Доктор Александар Јовановски, новиот градоначалник на Кичево, во ексклузивното интервју на КУРИР говори за низа теми меѓу кои и за бракот со Линдита, поради кој морале да се справуваат со предрасуди во средината – тој Македонец, таа Албанка.

Јовановски најемотивно зборуваше за својата сопруга Линдита. Љубовта на прв поглед станала жртва на предрасуди, но била толку силна што ги победила сите препреки.

Денес се во брак 11 години, а круна на нивната љубов се трите дечиња Јана, Живко и Дафина.

Се запознале во кичевската гимназија, каде тој предавал медицински предмети, а таа била наставник по англиски јазик.

-Таму, ете судбината така сакала, да ја запознаам мојата идна сопруга. Тоа беше од моја страна љубов на прв поглед. Од нејзина не знам бидејќи не ме познаваше кога јас прв пат ја здогледав. Така да, сосем случајно седејќи во канцеларијата со професорите, влегува една прекрасна, јас пеперутка ја нареков тогаш и кога ја видов не можев око да тргнам од неа. Веднаш почнав да барам контакт да стапам со неа. Што е интересно, и од Македонците и од Албанците со кои што комуницирав да најдам контакт, сите одма ми викаа „Абе чекај, Албанка е, кај трчаш“. Мене не ми е поимливо, па што ако е Албанка? Никогаш ни дома не сме биле воспитувани така луѓево да ги делиме на нациналност. Во моментот воопшто ни не размислував од која националност е, едноставно сакав да стапам во контакт со неа. Добро, тоа беше еден постепен процес. После на запознавање, па на дружење, па на излегување, на вљубување и сите тие работи. И морам да ви кажам, не беше лесно. Ви напомнав, ние сме една средина која живееше многу убаво, која многу се согласуваше меѓутоа не паметам да имало мешани бракови или ако имаше по некоја мешана врска за жал, завршуваа неуспешно. Во старт се соочивме малку со потешкотии, ама му благодарам на Бога, на сопругата и на љубовта што успеавме, се изборивме заеднички и на крај остваривме и брак, ни се родија три дечиња. Сега функционираме прекрасно, рече тој.

Во интервјуто зборувавме и за тоа колку му е значајна денес нејзината поддршка.

Вечерва на КУРИР во 20 часот – ексклузивно интервју со Јовановски.