а Грците како да се откажуваат од нивниот Перикле, и на врвот го ставаат Александар Македонски. Дали нашите соседи намерно историјата ја превртуваат наопаку за на Македонците им накалемат некаков нов идентитет?

-Не мислам дека има некаква вистинска криза на идентитетот во Македонија, освен можеби кај некој збунет поединец. Секој Македонец, кој се чувствува Македонец знае дека Македонците не се Бугари, Срби или Грци, туку Македонци – посебна нација. Тоа е доволно и друго не ви треба. Само на луѓето што не се уверени во својот идентитет им требаат приказни и „докази“. Нормалните луѓе научуваат какви се уште во семејството. Јас знам дека сум Македонец, а не Бугарин од својот татко и мајка, потоа од баба ми (дедовците ми исто биле Македонци, но умреле млади). Тоа сум го научил во Бугарија каде во училиште учевме дека се македонско е бугарско. Од баба ми знам дека таа научила дека е Македонка, а не Бугарка од својата мајка. Сите тие живееле во Пиринска Македонија и со исклучок на прабабата се родени во Бугарија. Дури ништо повеќе да не знаев, пак лесно би разбрал дека она што го зборува Димитров е куп лаги.

Инаку во Бугарија до денес не можат да се одлучат дали се Словени, Иранци, Аријци, Турки, Тракијци или некаква мешавина. И тоа е затоа што не можат да се соочат со фактот дека се нова нација – рожба на 19 в., а не некаков стар народ. Во споредба со дилемите на Бугарите нашето чудење меѓу Словени и антички изгледа доста умерено.

„Етногенезата“ на Балканот се јавува пред се како политички инструмент за наметнување влијание. Стремежот е да се убедат Македонците дека имаат заедничко потекло со Бугарите и според тоа треба да се однесуваат во согласност со таквото „роднинство.“ На современите Македонци треба да им се наметне волјата на бугарската држава, но не директно – тоа би родило отпор, туку наводно од името на македонските предци. „Вашите предци биле Бугари – значи треба и вие да бидете“; „вашите предци секогаш ја поддржувале Бугарија – треба и вие да ја поддржувате“; „вашите предци сакале да се присоединат кон Бугарија – значи и вие треба да го сакате истото“. Така што проблемот допира не само до тоа што сме биле, туку и тоа што сме и што сакаме да бидеме. Бугарија сака да го дефинира тоа наместо нас. Ако сме луѓе тоа никогаш нема да го прифатиме. Ако сме ајвани – може.

 Простете што ќе ви поставиме лично прашање – но вие сте само еден од Македонците-интелектуалци од Бугарија кои животна егзистенција побараа во Македонија. Зошто? Не можевте тоа да го постигнете во Бугарија?

-Учен со ставови дека постои македонска нација и малцинство не би можел да постои во Бугарија. Дури и најголемиот генијалец на светот не би можел да заштити дисертација во Софија во која да се спомнува дека има македонска нација. А оние научници, кои се определат во поддршка на идејата за македонска нација, јазик и сл. губат работа. Мајката на Сергеј Станишев е пример за тоа. Видете и што се случи со проф. Стефан Влахов. Видете ја судбината на друг научник – проф. Константин Георгиев. Јас никогаш не би можел да најдам работа во било која научна или образовна институција во Бугарија со моите ставови.

И во тој ред на мисли. Добра идеја и знак за храброст од страна на македонската влада ќе беше ако во комисијата беа поставени академик Иван Катарџиев (од село Плоски, Пиринска Македонија), академик Ѓорѓи Попатанасов (од село Елешница, Пиринска Македонија), и евентуално јас, или Стефан Влахов. И да видиме како бугарските претставници ќе ни објаснуваа нам дека не постои македонско малцинство во Бугарија. За жал меѓутоа инспирацијата на Скопје е: ајде да не ги лутиме Бугарите. Бугарската делегација доаѓа со идеја да не уценува, а ние се раководиме од тоа да не им создадеме дискомфорт.

Не сакам да бидам разбран неправилно. Не дека сум незадоволен со составот на нашиот дел од комисијата. Напротив – за мене беше олеснување да видам дека таму се поставени одлични историчари. Но тие нема да одлучуваат. Ќе одлучуваат политичарите.

 Како Македонците во Бугарија гледаат на Договорот за пријателство? Дали во тие 14 точки колку што ги има во тој документ можете вие да се пронајдете?

-Македонците од Бугарија не можат себе си да се пронајдат таму. Но таква е и идејата на договорот. Нема нешто добро што некој од нас да мисли за овој „договор за пријателство“. Но, не можам да се воздржам да не коментирам каква перверзна содржина вложува Софија во зборот „пријателство“. За неа тоа значи Македонците да мислат, сакат и прават само она што неа ѝ се допаѓа. Се што се отклонува настрана е проблем, се што е спротивно со тоа – непријателство. Македонците велат: постоиме – и тоа за Бугарија е антибугарско тврдење. Ние зборуваме за македонско малцинство во Бугарија – и тоа за Софија е антибугарска пропаганда.

 Во членот 11 точка 6 од Договорот стои дека „Двете Договорни страни ќе преземаат ефикасни мерки за спречување на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат дејности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични дејствија, кои би им наштетиле на нивните односи“. Каков е вашиот коментар на оваа точка? И дали амбасадорот Димитров веќе не ја пречекори линијата на пристојно однесување, на пример?

-Недобронамерна пропаганда од гледна точка на Бугарија е секое тврдење дека има македонска нација или уште полошо – македонско малцинство во Бугарија. За Софија меѓутоа негирањето на македонската нација или малцинство не се проблем, не претставуваат нешто што треба да ја загрижува Македонија. Всушност Софија со тоа негирање и асимилација сосема свесно и плански се занимава, доказ за што се 11 пресуди против неа во Стразбур, а во корист на различни претставници на „непостоечкото македонско малцинство“ во Бугарија.

Лош знак е кога на чело на бугарската комисија е поставен човек кој според своите искажувања е националистички сомнамбул, забеган надвор од наука и реалност. Фактот што човек со такви искажувања, наместо да биде исклучен од секакви разговори е поставен за раководител од бугарска страна, кажува се. Бугарскиот врв е солидарен со неговите ставови и смета дека тие ги изразуваат нивните позиции и интереси. Тоа е она што ќе се обидат да го спроведат преку комисијата. Тоа значи дека нашите претставници, ќе треба да преговараат во комисијата со непријатели дојдени за да ни наметнат услови за капитулација, а не за да градат некакво пријателство. Ќе преговараат со делегација од бугарското министерство на вистината (по Орвел). Со духовните внуци на Тодор Живков.

Она што мене ме секира од македонска страна е одредена доза на наивност во политичкиот врв, кој изгледа навистина поверува дека проблемите сами сме си ги создале. Знаете тоа е посебна психолошка состојба на луѓе западнати во безизлез. Таа ви дава лажна надеж дека се е во ваша контрола, зашто ако вие сте крив за се, тогаш само треба да промените нешто кај себе и се ќе се среди. Но единственото што ние можеме да направиме за да ги одоброволиме соседите е да престанеме да постоиме.

Оваа наивност се покажа и во тоа налудничаво трчање да се ратификува договорот со Бугарија, што беше огромна политичка грешка. Додека не се реши проблемот со Грција нема никаква корист, а обратно голема штета за Македонија да прави било какви попусти спрема Бугарија. Зашто Македонија дури и да ги започне преговорите за влегување во Европа ја чекаат уцени, и тоа секоја година во тој процес и од Грција и од Бугарија. Каква смисла има да правите попусти пред тоа? Давате, без ништо да добиете. Освен тоа праќате многу лоша порака. Сите експерти во Бугарија очекуваа дека ратификацијата, а потоа и создавањето на комисијата ќе се одоголговлекуваат до максимум. Софија беше исклучително изненадена од брзата ратификација. Заклучокот што си го извлекоа нејзините политичари беше дека премалку барале од Скопје и биле премногу меки. Штом толку брзо Македонија ратификува – значи би дала многу повеќе. И тоа е идејата што ја храбри сега бугарската делегација. Да бараат не нешто – туку се.  Мекоста, попустливоста, стремежот да не налутиме некого ни се враќа како бумеранг. Во една фамилија на забегани волци каков што е Балканот не смеете да блеете како овца, ако ви е драга кожата.