Рената ПЕПЕЉУГОСКА

До 70-80 отсто од луѓето кои завршуваат со миокарден инфаркт немале некои посериозни здравствени проблеми кои ги пријавиле или ги чувствувале наназад се до тој период. Многу анализи покажале дека 30 до 45 минути пешачење има и до 50 отсто влијание за намалување на опасноста од кардиоваскуларни болести во период од 10 години. Популацијата над 40 години да прави редовни прегледи, како што се електрокардиограм, ехо на срце, лабораторија за следење на маснотии и шеќер во крв, вели во интервју за МИА, д-р Александар Колев, специјалист по кардиохирургија од Универзитетската клиника за државна кардиохирургија.

Тој посочува дека пушењето цигари е исклучително штетно за кардиоваскуларниот систем и препорачува не постепено, туку веднаш да се прекине, да се прават редовни прегледи, да се зема терапија, да се има физичка активност, поголемо движење, поголема социјализација и подолг престој во природа.

Нагласува дека за некој брз период ќе се формира нов центар за третман на срцеви болести односно ќе се спојат Државната кардиохирургија и Универзитетската клиника за кардиологија и дека со иницијатива на Владата формирани се работни групи кои треба да овозможат поврзување во еден правен субјект. На тој начин, посочува, ќе се избегнат бирократски пречки и ќе се обединат дијагностиката, конзервативниот третман и пред оперативната подготовка на пациентите, оперативното односно хируршкото лекување, како и постоперативното лекување и натамошното следење на срцевите болни.

Тој истакнува дека на Клиниката се извршени десеттина минимално инвазивни операции каде нема класично сечење на градната коска и еден голем мутилантен рез, туку со рез кој е под пазувата од само четири сантиметри направиле неколку замени на аортна валвула, неколку операции на митрална валвула и тоа е насоката во која и натаму планираат да се развиваат.

-Извршени се меѓу 250 и 320 кардиохируршки операции. Покрај кардиохируршки операции на нашата Клиника се изведуваат и васкуларни хируршки операции, наведува д-р Колев.

Во врска со трансплантациите на срце тој вели дека е потребно малку поголема активност во делот на подигнување на свесноста и на јавноста и на медицинскиот персонал за донорството и за навременото препознавање на мозочна смрт, дијагностицирање и преземање на сите постапки понатаму за овозможување на срцеви донори.

– Охрабрувачки е на некој начин кога ќе се посетат едни поразвиени држави, поразвиени здравствени системи, односно во конкретниот случај болницата во Бордо, Франција, кога ќе видите дека нема многу разлика од тоа што ние го работиме во Македонија, во делот на оние стандардни кардиохируршки интервенции, потенцира д-р Колев.

Во рамки на  престојот во Универзитетската болница во Бордо тој првпат имал искуство да види како изгледа роботизирана кардиохируршка операција, поконкретно пластика на една болна митрална валвула на срцето.

-За мене кардиохирургијата како дел од хирургијата е и наука, и вештина, помалку е уметност, но пред се е начин на живот. Кога избирате кариера како хирург не избирате само професија, туку избирате нешто што е животен повик. За да знаете да направите една операција на срце, еден бај пас или замена на валвула вообичаено потребно е тоа срце да го запрете да работи, пациентот да го поврзете на една машина која е вештачко срце и вештачки бели дробови кои го одржуваат во живот, на некој начин сето тоа е многу фасцинантно и да го имате во вашите раце срцето на пациентот е буквално како да го имате неговиот живот, посочува д-р Колев.

Во врска со тоа која иновација или техника во кардиохирургијата најмногу ќе го трансформира третманот на пациентите во следната деценија, посочува дека минимално инвазивните процедури кои се и сегашност во светот, но особено нивното комбинирање со роботизирани апарати и дополнително веројатно ќе има многу голем напредок и развој со развојот на вештачката интелигенција, која во поголема мерка се користи во дијагностицирањето на многу болести. Тој истакнува дека веќе се направени неколку операции кои комбинираат хируршка активност со роботизирана активност и со вештачка интелигенција.

-Минимално инвазивните процедури, комбинирањето на ендоваскуларните процедури кои се без отворена хирургија, со отворени операции, односно хибриден пристап кон третирањето на пациентите ќе биде исто нешто што ќе овозможи голем бенефит за кардиохируршките пациенти. Понатаму сигурно дека ќе има можност со развој на биотехнологии и со развој на 3Д принтање на биолошки материјали на органи, на ткива, што ќе помогне исто за третманот на пациентите со срцева слабост, нешто што звучи радикално меѓутоа се случи и веројатно многу ќе се работи на тоа и во иднина, а тоа е таканаречената ксенотрансплантација. Една проста споредба за нејзиниот ефект. Првиот трансплантиран пациент со срце од човек донор живееше 18 дена, првиот трансплантиран пациент со срце од свиња живееше два месеца. Со етичките дилеми кои постојат и веројатно ќе бидат тема, кардиохирургијата во третманот на пациентите со срцева слабост ќе се движи кон развојот на нови технологии, но и кон ксенотрансплантацијата, додава д-р Колев во интервјуто за МИА.

Универзитетската клиника за кардиохирургија располага со тим врвни кардиохирурзи, анестезиолози, медицински сестри и здравствени соработници, кој со долгогодишно искуство и стручност, обезбедува висококвалитетна здравствена заштита и специјализирана нега за секој пациент. На што се должи вашата и воопшто успешноста на целиот тим?

Во прашањето делумно одговоривте на што се должи успешноста. Ќе кажам една друга работа која не прави ефикасни, а тоа е силната мотивираност. Државната кардиохирургија започна со работа пред 11 години во 2014 година и поголемиот дел од тимот доктори, медицински сестри, техничари, помошен персонал е всушност од самото нејзино отворање. На некој начин ние сме дел од еден проект, кој го гледаме како исклучително значаен за државата. Државната кардиохирургија, според мене, е стратешка институција од областа на здравството за државата и со тоа што поголемиот дел од нас сме вклучени од самиот почеток, чувствуваме силна мотивираност дека создаваме нешто, што е и иднина и нешто што во еден момент ќе биде значајно за македонската историја, за македонското здравство. И сите оние кои подоцна се вклучиле во Државната кардиохирургија ја чувствуваат таа мотивираност. Eдинаесет години е краток период и се уште сметам дека ние ја градиме иднината преку Државната кардиохирургија. Тоа е првото. Второто е дека од самиот момент на формирање на Државната кардиохирургија имавме можност за исклучително добра соработка и исклучително добра обука со еминентни кардиохирурзи, анестезиолози, сестри со исклучително долгогодишно и квалитетно искуство во делот на кардиохирургијата од регионот, но и од Европа. Имавме интензивна соработка со Клиничкиот центар „Дедиње“ во Белград, со Клиничкиот центар во Белград, со болницата „Тримли“ од Цирих, соработувавме со доктори од Германија и Италија. Всушност и првата операција беше направена со помош на кардиохирушки тимови од Италија и благодарение на оваа континуирана едукација и усовршување на секој дел од персоналот на Државната кардиохирургија сметам дека денес имаме една можност на пациентите да им дадеме навистина квалитетна и стручна услуга.

Колку време сте дел од тимот и дали се планираат новини за унапредување на работниот процес на Клиниката кои се во интерес на докторите и на пациентите?

Јас сум дел од Државната кардиохирургија од самиот нејзин почеток во 2014 година, кога беше првата операција и до денес веќе 11 години и во изминатиот период поминавме низ многу премрежија. Сепак, иако постигнавме и многу големи успеси, не запираме овде, туку продолжуваме понатаму со воведување на нови современи методологии. Прво што можам да издвојам од она што во јавноста се дискутира веќе подолг период наназад и сметам дека за некој брз период ќе видиме реализација, е тоа е формирањето на еден нов центар за третман на срцеви болести односно спојувањето на Државната кардиохирургија и Универзитетската клиника за кардиологија. Во овој момент ние делиме една зграда, споделуваме заеднички простор, меѓутоа функционираме како два различни правни субјекти. Со една иницијатива која ја поздравувам од Владата на Република Македонија, формирани се работни групи кои треба да овозможат поврзување во еден правен субјект. Со тоа всушност ќе профункционираме како центар за срце, нешто што функционира главно во светот, што е вообичаено и на тој начин ќе се избегнат некои бирократски пречки кои постојат во моментот и ќе се обединат дијагностиката, конзервативниот третман на пациентите, пред-оперативната подготовка на пациентите, оперативното односно хируршкото лекување, како и постоперативното лекување и понатамошно следење на срцевите болни. Тоа овозможува не само надминување на бирократските пречки, туку овозможува и поинтензивна соработка која веќе ја имаме отпочнато во смисла на овозможување таканаречени хибридни процедури каде интервентниот дел на постапките, на процедурите, што главно спаѓа во делот на интервентните кардиолози го поврзуваме со отворените класични хируршки операции. Минатата недела имаше еден случај во кој тимот од Универзитетската клиника за кардиологија постави стент на каротидна артерија, на артерија на вратот на една пациентка, додека нашиот кардиохируршки третман продолжи веднаш преку една хибридна процедура со операција за бај пас хирургија на срце. Тоа е една дополнителна можност. Во изминатата година – година ипол, започнавме со воведување минимално инвазивни процедури во хируршкото лекување на пациентите кои понатаму планираме дополнително да ги развиваме и да го прошириме нашиот спектар. Извршени се десеттина минимално инвазивни операции каде нема класично сечење на градната коска и еден голем мутилантен рез, туку со рез кој е под пазувата од само четири сантиметри имаме направено неколку замени на аортна валвула, неколку операции на митрална валвула и тоа е насоката во која и понатаму планираме да се развиваме.

На Клиниката годишно колку кардиохируршки интервенции се извршуваат и дали се следат сите најсовремени светски трендови во кардиохирургијата?

Бројката наназад во изминатите години на кардиохируршки операции се движи некаде околу 300, или да кажеме меѓу 250 и 320 кардиохируршки операции, при што покрај кардиохируршки операции на нашата Клиника се изведуваат и васкуларни хируршки операции. Имаме и оддел за васкуларна хирургија, односно хирургија на крвните садови. Бројката на васкуларни операции е 250 до 300 годишно. Годинава се извршени 235 кардиохируршки операции и 170 васкуларни операции. Минатата година имавме 265 кардиохируршки и отприлка толку васкуларни операции. Значи тоа е бројката која меѓудругото е условена и од кадровскиот и од просторниот капацитет со кој располагаме. Годинава имавме кадровски проблем заради тоа што останавме само со двајца кардио анестезиолози и постоеше опасност во целост да се прекине оперативната програма на Клиниката, но благодарение на извонредните напори на нашите колеги анестезиолози и на поддршката од Министерството за здравство изнајдовме решенија не само да не запре хируршката програма и да не запрат операциите, туку како што кажав, да ја исполниме и бројката во која сме се движеле во изминатиот период наназад.

Колку трансплантации на срце се извршени на Клиниката и според таа бројка, во однос на бројот на жители, каде се вбројува Македонија меѓу другите држави во светски рамки?

До овој момент на Државната кардиохирургија се извршени 11 трансплантации на срце. Таа бројка е различна во различни години. Ние можеме да ги компарираме бројките од различни години. Првата трансплантација на срце е извршена во 2020 година. Во првите две години се извршени шест трансплантации, во 2022 и 2023 година се извршени по две годишно, во 2024 година една, за жал во 2025 година се уште нема трансплантација. Во изминатите години, иако таа бројка делува мала, мора да кажам дека во однос на бројот на жители во еден период Македонија беше во првите 20 земји во светот според извршени трансплантации на годишно ниво. Вкупно во текот на една година капацитет да извршат срцеви трансплантации во светот имаат околу 60, 70 држави. Поголем број од државите во светот се уште ја немаат оваа процедура имплементирано во нивните здравствени системи. Како што кажав, бројките варираат меѓутоа Македонија покажа дека има стручни тимови, има капацитет на медицинскиот, на здравствениот систем и можеби е потребно малку поголема активност во делот на подигнување на свесноста и на јавноста и на медицинскиот персонал за донорството и за навременото препознавање на мозочна смрт, дијагностицирање и преземање на сите постапки понатаму за овозможување на срцеви донори.

Бевте дел од тимот кој ја изврши првата трансплантација на срце во Македонија, за што ја добивте и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, како и спомен-плакета од Општина Велес за придонес во развојот на кардиохирургијата. Што претставува за Вас добивањето на наградата и спомен-плакетата и какво е чувството да се овозможи продолжување на нечиј живот?

Трансплантацијата на срце не е единствена ниту хируршка, ниту медицинска процедура со која ние и колегите доктори имаат можност да продолжат нечиј живот. Многу доктори во Итната медицинска помош со методите на кардиопулмонална ресусцитација спасиле живот, продолжиле живот, многу хируршки операции на различна патологија, многу медикаментозни терапии значат продолжување живот. Меѓутоа кога зборуваме за трансплантација на срце, со оглед на тоа дека имаме срце од починат донор, можеби звучи метафизички, но чувството е дека на некој начин ние овозможуваме тоа срце од тој настрадан млад човек да продолжи да чука во друг организам и на некој начин тоа е продолжување на животот и на тој донор преку таа трансплантација. А, што значат наградите? Јас сум благодарен што имав можност да бидам дел од тимот. Иако бев специјализант и асистирав на експлантацијата на срцето на првата трансплантација, благодарен сум за таа можност што ја имав во животот. Наградите значат прво препознавање на трудот, што Клиниката и здравствениот систем во државава го направиле, за да дојдеме до тоа ниво да бидеме сепак во помалиот дел на држави во светот кои имаат воведено срцева трансплантација, на некој начин препознавање на потребата од донорство, секако мотивација и поддршка да се работи во насока на воведување и имплементирање нови процедури кои ќе значат поквалитетно лекување на нашите пациенти.

Според Вас, што треба да се преземе за подигнување на свесноста на населението за важноста на трансплантацијата?

Проблемот или методите се мултисегментни ако можам така да кажам. Потребна е навистина здружена активност на поголем дел од сегментите во општеството, на поголем дел општествени чинители. Кај нас легислативата се измени во изминатиот период со тоа што законските измени сега предвидуваат претпоставена согласност за разлика од некои држави кои имаат активна согласност односно за некој починат да биде донор, треба во текот на неговиот живот јасно и гласно да се изјасни дека доколку дојде до таков немил настан, ќе ги донира органите. Кај нас е претпоставена согласноста, но тоа не значи олеснување на процедурата, туку значи дека откако ќе имаме настрадан со констатирана мозочна смрт, потребно е обезбедување на согласност од фамилијата. Со оглед на тоа дека фамилијата нема сознание за желбата на настраданиот додека бил жив и со оглед на тоа дека станува збор за еден момент во кој фамилијата е трауматизирана, бидејќи потенцијални донори се генерално млади и здрави лица кои настрадале најчесто во некоја несреќа, таа фамилија треба во едни услови на таков шок да даде согласност за донирање. Тука е потребно да се делува прво можеби кај медицинските работници кои треба сериозно да бидат и психолошки обучени за пристапот кон фамилијата на овие пациенти, да знаат на кој начин да им пристапат за да овозможат таква согласност, меѓутоа треба и мерки и од општеството во целина и од религиозните групи со кои ќе се потенција етичката вредност на дарувањето органи.

Престојувавте неодамна на Универзитетската болница во Бордо, Франција, каде што посетивте специјализирана работилница посветена на најсовремените техники во кардиохирургијата. Со какво искуство се стекнавте на таа работилница?

Одлично искуство. Има една изрека која на некој начин е и моја животна филозофија, дека секој кој ќе го сретнеш знае нешто што ти не знаеш и од секого можеш нешто да научиш. Преточено во професионална смисла, за мене, тоа значи дека има нешто што може да се научи од секој кардиохирург со кој ќе има можност да се влезе во сала, да се гледа, да се асистира, да се соработува. За среќа, ние со оглед на соработката која се одвива со доаѓањето на многу кардиохируршки експерти на нашата Клиника, сме имале можност да учиме, но, кога ќе се отиде во друга установа, тоа е некако мултиплицирано, затоа што во еден момент може да се видат различните техники на поголем број кардиохирурзи од другата држава, може да се види разлика во организацијата на самиот работен процес. Тоа што беше најзначајно и што може да го издвојам е што за првпат имав искуство да видам како изгледа роботизирана кардиохируршка операција, поконкретно пластика на една болна митрална валвула на срцето. Тоа е нешто што ќе го издвојам. Од друга страна, мора да кажам дека е охрабрувачки на некој начин кога ќе се посетат некои поразвиени држави, поразвиени здравствени системи, односно во конкретниот случај болницата во Бордо, Франција, кога ќе видите дека во делот на стандардните кардиохируршки интервенции нема многу разлика од тоа што ние го работиме во Македонија.

По положувањето на специјалистичкиот испит во 2021 година станавте првиот кардиохирург во историјата на Катедрата по хирургија на Медицински Факултет – Скопје. Зошто се одлучивте за кардиохирургијата?

Прво логичко следство после формирањето на Државната кардиохирургија беше и отворањето на Катедрата за кардиохирургија односно овозможувањето на специјализации по кардиохирургија на Медицинскиот факултет во Скопје. Претходно моите постари колеги своето образование го имаа во странство, односно беа упатени на субспецијализација, едно повиско ниво на усовршување за кардиохирургија. Со ова се отвори можноста јас и моите други колеги да се стекнеме кардиохируршка специјализација во Македонија. Сега таа постои и ќе продолжи и во иднина. Зошто кардиохирургија? Јас прво имав започнато специјализација по општа хирургија. Да кажам зошто одбрав хирургија. За мене кардиохирургијата како дел од хирургијата е и наука, и вештина, помалку е уметност, но пред се е начин на живот. Кога избирате кариера како хирург не избирате само професија, туку избирате нешто што е животен повик. Нема работно време, посветеноста на проблематиката мора да биде 24/7 достапен, и затоа како што реков, тоа е начин на живот. Мојот карактер бил таков што мануелното решавање на здравствените проблеми подиректно, побрзо, акутно решавање на здравствените проблеми ми е поблиско и тоа одлучило да изберам хирургија. Додека бев студент, немав можност да видам кардиохируршки операции, меѓутоа откако бев повикан на првата кардиохируршка операција бев фасциниран од самата технологија на нејзиното изведување. За да знаете да направите една операција на срце, еден бај пас или замена на валвула вообичаено потребно е тоа срце да го запрете да работи, пациентот да го поврзете на една машина која е вештачко срце и вештачки бели дробови која го одржува во живот, на некој начин сето тоа е многу фасцинантно и да го имате во вашите раце срцето на пациентот е буквално како да го имате неговиот живот.

Брзиот начин на живот, изложеноста на стрес, несоодветниот начин на исхрана, немањето физичка активност, пушењето и не одењето на превентивни прегледи резултира со зголемен број пациенти со кардиоваскуларни заболувања. Каков совет ќе им упатите на граѓаните во однос на грижата за здравјето на срцето?

Во Македонија, па и во светот кардиоваскуларните болести го заземаат првото место по зачестеност и се главна причина за смрт. Кога зборуваме за причини кои доведуваат до овие болести ние можеме да ги поделиме на две групи: едните се вродени или внатрешни фактори, значи ние најчесто не знаеме каква генетика носиме и може да имаме генетска наклонетост кон одредена болест. Возраста односно стареењето е нешто на кое не можеме да влијаеме, како што не можеме да влијаеме ниту на генетиката. Меѓутоа многу научни студии покажале дека влијанието на генетиката е некаде можеби 20 до 25 проценти додека животните навики или оние надворешни фактори се нешто што може да одлучи дали ние ќе заболиме од одредена болест во конкретниот случај кардиоваскуларна болест или не. Вие набројавте голем дел од нив. На прво место пушењето цигари, кое е исклучително штетно за кардиоваскуларниот систем и еден од главните надворешни фактори. Тоа што ќе им препорачам на сите кои ќе го гледаат-читаат овој разговор, е откажување од пушењето цигари. Пушењето цигари во Македонија е навистина на високо ниво. Во многу земји во светот може да се каже дека не само што не е модерно пушењето цигари, туку е на некој начин е и срамно, додека кај нас не е така. Препорачувам веднаш да се престане со пушење цигари, не постепено, не ќе намалам, туку веднаш. Друго што можам да препорачам е редовна контрола на хроничните болести, контрола на шеќерот кај дијабетичарите, зашто дијабетесот е втора главна причина која доведува до срцеви болести. Потоа регулирање на крвниот притисок, редовно земање терапија доколку некој е на хронична терапија, да не се избегнува терапијата, физичка активност, поголемо движење, поголема социјализација, подолг престој во природа и редовни прегледи.

Имајќи ја предвид сложеноста на кардиохируршките интервенции, имате ли посебен начин на подготовка пред извршувањето на секоја интервенција и ако имате што таа опфаќа?

Кардихируршките операции бараат навистина сериозна подготовка. Немам некое суеверно однесување пред операција, меѓутоа, прво, секој кардиохируршки пациент мора да биде детално иследен од секој органски систем. Значи не е само срцето на кое треба да се фокусираме и да го третираме, туку особено е од интерес и работата на белите дробови, бубрезите и сите останати органи. Евентуално присуство на некоја инфекција хронична или акутна, сето тоа треба да биде земено во предвид и да биде анализирано пред самата операција. Откако тоа ќе биде направено и пациентот ќе добие согласност од тимот кој вклучува кардиохирурзи, кардиолози, анестезиолози, дека е безбедно влегувањето во сала, во овој случај зборуваме за елективни, не за итни операции, тогаш веќе може да ја планираме и операцијата. Со оглед на тоа дека на некој начин се уште сум релативно млад како кардиохирург мојата подготовка подразбира детална анализа на сите предоперативни испитувања на пациентот, како и детално планирање и замислување на операцијата пред да влезам во сала, што всушност во мојата пракса подразбира и опишување на секоја операција, на секоја постапка од самиот рез на кожа, па до последниот шев – затворање на кожата, опишување во тетратка. Тоа е една навика, можеби заради тоа што сум се уште на почеток, но сметам дека е добра практика за да си ја задржам до крајот на кариерата затоа што на тој начин се осмислува операцијата, се предвидуваат сите можни компликации, се има претходно план доколку се случи извесна компликација што би требало да се направи и се намалува паниката или стравот доколку таа се случи. Сметам дека тоа овозможува едно полесно и побезбедно спроведување на операцијата.

Која неодамнешна иновација или техника во кардиохирургијата сметате дека најмногу ќе го трансформира третманот на пациентите во следната деценија?   

Мислам дека има неколку. Не можеме да предвидиме што ќе биде најзначајно во следните десет години, меѓутоа некои работи можеби веќе се надѕираат. Прво, минимално инвазивните процедури кои се и сегашност во светот, но особено нивното комбинирање со роботизирани апарати и дополнително веројатно ќе има многу голем напредок и развој со развојот на вештачката интелигенција, која во поголема мерка се користи во дијагностицирањето на многу болести. Веќе се направени неколку операции кои комбинираат хируршка активност со роботизирана активност и со вештачка интелигенција. Оваа синергија овозможува намалување на грешките кои може да се јават од пристапот, од кардиохирурзите, го скратува времето на операциите, ги намалува компликациите и го скратува болничкиот престој постоперативно со оглед на тоа дека намалува и крварење и компликации. Тоа е едната насока. Минимално инвазивните процедури, комбинирањето на ендоваскуларните процедури кои се без отворена хирургија, со отворени операции, односно хибриден пристап кон третирањето на пациентите ќе биде исто нешто што ќе овозможи голем бенефит за кардиохируршките пациенти. Како посебна група ќе ги издвојам пациентите со хронична срцева слабост и развојот на нови методи во лекувањето на овие пациенти. Во една насока тоа е употребата на апарати за механичка циркулаторна поддршка, тоа се популарно кажани вештачки срца или пумпи кои се вградуваат кај пациенти со срцева слабост. Тоа се пациенти кои или не можат да добијат срце заради извесни контраиндикации или пак пациенти кај кои до моментот на обезбедување срце за трансплантација треба да бидат на механичка поддршка, како еден вид bridge to transplant. Интензивни се технолошките напредоци во смисла на обезбедување на ефикасноста на овие апарати, намалување на нивната големина и она што е најважно и очекувам да се случи во следниот период, а тоа е обезбедување на полнење на батеријата односно електрична енергија на овие апарати на безжичен начин. Еден од најголемите проблеми или компликации кај овие пациенти е што тие мора да имаат кабел кој излегува од нивниот абдомен, од нивниот стомак и тој го поврзуваат на надворешна батерија за да може пумпата да функционира. Сметам дека нешто што ќе се надмине во наредниве десет години. Понатаму, сигурно е дека ќе има можност со развој на биотехнологии и со развој на 3Д принтање на биолошки материјали на органи, на ткива, кој ќе помогне исто за третманот на пациентите со срцева слабост, нешто што звучи радикално меѓутоа се случи и веројатно многу ќе се работи на тоа и во иднина, а тоа е таканаречената ксенотрансплантација. Во 2022 година се случи првата трансплантација на срце кај пациент од друг организам, поточно специјално обработено, генетски модифицирано, моделирано, срце од свиња. Во 2023 година се случи и втората трансплантација. Првичните резултати се навистина охрабрувачки и со оглед на тоа дека станува збор за проблематика односно тема која сигурно ќе побуди многу етички дискусии и размисли сигурно ќе зависи многу и од тоа, но медицината се движи во таа насока. Една проста споредба за самиот ефект на таа ксенотрансплантација: првиот трансплантиран пациент со срце од човек донор живееше 18 дена, првиот трансплантиран пациент со срце од свиња живееше два месеца. Сметам дека со етичките дилеми кои постојат и веројатно ќе бидат тема, кардиохирургијата во третманот на пациентите со срцева слабост ќе се движи кон развојот на нови технологии, но и кон ксенотрансплантацијата.

Според вашето искуство, кои се најчестите заблуди на пациентите и грешки што ги прават, а кои ги доведуваат до операционен стол? Кој е најголемиот мит за здравјето на срцето во кој би сакале сите да престанат да веруваат?

Има повеќе. Веројатно најголемиот мит е, многу често ние и кардиолозите во нашата пракса среќаваме луѓе или нивни фамилии кои дошле до некоја кардиолошка или кардиохируршка интервенција како резултат на атеросклероза и развиле коронарна артериска болест, па завршиле на стент или можеби на операција, а тие велат не му било ништо, немал никакви симптоми, бил со полно здравје и се чудат како му се случило тоа. Еден од митовите е јас не чувствувам ништо, целосно сум здрав, не ми треба доктор, контрола и редовни прегледи. Тоа е нешто што прво треба да го тргнеме настрана, да кажеме дека дури некаде до 70-80 проценти од луѓето кои завршуваат со миокарден инфаркт немале некои посериозни здравствени проблеми кои ги пријавиле или ги чувствувале наназад се до тој период. Особено популацијата над 40 години треба да прави редовни прегледи, како електрокардиограм, ехо на срце, лабораторија за следење на маснотии, шеќер во крв. Вториот мит е поврзан со притисокот. Често слушаме пациентите да кажат: мене ми е нормален притисокот – 160 со 100, јас сум навикнат на тој и ако ми е понизок притисокот, не се чувствувам добро, поспан сум и одбиваат да ја третираат таквата состојба. Тоа исто така е една од поголемите опасности и мора граѓаните да сфатат дека нормален притисок е 120 со 80. Нема нормален притисок кој е 160, тоа е потенцијален ризик и за коронарна артериска болест која може да доведе до потреба од стентирање или бај пас хирургија, но е и потенцијален ризик од проширување на аортата и последична дисекција односно раскин на ткивото на ѕидот на аортата или прскање на самиот ѕид.

Ако можете да дадете само една дневна навика за заштита на срцето, која би била таа?

Тоа е сигурно движењето. Општо ќе кажам физичка активност која секој треба да си ја прилагоди на себе, меѓутоа движењето кое го препорачува и Светската здравствена организација е една од најдобрите превентиви за неколку болести, меѓудругото и за кардиоваскуларните болести. Тоа е превентива за дијабетес, инфекции, висок притисок. Се препорачуваат 8.000 до 10.000 чекори дневно брзо одење, што е 30 до 45 минути пешачење и многу анализи покажале дека тоа има и до 50 отсто влијание за намалување на опасноста од кардиоваскуларни болести во период од 10 години. Значи ако почнеме од денес да го практикуваме секој ден тоа пешачење, по 10 години веројатноста дека ќе развиеме кардиоваскуларна болест е преполовена.

Како ја балансирате потребата за прецизност и брзина за време на сложени операции, како што се замена на залистоци или бајпас хирургија? И Вие живеете секојдневен живот, може да сте нервозни, можеби не ви оди се како што треба во приватниот живот, детето донело слаба оценка… може да ви се случува се и сешто, а Вие сепак треба да бидете смирен, прецизен и во исто време брз? Како останувате смирени кога животот на пациентот е буквално во ваши раце?

Животот на пациентот е во наши раце и нема ништо поважно од тоа. Сите надворешни влијанија кои предизвикале степен на нервоза стануваат неважни и лошите оценки на децата и кои било други нервози, фамилијарни или професионални стануваат неважни кога во вашите раце е животот на пациентот. Токму затоа хирургијата воопшто и кардиохирургијата меѓудругото е професија која бара извесна и психофизичка подготвеност на човекот за да може да балансира односно да ги елиминира надворешните влијанија кога е во операциона сала и да се фокусира само на тоа што е најважно, а тоа е пациентот. Да, брзината е важна особено во кардиохируршките операции заради технологијата, која што Ви ја кажав претходно, односно потребата да се запре срцето, да се стави пациентот на машина за вонтелесна циркулација што само по себе има негативни и штетни ефекти и тука сте малку во трка со времето. Мое мислење е дека брзината доаѓа од прецизноста. Фокусирањето на прецизните постапки, неповторувањето на чекорите во операцијата, ни ја овозможуваат брзината на самата операција. Не смееме заради брзината да ја доведеме во компромитација прецизноста, а прецизноста сама по себе ќе ни овозможи брза операција.

Кои се тие операции на срце кои Вашата клиника не може да ги врши, па се вршат во приватните болници? Ако има такви, зошто е тоа така? 

Јас не сум запознаен со ниедна кардиохируршка процедура која се изведува во останатите приватни кардиохируршки установи, а која не се изведува кај нас и сум цврсто уверен дека такво нешто не постои. Се што се работи кај нас се работи и кај нив, и се што се работи кај нив се работи и кај нас од аспект на кардиохирургија.

Едно прашање за нешто што верувам ќе интересира многу родители: кај многу деца, постои отвор меѓу двете преткомори и постои можност за мешање на крвта. Што да прават во такви ситуации и која е процедурата ако тој отвор треба да се затвори?

Прво ќе кажам дека постојат различни видови на отвори помеѓу двете преткомори. За да бидеме попрецизни, појасни, ќе се обидам да ја објаснам и анатомијата и функцијата на срцето. Значи срцето има две комори и две преткомори. Десна преткомора, десна комора, лева преткомора лева комора. Преткоморите се разделени од коморите со залистоци или валвули. Од десната комора излегува белодробна артерија, од левата комора излегува aортата, и меѓу коморите и овие крвни садови исто така постојат залистоци додека меѓу преткоморите постои преграда и меѓу коморите постои преграда. Ова има за цел да овозможи еднонасочно движење на крвта и таа да не се меша, да не се враќа назад од коморите во преткоморите или од аортата во комората, да речеме, и да не се меша меѓу преткоморите и коморите. Нечистата крв народски кажано или крвта која ги носи метаболните продукти до срцето влегува во десната преткомора преку венскиот систем и тоа е крв којашто е богата со јаглероден диоксид. Од десната преткомора, таа крв влегува во десната комора, а потоа преку белодробната артерија оди во белите дробови каде се оксигенира, се снабдува со кислород, за потоа од белите дробови да се врати преку белодробните вени во левата преткомора, оттука да отиде во левата комора, а потоа преку аортата до сите целни органи во телото. Тоа е начинот на кој се движи крвта кај возрасен човек. Додека фетусот е во матката на мајката додека е поврзан со мајката преку плацента, неговите бели дробови не функционираат, туку добива оксигенирана крв, крв со кислород директно преку плацентата од мајката, и преку папочната вена таа крв богата со кислород доаѓа до организмот и доаѓа до десната преткомора. Со цел да се овозможи поефикасна искористеност на оваа оксигенирана крв, додека фетусот е во матката на мајката постои отвор меѓу десната и левата преткомора, што овозможува оваа оксигенирана крв побрзо да дојде на левата страна на срцето, и со тоа побрзо да биде испумпана доминантно до мозокот за да овозможи мозочен развој на бебето. А кога ќе се роди бебето кое ќе продише односно со првиот плач, тогаш веќе доаѓа до затворање на тој отвор. Меѓутоа една од најчестите вродени аномалии е перзистирање односно постоење на извесна комуникација, извесен отвор.  На почеток ќе кажам дека голем дел од возрасните пациенти кои доаѓаат во нивна веќе зрела доба 40, 50 години, имаат ваква вродена аномалија. Таа е негде 7 до 15 отсто од сите вродени срцеви аномалии. Има неколку вида. Првиот вид е таканаречен перзистирачки овален отвор. Тоа e кога постои само една како мембранeста пукнатина или флеб, која што останува отворена и после породувањето, меѓутоа не овозможува комуникација во нормални услови меѓу крвта, помеѓу левата и десната преткомора, туку во одредени ситуации како при кашлање или при некој поголем напор, може да се отвори и да комуницира. Проценката е дека 25 отсто од луѓето имаат перзистирачки овален отвор, и тоа нема никакви сериозни последици. Во поодмината возраст може да биде причина за зачестени цереброваскуларни инсулти или мозочни инфаркти и во такви ситуации се пристапува кон третирање на таа состојба. Другата категорија е кога има функционално отсуство на ткиво, и веќе зборуваме за атријален септален дефект или преткоморен септален дефект. Меѓутоа и овде имаме четири подгрупи. Најчестиот атријален септален дефект е од тип секундум, и тој се наоѓа на самото место каде  претходно комуницирала крвта. Најчесто како што кажав 70 отсто од дефектите се од овој тип. Останатите се примум, каде отворот е подоле во преткомората и е блиску до валвулите. Имаме од типот на венозен синус  и од типот на коронарен синус односно комуникација на делот кој е блиску до вена кава и делот што е блиску до коронарниот циклус. Овие последните три се покомплицирани и најчесто бараат хируршко затворање, меѓутоа се поретки. Осумдесет отсто од тип секундум односно најчестите дефекти спонтано се затвараат некаде до втората, третата година од животот, што значи дека ако такво нешто е дијагностицирано примарно, не треба родителите да се премногу загрижени. Затоа што препораките во овој случај, светските препораки се прво следење на самиот развој, и функција на срцето на детето, на бебенцето. Во еден многу мал дел, многу мал процент на случаи кога има или многу голем дефект или дефект од типот на вторите три примум синусвенозус или синус коронариз, тогаш уште во раната фаза кај новороденчето се препорачува хируршко затворање. Во спротивно, следење и доколку не се затвори во првите две, три години, доколку има хемодинамско значење односно доколку предизвикува срцева слабост, доколку ја оптоварува крвта на десната страна затоа што притисокот на левата страна е поголем, па крвта се движи и го оптоварува десното срце, тогаш или ако не веднаш кога е новороденче, што е најмалиот процент, се чека да направи барем четири години. Ако се уште има потреба, тогаш се препорачува ендоваскуларен третман, кога веќе анатомски ќе се оформи срцето на едно посолидно ниво, а ендоваскуларниот третман предвидува пласирање, народски кажано чадорче или оклудер, кое се прави преку пристап преку крвните садови без  операција на отворено срце. Значи најголемиот дел на дефекти, се безначајни. Многу луѓе им ги откриваме веќе во поодмината возраст, што значи дека се развиле и функционирале најнормално. Еден многу многу мал дел бара итно хируршко решавање, уште во фаза на новороденче, а некој останат дел од 20, 30 отсто кои бараат третман, се решаваат ендоваскуларно некаде после четвртата година од животот.

Според некои доктори, пациентите со отвор меѓу двете преткомори  треба да избегнуваат премногу физички да се напрегаат, на пример да планинарат, да се качуваат по скали, да носат тежок товар, додека други го кажуваат спротивното. Какво е вашето мислење во врска со тоа дали и што треба да избегнуваат овие пациенти?  

Прво, тоа е специфизирано за секој пациент, меѓутоа треба да бидат или на антитромбоцитна или на антикоагулантна терапија, односно или терапија со аспирин или со синтром, со варфарин, која треба да ја разреди крвта, затоа што овие места на комуникација се места на кои има склоност за формирање на тромбоемболизам и заради превенција на такви тромби, се препорачува  извесен степен на разредување на крвта или со аспирин или со антикоагулантна терапија. Тоа е едно. Друго она што најмногу се советува, е избегнување со спортови од типот на нуркање или искачување, планинарење, што може да дојде до синкопа односно губење на свест, до проблеми од тој тип.

Докторе, Ви благодарам на разговорот и многу успех работата!

Ви благодарам и јас.

Фото: Дарко Попов

Сниматели: Андреј Бранковиќ и Владимир Рабасовиќ