Марко Петревски
Македонскиот историчар д-р Бранислав Светозаревиќ Покорни неодамна ја промовираше својата последна книга „Македонци – Милениумски сведоштва за идентитетското име“. Обемниот научен труд на Светозаревиќ од безмалку илјада страници е резултат на неговото 30-годишно искуство во историската наука.
Подолг период ја подготвуваше книгата „Македонци – Милениумски сведоштва за идентитетското име“, а доколку се соберат потрошените часови за комплетирање на последната книга, професорот Светозаревиќ вели дека за тоа потрошил 6 месеци деноноќно и непрекинато истражување и пишување.
Во книгата се сублимирани сите факти коишто македонската историографија ги има откриено, но, Светозаревиќ открива и некои нови документи и сознанија кои досега се необјавени. Како што вели тој, во неговата последна книга се преведени и цитирани над 1000 документи каде експлицитно се споменуваат Македонците и го докажуваат нивното постоење на овие простори во три форми – територијална, народна и национална самосвест. Во прилог следи интервју со професорот Светозаревиќ за Денешен.мк.
Во историските истражувања Македонија и Македонците се спомнуваат од најразлични извори: латински, германски, англиски, руски, турски, арапски… Од вашето децениско искуство истражувајќи ја историјата може ли да посочите од кој крај на светот имаме најмногу извори за Македонија и Македонците?
Статистички гледано, речиси е новозможно да се каже од каде потекнуваат најголемиот број на извори во кои се споменуваат Македонија и Македонците. Ако ги проверуваме хронолошки, во антиката тоа се изворите произлезени од најголемите противници на античките Македонци, од хеленските градови на чело со Атина. Во средниот век најголем број извори потекнуваат од Византија, во новиот век, и тоа од 15 до 18 век, најмногу извори во кои експлицитно се споменуваат Македонците е Хабзбуршката монархија, во 18 век не заостанува и Руското царство. Во 19 век, Македонците стануваат предмет на интерес на новосоздадените балкански народи кои покажувале големи претензии кон Македонија и Македонците, па нивното споменување имало сосема друго значење.
Сепак кон средината на 19 век, со појавата на македонската интелегенција, се забележуваат сѐ поголем број извори кои потекнуваат од Македонија. Кон крајот на 19 век и првата половина на 20 век, се појавува една значајна држава која не само што со нејзиниот капацитет на слобода им овозможи на многубројните македонски емигранти во неа да се изјаснуваат слободно за својот идентитет и идентитетско име, туку, искрено, безрезервно и транспарентно ја подржаа заложбата и борбата на Македонците за создавање на посебна македонска држава. Тоа се Соединетите Американски Држави, каде што постојат огромен број докази кои сведочат за идентитетското име Македонци.
Теоријата за големата преселба на Словените на Балканот во голема мера има недостаток на материјални археолошки докази. Истовремено, се смета за релевантна теорија од официјалните историографи, а од друга страна Македонизмот изобилува и со материјални и со пишани извори а сепак ни е наметнат проблем во докажување на нашиот милениумски идентитет. Има ли решение за овој апсурд?
Ова прашање е повеќе наменето за специјалистите за средниот век. Фокусот на моето истражување беше присуството на етнонимот Македонци во тоа време без продлабочено навлеување во тоа комплексно прашање. Прашањето, дали Словените се само усвоен термин за македонските племиња, дали тие дошле од „зад Карпатите“, или се староседелци во Македонија се прашања за кои се полемизира, повеќе во јавноста отколку во науката. Лично не ја исклучувам можноста за два термина кои се употрбувале за многу сродни племиња.
Прашањето, согласно вашата констатација за едни е затворено а за други останува отворено. Но тоа е науката, за неа нема ништо конечно, се е подложно на преиспитување. Но едно е сигурно: современите Македонци можат да бидат горди на фактот дека тие се наследници на двете култури, доколку не се работи и за сродни, бидејќи тие го задолжија светот, првите со придобивките на античката, за тоа време супер држава која за првпат ги спои Европа и Азија и вторите кои на светот му ја подарија словенската писменост и култура.
Неприликите во историјата како палењето на Александриската библиотека во антиката, прогонот на Богомилите и уништувањето на нивните записи во средниот век и ред други трагични настани се виновни за уништување на непроценлив број сведоштва за минатото. Дали во вашето истражувачко искуство сте биле во ситуација да забележите дека недостасуваат историски извори за одредени периоди?
Одговорот на ова прашање може да биде дека повеќе од изворите не се сочувани отколку што се сочувани. На пример, не е сочуван ниту еден оргинален извор создаден од државата на Самоил. Денешните историчари се повикуваат на извори кои најчесто потекнуваат од византиската држава која водела исклучиво непријателска политика кон оваа држава, но водела и крвави борби против неа. Дури и главните византиски извори не потекнуваат од тоа време, па таквите извори ја отсликуваат византиската политика, но и субјективноста на нивните автори.
Во ваквиот случај, најмногу простор има за различни толкувања. Бугарската историографија, секогаш го истакнува фактот дека писателите од времето на владеењето на Македонската династија со Византија, жителите на Македонија ги нарекувале Бугари, поради именувањето на воено-административната единица – тема Бугарија, но го избегнуваат фактот дека во исто време тогашните жители на територијата на бугарска Тракија ги нарекувале Македонци поради именувањето на воено-административната единица – тема Македонија. Оваа рокада на именувањето на териториите и жителите нема никаква врска со некаква именска самоидентификација на народите во тој период.
Минатите децении Македонија имаше многу повеќе нови историски научни трудови за разлика од последниве 5-6 години. Ова дава впечаток дека властите не одвојуваат доволно средства за тоа. Јавната дебата на историските теми речиси и не постои, а истовремено јавноста е жедна за факти и сведоштва за македонскиот идентитет. Треба ли истражувачите да се свртат кон независните финансиери за проекти кои го афирмираат Македонизмот?
Добро сте забележале дека во последните години сѐ повеќе значајни историски дела се финансираат од независни финансиери. Ваквата појава, иако е за поздравување, таа воопшто не е оправдување за односот на државните институции кон научните трудови од една страна и третманот на науката воопшто од страна на државата, од друга страна. Впрочем, и финансирањето од страна на независните финансиери не е законски регулирано, со што би се стимулирале таквите иницијативи.
Сѐ е оставено на добрата волја на поединци, со што можам да кажам дека науката во Македонија е на колена. Државата сѐ уште продолжува да финансира неверојатни, контраверзни дури и бизарни проекти, кои немаат никаква врска со македонската реалност, ниту пак нешто придонесуваат во развојот на државата или на општествената мисла.