Градоначалникот на град Скопје Орце Ѓорѓиевски вели дека пред Градот стои една од најпредизвикувачките години во која ќе се стави целосен фокус на потребите на граѓаните и реализација на се што е ветено.
Ќе се работи на подобрување на инфраструктурата, на зголемување на зелените површини, на враќање на целосниот капацитет на јавните претпријатија. Оваа година, нагласува, ќе биде година на големи капитални инвестиции и вистинска преродба на Скопје со цел, како што вели, граѓаните повторно да го чувствуваат градот како свој, повторно горд и достоинствен и како таков да го оставиме на генерациите кои ќе дојдат после нас.
Годинава, потенцира, ќе се зборува за големи, сериозни и визионерски проекти, со кои од едно запоставено и обесхрабрено Скопје ќе се изгради достоинствен, уреден и горд град што ќе може рамноправно да застане рамо до рамо со европските метрополи.
Особен акцент, додава тој, ќе се стави на подобрување на инфраструктурата, но и на враќање на кондицијата и целосниот капацитет на јавните претпријатија, каде, како што истакнува, работите драстично се сменети.
-Кога ја презедов функцијата, затекнавме колабирани јавни претпријатија, вработени без плата, систем кој не функционираше. Денес, тоа е минато. Претпријатијата функционираат, редот е воспоставен, вели скопскиот градоначалник во интервју за МИА.
Додава дека преку развојните програми предвидени во Буџетот, следува и проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“, вложувања во заштита и уредување на културното наследство, како и сериозни инвестиции во јавното зеленило. Сето тоа, нагласува, е дел од поширока визија, Скопје да биде почисто, похумано и поубаво место за живеење.
Според него, ќе се работи на изградбата на Луна паркот и по повеќе од една деценија, конечно ќе се создаде простор каде што скопјани, а особено најмладите, ќе можат да уживаат во содржини достојни за еден модерен европски град. Паралелно со тоа, нагласува, сериозен фокус годинава ќе се става и на патната инфраструктура, која е клучна за секојдневниот живот на граѓаните.
Тој најавува дека Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница и со тоа, како што вели, ќе започне една сосема нова ера во развојот на градот. Со овој проект, смета тој, ќе се постигне сериозно растеретување на централната градска зона, побрз проток на сообраќајот и значително подобар квалитет на живот за граѓаните.
-Оваа сообраќајница ќе биде симбол на новото време, симбол на храброст да се направи нешто што со децении никој не се осмелил да го започне. Проект што ќе влезе во историјата и, најважно од сè, проект што се реализира исклучиво заради граѓаните, за нивно поквалитетно секојдневие, помал стрес и град во кој се живее достоинствено, нагласува градоначалникот на град Скопје.
Тој во интервјуто говори и за Скопје – Европска престолнина на културата за 2028 појаснувајќи притоа оти во еден момент имало сериозни индикации Градот да го изгуби статусот.
-Кога ја презедов функцијата градоначалник, затекнав целосно блокиран процес, управуван спротивно на законските прописи, без јасна визија, без транспарентност и со сериозни институционални слабости. Наместо изговори, решивме веднаш да се фатиме за работа. Со силен фокус, јасна одговорност и посветен тим, во изминатиот период успеавме да го деблокираме целиот процес и да го насочиме кон професионално, законско и транспарентно функционирање. Денес, со полна одговорност и гордост можам да кажам дека Скопје останува Европски град на културата за 2028 година – и тоа не формално, туку суштински подготвено за таа улога, вели тој во интевјуто за МИА.
Кои се главните приоритети и стратешки цели што си ги поставивте за годината што е пред нас и на кои области ќе ставите најголем фокус?
– Градот Скопје, а со тоа и мене како градоначалник, нè очекува една од најпредизвикувачките, но и најважните години досега. Пред нас е јасна задача – целосен фокус на граѓаните и бескомпромисно исполнување на сето она што го ветивме. Нема импровизации, нема изговори. Капиталните проекти што ќе го олеснат секојдневието на скопјани се наш приоритет број еден.
Особен акцент ставаме на подобрување на инфраструктурата, но и на враќање на кондицијата и целосниот капацитет на јавните претпријатија. Тука веќе можам со одговорност да кажам дека работите драстично се сменија. Кога ја презедов функцијата, затекнавме колабирани јавни претпријатија, вработени без плата, систем кој не функционираше. Денес, тоа е минато. Претпријатијата функционираат, редот е воспоставен, а оваа година следи уште поголема модернизација – од обновување на возните паркови до зголемување на ефикасноста и квалитетот на услугите.
Да потсетам, Скопје буквално тонеше во ѓубре. Затекнавме едвај десеттина исправни камиони за собирање смет, бројка која не може да опслужи ниту една општина, а не цел град. Без одлагање се зафативме за работа и денес имаме околу педесет функционални возила. Тоа значи дека еден од најгорливите проблеми што со години ги мачеше скопјани, оди во историјата.
Искрено, не е нормално во 21 век да дебатираме дали се собира ѓубре – тоа треба да биде рутина, а не вест. Затоа, оваа година сакаме и ќе зборуваме за големи, сериозни и визионерски проекти. Проекти со кои од едно запоставено и обесхрабрено Скопје ќе изградиме достоинствен, уреден и горд град што ќе може рамноправно да застане рамо до рамо со европските метрополи.
Кои конкретни проекти, капитални инвестиции или иницијативи планирате да ги реализирате или да ги започнете во периодот што следува и какво влијание ќе имаат врз граѓаните?
– Како што веќе нагласив, 2026 година ќе биде година на големи капитални инвестиции и вистинска преродба на Скопје. Но, дозволете да навлеземе во суштината конкретно, затоа што граѓаните заслужуваат јасни одговори и видливи резултати.
Еден од проектите што за мене има посебна емоционална тежина, а за кој јавната набавка веќе е во тек, е изградбата на Луна паркот. По повеќе од една деценија, конечно ќе создадеме простор каде што скопјани, а особено нашите најмлади, ќе можат да уживаат во содржини достојни за еден модерен европски град.
Финализирањето на градежните активности се очекува во 2027 година, а со тоа ќе затвориме една долгогодишна неправда поради која генерации деца беа лишени од место за игра, радост и незаборавни спомени. Новиот Луна парк ќе означи почеток на една нова ера на семејна забава во Скопје.
Луна паркот ќе се простира на површина од 84.000 метри квадратни и ќе понуди театар на отворено, панорамско тркало, пиратски бродови и низа други атракции што ќе создадат уникатна атмосфера, но и значително ќе го збогатат туристичкиот потенцијал и имиџот на нашиот град.
Паралелно со тоа, сериозен фокус ставаме и на патната инфраструктура, која е клучна за секојдневниот живот на граѓаните. Во тек е процесот со кој треба да се започне изградба на кружниот тек во Ѓорче Петров, се бележи значителен напредок на булеварот „Љубљанска“, а интензивно се работи и на клучката Момин Поток, проект кој подолг период беше закочен поради нерешени имотно-правни односи. Во периодот што следи, ќе пристапиме и кон реконструкција на „Бутелска“ и „Радишанска“, како и на други сообраќајни артерии кои се од суштинско значење за протокот и безбедноста во градот.
Преку развојните програми предвидени во Буџетот, следува и проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“, вложувања во заштита и уредување на културното наследство, како и сериозни инвестиции во јавното зеленило. Сето тоа е дел од поширока визија, Скопје да биде почисто, похумано и поубаво место за живеење.
Ова ќе биде година во која Скопје ќе стане едно големо градилиште, но и година во која ќе се постават темелите за град на кој сите ќе бидеме горди. Затоа што Скопје и скопјани заслужуваат многу повеќе – заслужуваат град што им возвраќа со квалитетен живот, сигурност и перспектива за иднината.
Каква е Вашата визија за развојот во годината што доаѓа и кои резултати би сакале да ги видат граѓаните на крајот од тој период?
– Мојата визија за годината што доаѓа е јасна, искрена и приземна, скопјани да видат и да почувствуваат конкретни резултати на терен. Не декларации, не флоскули и не изговори, туку реални промени што директно го подобруваат секојдневието. Со таа визија излегов пред граѓаните и со таа визија стојам и денес.
Факт е дека Скопје беше оставено во исклучително тешка состојба од претходните раководства. Но, јас не сум човек што се жали и бара алиби. Јас сум човек што презема одговорност и работи. И така ќе продолжам – со работа, со упорност и со јасна цел пред себе.
На крајот од периодот што следи, сакам скопјани да кажат дека проблемите кои со години им беа секојдневна голгота конечно останале зад нас. Да не зборуваме повеќе за купишта смет по улиците, затоа што тоа ќе биде минато. Да имаме јавен превоз што функционира навремено и сигурно, со засилен фокус на модернизација и подобра организација. Проектот за градскиот воз кој се реализира во соработка со Министерството за транспорт и кој е во напредна фаза, за кратко време ќе донесе сериозно олеснување во сообраќајот и ќе биде вистинска алтернатива за многу граѓани.
Мојата визија е да се движиме низ Скопје без сообраќаен хаос, со подобра инфраструктура, со повеќе зелени површини и со чувство дека градот повторно живее. Но, повеќе од сè, сакам скопјани повторно да го чувствуваат Скопје како свој град, повторно горд и достоинствен и како таков да го оставиме на генерациите кои ќе дојдат после нас.
Ништо не ме исполнува повеќе од завршен проект и задоволни граѓани. Тоа е мојот најсилен мотив и мојата најголема награда. Ова е мојата визија, ова е визијата што ја делам со скопјани и за која сум подготвен да го дадам и последниот атом од себе за повеќе насмевки, за повеќе доверба и за Скопје какво што сите го заслужуваме.
Најавивте дека ќе бидете првиот градоначалник на Скопје кој ќе стави во употреба подземна сообраќајница. Во која фаза е проектот и кога граѓаните реално можат да очекуваат да биде пуштена во употреба.
– Да, тоа е едно од ветувањата зад кои стојам со целосна одговорност и гордост – Скопје ќе ја добие првата подземна сообраќајница и со тоа ќе започне една сосема нова ера во развојот на градот. Лимак е стратешки проект кој суштински ќе го промени начинот на функционирање на централното градско подрачје.
Во моментов јавната набавка е во завршна фаза на правната постапка и веднаш по нејзиното комплетирање ќе започнеме со реализација на првата фаза. Таа опфаќа изградба на подземната сообраќајница на булевар „Македонија“, на потегот од под Лимак до влезот на Кисела Вода. Станува збор за една од моите најдраги и најзначајни капитални инвестиции, затоа што директно удира во срцето на проблемот, сообраќајниот метеж во центарот на Скопје.
Со овој проект ќе се постигне сериозно растеретување на централната градска зона, побрз проток на сообраќајот и значително подобар квалитет на живот за граѓаните. Во следните фази се предвидени и дополнителни крупни интервенции – изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и два кружни текови кај булевар „Кочо Рацин“ и улица „Железничка“, со што ќе се заокружи целината и ќе се создаде функционален, модерен сообраќаен систем.
Првата подземна сообраќајница во Скопје ќе има шест ленти, четири за двосмерен автомобилски сообраќај, две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Ова е проект кој ја следи логиката на современите европски метрополи и претставува чекор напред кон модерно, безбедно и ефикасно Скопје.
Оваа сообраќајница ќе биде симбол на новото време, симбол на храброст да се направи нешто што со децении никој не се осмелил да го започне.
Проект што ќе влезе во историјата и, најважно од сè, проект што се реализира исклучиво заради граѓаните, за нивно поквалитетно секојдневие, помал стрес и град во кој се живее достоинствено.

Скопје во 2028 година ќе биде европски град на културата. Како градот се подготвува за оваа улога и кои конкретни проекти и долгорочни придобивки ги очекувате за граѓаните и културната сцена?
– Прво морам искрено да кажам дека Скопје во еден момент имаше сериозни индикации да го изгуби статусот Европска престолнина на културата за 2028 година. Кога ја презедов функцијата градоначалник, затекнав целосно блокиран процес, управуван спротивно на законските прописи, без јасна визија, без транспарентност и со сериозни институционални слабости. Наместо изговори, решивме веднаш да се фатиме за работа.
Со силен фокус, јасна одговорност и посветен тим, во изминатиот период успеавме да го деблокираме целиот процес и да го насочиме кон професионално, законско и транспарентно функционирање. Денес, со полна одговорност и гордост можам да кажам дека Скопје останува Европски град на културата за 2028 година – и тоа не формално, туку суштински подготвено за таа улога.
Паралелно со овој процес, финализиран е Меморандумот за локална соработка и интеграција – прв договор од ваков обем и значење во Скопје. Со него се обединуваат 10 општини, сите училишта, јавните претпријатија, универзитетите, културните институции, невладиниот сектор, маргинализираните заедници и секој граѓанин кој сака да даде свој придонес. Ова не е проект на една институција или една администрација, туку заедничка градска мисија.
Подготовките за Скопје 2028 значат и конкретни, видливи инфраструктурни промени. Сериозно се работи на ревитализација на Скопско Кале, Аквадуктот, археолошкиот локалитет Скупи, Македонскиот културен центар и други јавни културни простори. Паралелно, се реализира концептот на „Скопски ЕУ зелен архипелаг“ со изградба на 50 мали маалски паркови, кои ќе ја носат културата надвор од институциите – на улица, во маалата, меѓу луѓето.
За мене, Скопје 2028 не е културен спектакл што трае една година. Тоа е процес на длабока и долгорочна трансформација. Културата ја користиме како алатка за урбан развој, европска соработка, економска и социјална динамика и создавање нова енергија во градот. Она што ќе остане по 2028 година се знаењето, меѓународните мрежи, новите модели на работа и зголемената културна самодоверба на Скопје.
Преку реадаптација на културното наследство, му даваме нов живот на минатото, а преку МКЦ, јавните установи и отворањето на новиот Европски центар за култура, отвораме простор за идните генерации творци. Ова е момент кога минатото и иднината се среќаваат во иста урбана визија.
Скопје 2028 значи култура која е подостапна, поевропска и поблиска до граѓаните. Не станува збор само за титула, туку за промена на начинот на размислување и работење. Зелените магистрали, парковите и јавните простори ја носат културата меѓу соседите, меѓу семејствата, меѓу младите и старите. Токму таму Скопје почнува да функционира како современ европски град на културата не само во 2028 година, туку и долго потоа.
Верувам дека токму таа жива врска меѓу културата и граѓаните е најголемата и највредната долгорочна придобивка. Тоа е инвестиција во иднината на градот, во неговиот идентитет и во неговата европска приказна.




