Речиси три месеци траат протестите во поранешната британска колонија Хонгконг, каде незадоволни граѓани првично излегоа на улиците како отпор против, сега суспендираниот, закон за екстрадиција, но во меѓувреме собирите прераснаа во крик за поголеми демократски права и барање оставка од лидерката на Владата на Хонгконг, Кери Лам.

Додека западните медиуми пренесуваат за мирни протести и употреба на прекумерна полициска сила врз демонстрантите, Кина ги отфрла таквите наводи.

Официјален Пекинг соопшти дека протестите во Хонгконг покажуваат знаци на тероризам, „демонстрантите се главно насилни, некои се и екстремно радикални, а други ја оштетуваат јавната сопственост.“

За една од најголемите политички кризи во Хонгконг во последните децении, МИА разговараше со привремениот вршител на должност Амбасадор на Народна Република Кина во Република Македонија, Мао Чингвен.

Речиси три месеци траат протестите во Хонгконг. Може ли да ни кажете што се случи и како започнаа тие?

Протестите произлегуваат од амандманите (измените) на законите. Во април Владата на Специјалниот Административен Регион на Хонгконг (ХКСАР) предложи амандмани на уредбата за бегалци престапници и Заедничка правна помош во Декретот за криминални прашања, кои ќе овозможат Хонгконг да работи подобро со другите делови на Кина, за заеднички да се спротивстават на криминалот и да го поддржат владеењето на законот и на правдата.

Непознавањето на правниот систем на Кинеското копно и фактот што некои луѓе поттикнуваа страв доведе до зголемена загриженост кај јавноста за законот. Масовен протест против предлог законот се одржа на 9 јуни и демонстрантите постојано се обидуваа да ја освојат зградата на Законодавниот Совет (ЗС). На 15 јуни, Владата на ХКСАР одлучи да престане да работи на амандманите за предлог законот.

Сепак, жестокиот протест продолжи да ескалира. Некои опозициски фигури и радикални демонстранти отидоа дури подалеку, барајќи поддршка за „Независност на Хонгконг” и извикуваа слогани „Ослободете го Хонгконг, револуција на нашето време”, веејќи национални знамиња на САД и Велика Британија. Алармантно е што се открија многу магацини со оружје, со експлозиви, рачни бомби и ножеви, за кои постои сомнеж дека им припаѓаат на радикални демонстранти.

На тој начин протестите во основа се сменија, а она што се случува сега наликува на „шарена револуција”.

Според некои извештаи на западните медиуми, станува збор за мирни протести, зошто Вие тврдите дека се насилни протести и дали е вистина дека полицијата употребила солзавец и други остри мерки?

Причината е едноставна. Бидејќи некои радикални демонстранти ги користат мирните протести како покритие за да се вклучат во насилни, нелегални активности. Нелегално носејќи црни маски, тие го ограбуваа Законодавниот Совет, ја нападнаа Канцеларијата за врски при централната влада во Хонгконг, ги демолираа националните симболи, го оштетија националното знаме, ги оштетуваа јавните објекти, вршеа блокади на полициски станици, ги попречуваа метро линиите, напаѓаа полициски офицери, претепуваа луѓе и предизвикаа огромен метеж на меѓународниот аеродром во Хонгконг, влијаејќи на нормалниот живот на обичните луѓе во Хонгконг и на стотици илјади патници.

Погрешно нарекувајќи ги овие протести мирни, нема да ги оправда нивните насилни, нелегални активности.
Мислам дека полицијата во Хонгконг е многу воздржана во споредба со меѓународните стандарди. Во текот на изминатите два месеца, радикалните и насилни демонстранти постојано ја напаѓаа полицијата. Насилните демонстранти палеа низ улиците и пред полициските станици, напаѓајќи ги полициските офицери со железни шипки, корозивни течности, заслепувачки ласерски зраци, фрлаа цигли и бензински бомби. Како последица на тоа, повеќе од 180 полициски офицери беа повредени, а полициските станици беа нападнати повеќе од 75 пати. Затоа, е сосема нефер да се каже дека полицијата во Хонгконг користи прекумерна сила.

Треба да се знае кој всушност го започна насилството и кој ја провоцира полицијата, наместо да се посочува со прст кон полицијата која само го спроведува владеењето на правото.

Каква ќе биде натамошната иднина на Хонгконг, имајќи предвид дека според кинеско-британската заедничка декларација, НР Кина ветува дека Хонгконг ќе има релативно голем степен на автономија барем до 2047 година? Дали е загрозен основниот принцип „една земја, два система“?

Пред се, треба да се разјасни една точка. Ветувањето за „непромена во 50 години” не е дел од кинеско-британската заедничка декларација. Тоа е ветување направено од нашиот претходен лидер г-дин Денг Сјаопинг во 1984 година кога тој се сретна со претставници на бизнис заедницата од Хонг Конг. Тоа значи дека нашата политика за Хонгконг, „една земја, два системи”, ќе се задржи во Хонгконг 50 години. Ние го следиме ова ветување.

Второ, со почит кон кинеско-британската заедничка декларација, сакам да повторам дека нејзината конечна цел и основна содржина е да се афирмира кинеското закрепнување на Хонгконг и продолжување на остварување суверенитет врз него. Со враќањето на Хонгконг кон татковината, кинеската Влада има надлежност врз него согласно Уставот и Основниот Закон. Ниту една држава и организација нема никакво права да ја користи декларацијата како изговор да се меша во работите на Хонгконг.

Според политиката на „една земја, два система”, Хонгконг како посебен административен регион на Кина, ужива високо ниво на автономија и има различен политички и економски систем од оној во копнена Кина. Исто така, благодарение на „една земја, два система”, Хонгконг САР ги задржа просперитетот и стабилноста, и останува една од најслободните економи и најконкурентни региони во светот, почитуван од бројни меѓународни институции. Хонгконг продолжува да биде „Бисер од Истокот”. Фактите покажуваат дека политиката на „една земја, два система” е успешна и динамична, и ќе биде поддржана долго време.

ЕУ и САД реагираат многу воздржано во врска со протестите и немирите во Хонгконг. Како ја оценувате нивната воздржаност и дали сметате дека таквата позиција на Вашингтон е со цел да не се продлабочува трговскиот спор меѓу САД и Кина?

За жал, не гледаме воздржаност во реакциите на САД и ЕУ. Напротив, особено САД, постојано се мешаат во работите во Хонгконг. На пример, во јуни претседателката на американскиот Претставнички дом, Ненси Пелоси јавно изјави дека протестите во Хонгконг се „убава глетка која може да се види “. Потоа, во јули американскиот потпретседател Мајк Пенс и советникот за национална безбедност Џон Болтон остварија средби со опозициските лидери во Хонгконг.

Претходно овој месец, во извештајот во познатиот весник на Хонгконг, „Тау Кунг Пао“ пишува дека имало состанок помеѓу неколку радикални опозициски личности, вклучувајќи го и активистот од „Независност на Хонгконг“ Јошуа Вонг и Џулие Едед, шеф на политичката единица на Генералниот конзулат на САД во Хонгконг и Макао.
На 13 август, Пелоси во своја изјава уште еднаш им даде поддршка на насилните демонстранти, кога тие предизвикаа огромен хаос на меѓународниот аеродром во Хонгконг.

Поддршката на САД не завршува само со давање забелешки и со состаноци на високо ниво, туку Националната фондација за демократија (НЕД) достави огромна сума пари за некои организации во Хонгконг, кои учествуваа во протестите.

Протестите во Хонгконг се случуваат во еден чувствителен период кога Народна Република Кина одбележува 70 години од своето формирање. Дали стравувате дека овие собири можат да зафатат пошироки размери и да предизвикаат евентуална криза во регионот? Ќе преземе ли Централната влада на Кина какви било остри мерки за запирање на протестите во Хонгконг?

Многумина во Кина сметаат дека протестот во Хонгконг е „бура во шолја чај“. Нема влијание надвор од Хонгконг, а не пак да прерасне во регионална криза. На крајот од денот, луѓето во Хонгконг и јавните интереси ќе страдаат од штетата предизвикана од насилството.

Централната власт на Кина цврсто ја поддржува лидерката на Хонгконг, Кери Лам во нејзиното владеење засновано врз законот на ХКСАР и има доверба во мудроста и способноста на Лам да се справи со сегашната состојба во Хонгконг и да го насочи административниот тим на Владата на ХКСАР да се движи напред и да напредува во иднина. Се надеваме дека овие насилни протести ќе завршат на мирен начин. Во меѓувреме, ние сме целосно подготвени за најлошото.

Демонстрантите во Хонгконг очевидно сакаат да испратат порака дека „мешањето на Кина е непожелно“. Кој е ставот на Пекинг во врска со тоа и што планира да преземе?

Уште од 1997 година кога Хонгконг и беше вратен на Кина, политиките „Една земја, два система“, „Народот на Хонгконг управува со Хонгконг“ и висок степен на автономија беа целосно имплементирани. Централната власт е одговорна само за дипломатијата и националната одбрана на Хонгконг, а Владата на ХКСАР ужива висок степен на автономија во останатите сфери. Значи, Хонгконг е дел од Кина. Централната Влада се надева дека Хонгконг ќе остане просперитетен и стабилен и секогаш ќе му даваме поддршка на Хонгконг, како што беше за време на азиската финансиска криза, птичјиот грип и епидемијата на САРС. Причината за тоа што се случува денес во Хонгконг е интервенција на надворешните сили.

Демонстрантите во Хонгконг мора да дејствуваат согласно Уставот на Кина и Основниот закон за специјалниот административен регион Хонгконг. Тука треба да се потенцира дека го поддржуваме принципот „една земја, два система“. Сепак, не може да се потенцира само „Два система“, а да се заборава „Една земја“. Не можеме да дозволиме Хонгконг да се користи како база за антикинески активности.

Имаме целосна доверба дека извршната власт ќе стави крај на насилството и повторно ќе се воспостави ред што е можно побрзо. Централната влада ќе им обезбеди секаква поддршка на премиерката Кари Лам и на владата на Хонгконг.

Хонгконг е финансиски и трговски центар и најбогат регион во Кина. Се одразуваат ли протестите негативно врз економијата?

Повеќенеделните немири го поткопаа општествениот ред и економијата, при што најпогодени се малопродажбата, рестораните и туризмот во Хонгконг. Немирите го отежнаа животот во Хонконг. Според истражувањата, многу мали и средни фирми тврдат дека претрпеле пад на заработката од 30 проценти и ги намалиле платите на вработените во последните месеци.

Исто така, значително е намален бројот на туристи во Хонгконг. Речиси 30 земји или региони издадоа предупредувања за патувања во Хонгконг. Довербата на инвеститорите е намалена, а компаниите ги одложија плановите за првични јавни понуди во Хонгконг.

Владата на Хонгконг ја ревидира прогнозата за економски раст во 2019 година од нула до еден процент, а претходната проценка беше од два до три отсто. Ризикот од пад на економијата во Хонгконг значително се зголемува.

Народот во Хонгконг се соочува со насилство и беззаконие. Се поголем број жители на Хонгконг изразија надеж дека ќе се стави крај на насилството и хаосот и повторно ќе се воспостави ред.

Властите во Хонгконг разговараа со претставници на демонстрантите за надминување на ситуацијата, но не е постигнат напредок. Кои се нивните барања и зошто средбата заврши без успех?

Јас сметам дека сега приоритет е да и се даде поддршка на Владата во Хонгконг за прекин на насилството и враќање на редот. Ние треба да кажеме „не” на секакво насилство и беззаконие, и да застанеме зад Кери Лам и нејзината Влада за почитување на владеењето на правото и правдата во Хонгконг. Истовремено, надворешните сили мора да престанат да се мешаат во работите на Хонгконг, и медиумите треба да известуваат за ситуацијата во Хонгконг на праведен и објективен начин, и да помогнат во поттикнување на здраво опкружување на јавното мислење. Насилните престапници мора да бидат изведени пред лицето на правдата согласно законот, без разлика кои се и дали се поддржани од какви било сили.

Ние сме уверени дека со поддршката од Централната Влада на Кина и лидерството на Кери Лам и нејзината Влада, Хонгконг ќе му стави крај на насилството и во најскоро време ќе го врати законот и редот. Хонгконг повторно ќе заблеска во полн сјај.

Габриела Точко за МИА