Елизабета ВЕЛЈАНОВСКА НАЈДЕСКА 

– Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за МИА потврдува дека во иднина ќе има нови случаи поврзани со криминал и корупција на високи функционери, но исто така посочува и дека Јавното обвинителство и судовите не постапуваат еднакво за секој против кој е поднесена кривична пријава, како и дека за некои од случаите нема исчекор од страна на обвинителството.

– Апсолутно да. МВР покажа за овие години во рамки на новата Влада дека можело поинаку, дека можело да се поднесе кривична пријава и против висок функционер од која било политичка партија, без разлика дали доаѓа од една, друга или трета, не би сакал да специфицирам, дека можело да се отворат постапки, дека можело да се говори јавно и при тоа со докази и со факти да се потврдат криминали, вели во интервјуто Тошковски.

Како пример го издвојува предметот „Адитив“, кој беше процесуиран и со обвинение од страна на Јавното обвинителство, но, министерот за внатрешни работи потенцира дека Јавното обвинителство и судовите не постапуваат еднакво за секој против кој е поднесена кривична пријава.

-За жал, и покрај тоа што поднесовме огромен број на кривични пријави, како против поранешни министри, директори на институции, кривична пријава беше поднесена и против поранешен премиер, Јавното обвинителство и судовите гледаме дека не постапуваат баш еднакво спрема секој еден против којшто е поднесена кривична пријава. Останува времето да покаже дали во овој нареден временски период и Јавното обвинителство и судовите ќе се охрабрат да постапуваат во рамки на законски дадените овластувања, се со цел да можеме да видиме процесна правда, којашто е нужна да ја испорачаме како институција, но и суштинска правда којашто би требало да ги детектира сите оние кои незаконско работеле во изминатиот период и да овозможи поврат на оние средства што незаконски биле трошени од страна на одредени, без разлика дали се тоа министри, директори или кој било друг тип на функционери во изминатиот период, рече Тошковски.

Според него, за дел од предметите, како оној со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 млади лица, Обвинителството покажало храброст и одлучност навремено да одговори и веднаш да ги спроведе потребните процесни дејствија. Сепак, посочува дека за дел од предметите за којшто МВР поднеле кривични пријави со голем број докази, нема исчекор.

– Јавно би ја искористил оваа прилика да го запрашам Јавното обвинителство до каде е предметот со злоупотреба на полициски овластувања во рамки на работењето на МВР, што беа поврзани со незаконско издавање на оружје. Поднесовме доста добра кривична пријава според информациите што ги имам, издржана со огромен број да докази против поголем број на полициски службеници коишто незаконски постапувале во изминатиот период. Но, за жал, до ден денес не можам да констатирам помрднување во однос на тој конкретен предмет. Ниту сме известени дека е отфрлена кривичната пријава, ниту, пак, сме известени дека истата била сериозно разгледана од страна на Јавното обвинителство и процесуирана со соодветен акт во рамки на нивна надлежност, вели Тошковски.

Во интервјуто министерот за внатрешни работи зборувајќи за трагедијата во Кочани нагласува дека во делот на она што е надлежност на МВР било максимално координирано постапено по сите наредби на Јавното обвинителство.

– Сега останува на судот врз основа на сите собрани и доставени докази до него, да ги преземе сите оние процесни дејствија коишто е потребно да бидат преземени во страна на судот, рече Тошковски.

Во контекст на системските пропусти што беа констатирани во овој случај, министерот за внатрешни работи вели дека нам како на општество и на институциите ќе им треба многу време за се направи драстичен исчекор од она што било. – За шест месеци, за една година, ние нема да можеме да ги решиме со златно стапче проблемите коишто ги има во оваа држава. Многу години наназад се таложеле, потенцира тој наведувајќи дека веднаш по несреќата се направени одредени законски измени и промени за да се спречат вакви несреќи во иднина.

Во интервјуто за МИА, со министерот за внатрешни работи Тошковски зборуваме за постапувањето на МВР во делот на пожарите, акциите за сузбивање и заплена на дрога, за проектот „Безбеден град“, за подготовките на МВР за локалните избори 2025 и друго:

Пред да станете министер за внатрешни работи, бевте адвокат, имавте еден поинаков, помирен живот. Се каете ли што станавте министер?

Дека ми е каде каде потешко и од аспект на фамилијарни обврски, и од аспект на работни обврски, и од аспект на личен мој ангажман, ангажман на сите околу мене, тоа е неспорно, но дека оваа работна позиција овозможува да работиш во интерес на своите граѓани, во интерес на својата држава, навистина да помогнеш во рамки на многу процеси, и тоа е исто така, неспорно. Така што, кога би ги вагал овие две работи, дали се каам, сега-за сега не, заради тоа што навистина очекувам дека од работата на мојот тим, од работата на Владата, од целокупниот ангажман што го имаме до сега, навистина очекувам многу добри резултати. Очекувам подобрување на животот на македонските граѓани коишто се видливи, а и тоа како ќе бидат видливи во наредниот период од една година, со сите оние промени што ги направивме, со сите оние чекори што ги преземавме. Нашата работа, слободно можам да кажам, посебно е видлива во делот на управните служби. Направивме да имаме една достоинствена постапка при остварување на едно право на граѓаните, како што е да обезбедат лични документи, да обезбедат возачка дозвола, да обезбедат пасош, лична карта. Мислам дека она коешто го наследивме, како хаос и гужви, кршење на врати, непристап до институциите, немање на обрасци итн., македонскиот народ многу добро ја знае целокупната хаотична ситуација која ја имавме во државата поврзана со издавање на лични документи, повеќе, ја немаме. Сега е каде-каде подостоинствен начинот на остварување на ова право на македонските граѓани, а во иднина имаме зацртана една идеја да не застанеме тука, да направиме уште еден чекор напред. Обрасците коишто се произведуваат сега надвор од Македонија, во иднина да се произведуваат тука. Тоа ќе биде еден огромен исчекор. Накратко, напротив благодарен сум за тоа што ја имам оваа можност да направам разлика конкретно во Македонија врз основа на којашто македонските граѓани ќе можат да имаат подобар живот.

Додека ВМРО-ДПМНЕ, партијата од којашто доаѓате, беше во опозиција, но и не само во опозиција, постојно зборуваше за организиран криминал и корупција од претходната влада и од функционери кои многу време претходно беа на власт во нашата држава. Дел од тој криминал се расчисти, но сè уште се вперува прстот кон Обвинителството, но и кон Министерството за внатрешни работи. Може ли во следниот период да очекуваме расчистување и расветлување на нови случаи поврзани со организираниот криминал и корупција?

Апсолутно да. Министерството за внатрешни работи покажа за овие години во рамки на новата Влада дека можело поинаку, дека можело да се поднесе кривична пријава и против висок функционер од која било политичка партија, без разлика дали доаѓа од една, друга или трета, не би сакал да специфицирам, дека можело да се отворат постапки, дека можело да се говори јавно и при тоа со докази и со факти да се потврдат криминали. Од огромни суми, овде само би го издвоил предметот Адитив, којшто за среќа беше поддржан и од страна на Јавното обвинителство и беше процесуиран и со обвинение од страна на ЈО. Но, за жал, и покрај тоа што поднесовме огромен број кривични пријави, како против поранешни министри, директори на институции, кривична пријава беше поднесена и против поранешен премиер, Јавното обвинителство и судовите гледаме дека не постапуваат баш еднакво кон секој еден против којшто е поднесена кривична пријава, посебно кон бившите функционери. Но, останува времето да покаже дали во овој нареден временски период и Јавното обвинителство и судовите ќе се охрабрат да постапуваат во рамки на законски дадените овластувања, се со цел да можеме да видиме процесна правда, којашто е нужна да ја испорачаме како институција, но и суштинска правда којашто би требало да ги детектира сите оние кои незаконско работеле во изминатиот период и да овозможи поврат на оние средства што незаконски биле трошени од страна на одредени, без разлика дали се тоа министри, директори или кој било друг тип на функционери во изминатиот период. Сметам дека сега на потег во делот од предметите е Јавното обвинителство, а во делот од предметите коишто сме ги отвориле и испроцесуирале во изминатиот период за којшто Јавното обвинителство покренало обвинение, на ред е надлежниот орган којшто ги процесуира сите тие постапки, а тоа се судовите.

Дали сметате дека Обвинителството навремено, во една реална временска рамка, ги процесуира случаите што ги доставувате до нив?

Морам да истакнам дека во дел од предметите навистина, Обвинителството покажа храброст и покажа одлучност навремено да одговори и веднаш да ги спроведе оние процесни дејствија коишто требаше да бидат спроведени. Овде би го издвоил, да кажам, оној трагичен случај во Кочани што, но во делот од предметите каде што, како Министерство за внатрешни работи, сме поднеле кривични пријави против поранешни функционери со доста голем број на докази, издржани кривични пријави, навистина … Повеќе од година дена помина за делот од предметите за коишто имаме поднесено кривични пријави со издржани докази. Не гледам никаква информација, ниту пак исчекор од страна на ЈО, што навистина ме загрижува за одредени предмети, особено кои, што се однесуваат на високи функционери од претходниот временски период. Јавно би ја искористил оваа прилика да го запрашам Јавното обвинителство до каде е предметот со злоупотреба на полициски овластувања во рамки на работењето на МВР, коишто беа поврзани со незаконско издавање на оружје. Поднесовме доста добра кривична пријава според информациите што ги имам, издржана со огромен број да докази против поголем број на полициски службеници коишто незаконито постапувале во изминатиот период. Но, за жал, до ден денес не можам да констатирам помрднување во однос на тој конкретен предмет. Ниту сме известени дека е отфрлена кривичната пријава, ниту, пак, сме известени дека истата била сериозно разгледана од страна на Јавното обвинителство и процесуирана со соодветен акт во рамки на нивна надлежност.

Пожарите се сè уште актуелни деновиве. Колку лица се уапсени како осомничени дека подметнале пожари во изминатиот период?

Само за овие четири месеци претходниве, Министерството за внатрешни работи има лишено од слобода над 40-тина лица. За околу 30 од тие лица има поднесено соодветни кривични пријави. Факт е дека најголем дел од пожарите, освен оние што настанале како последица на одредени природни непогоди, се предизвикани од човечки фактор. И во иднина мораме да размислуваме и во насока на заострување на регулативата, која е поврзана со пожарите и давање на итност во рамки на постапувањето спрема оние кои пиромански и лудо се однесуваат и кон животната средина, но неодговорно и спрема сите нас коишто живееме во оваа наша убава Македонија. Бројката од 40 лишени од слобода и над 30 процесуирани сторители на кривично дело предизвикување на општа опасност итн, поврзани со пожарите, навистина не е мала, но, сепак, сметам дека мораме превентивно да делуваме во иднина со заострување на казнената политика во овој дел и давање на приоритет при процесуирањето токму на овој тип на кривични дела, се со цел и превентивно да делуваме спрема овие пиромани. Морам да ја оценам овогодинешната работа, како на Дирекцијата за заштита и спасување, така и на сите територијални противпожарни единици, со сознанието дека таа работа е далеку поразлична, подобра од онаа која што ја видов претходната година. Оваа година, навистина, сме многу поспремни во сооднос со претходната година. Огромна благодарност да упатам до оние општествено одговорни, компании кои помогнаа во рамки на пренамената на оние 40-тина борбени возила коишто ги пренаменивме во територијални противпожарни возила, ја создадовме Македонската интервентна противпожарна единица. Таа навистина се покажа како многу функционална и многу корисна на терен. Да упатам една огромна благодарност до сите пожарникари, вработени во рамки на Министерството за внатрешни работи и секако вработени во Министерството за одбрана, војниците, коишто заедно со полицајците и со пожарникарите и секако со месното население, низ Македонија и тоа како храбро, машки, излегоа да се борат со пожарите. Но оваа година имаше и со што да одговориме, за разлика од претходните години. И наистина можам само да им честитам за нивната пожртвуваност, храброст и во иднина и тоа како треба да работиме на ова поле. И како Влада сме доста посветени и фокусирани на системско поставување на работите, односно, тоа и го најави и премиерот и претходно, работиме на фузирање на оние два закони, коишто ја регулираат работата на Центарот за управување со кризи, од една страна, и работата на Дирекцијата за заштита и спасување, и од аспект на ефикасност и од аспект на целисходност, мислам дека и тоа како е потребно тие две институции да се фузираат во една, за да се зајакнат ресурсите и за да може да имаме едно централизирано тело коешто би можело активно да се бори со сите типови на пожари, особено со сите овие шумски пожари коишто ги имаме. За жал, природата е таква каква што е. Од година на година температурите се повисоки и повисоки. Оваа година имавме многу полоша ситуација, гледано од аспект на сувост односно, влажност на тревната површина која што ја имаме компарирано со лани. Претпоставките на експертите од оваа област се дека од година во година ќе биде се полошо и полошо, се повисоки и повисоки температури не очекуваат така што не можеме да кажеме дека поминало летото и сега можеме да се опуштиме. Не, напротив, треба и тоа како да се фокусираме уште сега, во насока на што поспремни и со позасилен капацитет да го пречекаме летото во 2026 година, се со цел да може подобро да одговориме на сите предизвици.

Министре веќе ја спомнавте трагедијата во Кочани. Тоа е една од најголемите, ако не и најголема трагедија во Северна Македонија. Се случи во ваш мандат. Сметате ли дека направивте се што е можно за расчистување на овој случај?

Апсолутно, најужасната трагедија по мене, која што се случила кога било во Македонија. Од наша страна, од страна на Министерството за внатрешни работи, сметам дека е преземено буквално се што можеше да биде преземено, коешто директно или пак, индиректно е поврзана со оваа ужасна трагедија. Помогнавме и тоа како во делот на транспортирање на сите оние повредени лица коишто ги имавме. Министерството за внатрешни работи навистина, тука покажавме еден силен капацитет во делот на спроведување на сите оние … секоја брза помош која што беше активна како од Кочани до Скопје, така и од Скопје до, не знам, за пример, ќе ги земам Софија или Солун, секаде каде што требаше да бидат транспортирани повредените лица беа потпомогнати од страна на МВР и медицински возила. Навистина тука покажавме дека и покрај она што се случи, имаме капацитет соодветно да одговориме во тој дел. А во делот на она што е надлежност на МВР од аспект на откривање на причините врз основа на она што се случи, од аспект на процесуирање на соодветни кривични постапки, спрема секој еден кој што е како било поврзан, директно или индиректно со предметната ужасна несреќа која што се случи, ужасна трагедија, сметам, дека максимално координирано постапивме по сите оние наредби коишто ги даде Јавното обвинителство. Сето она што беше нужно потребно да се превземе, беше превземено од аспект на разоткривање на случајот, така што, сега останува случајот да се разреши. Колку што сум запознаен, Обвинителството поднесе соодветно обвинение во врска со овој случај, така што сега останува на судот врз основа на сите собрани и доставени докази до него, да ги превземе сито оние процесни дејствија коишто е потребно да бидат превземени во страна на судот.

Поминаа повеќе од пет месеци од оваа трагедија. Вие и тогаш бевте во Кочани, бевте на лице место, се среќававте со тие луѓе, со родителите на тие деца што загинаа таму. Откривме многу системски грешки. Дали како систем ја научивме лекцијата од оваа трагедија?

Мораме да научиме лекцијата од оваа трагедија, ако јас лично се прашувам. Инаку да, точно, јас некаде околу три и половина добив повик за предметната трагедија која што се случи и во мугрите бев веќе во Кочани. Навистина, оваа трагедија го скрши буквално секој македонски граѓанин. И не само македонските граѓани, мислам дека и цел Балкан, цела Европа, па и цел свет, беше скршен од оваа трагедија. Недозволиво е да не ги научиме лекциите коишто треба да ги научиме имајќи предвид дека, факт е, ова што се случи било последица на многубројни незаконитости, почнувајќи од 2012 година, па се до моментот на настанување на трагедијата. Не би сакал во детали да говорам повторно за сите оние работи што директно се поврзани со самата несреќа, но, факт е, пак, ќе речам, не можеме да избегаме од тоа дека од 2012 година, па до 2025 година имаме огромен број на незаконитости и системски слабости и пропусти коишто се случувале, а при тоа не било содветно реагирано од страна на институциите. Мораме да ја научиме лекцијата. Во оваа насока прва работа која што ја направивме го сменивме Законот за употреба на пиротехнички средства во рамки на затворен простор. Сега повеќе е забрането какви било пиротехнички средства да бидат употребувани во рамки на затворен простор. Тој Закон доби поддршка од страна на сите претеници во рамки на македонското Собрание. Така што не само тој дел од регулативата, мораме буквално да размислуваме на промена на секој еден од нас во рамки на едно секојдневно постапување поврзано со која било сфера на надлежност. Без разлика дали станува збор за Министерство за внатрешни работи и давање на согласности за соодветен број на паркинг места поврзани со ваков тип на дискотеки, без разлика дали станува збор за инспекторатот, без разлика дали станува збор за Министерството за економија, без разлика дали станува збор за сопствениците на локалите кои треба да ги исполнат сите оние законитости дефинирани во закон. Правилата на игра, не постојат сами за себе. Тие постојат за да спречат не дај Боже ситуации. Така што, сите коишто се инволвирани во рамки на кој било процес, треба да го сменат светогледот на работите. Еве, гледаме дека не само во Унгарија или во Бразил, туку и кај нас може да се случат вакви трагедии. Ние мораме да појдеме од самите себе, во рамки на секојдневното функционирање, секој во рамки на својата област доколку сакаме да ги промениме работите. Ниту Министерството за внатрешни работи, ниту Јавното обвинителство, ниту судот, ниту кој било друг како издвоени институции можат да направат исчекор во општеството.

Тогаш кажавте дека каде и да се свртите, се е гнило. Како од денешна перспектива гледате на тоа? Кажавте многу работи поврзани со Кочани, системски работи, кажавте, работи коишто актуелната Влада ги презела, законски измени, за да се промени тоа.

Искрено, многу време ќе ни треба нас и како општество и како институции да направиме драстичен исчекор од она коешто било, до оно коешто треба да биде. Ние немаме златно стапче за да можеме за шест месеци, за една година, да ги решиме проблемите што ги има во оваа држава. Многу години наназад се таложеле. Да се работело вака како што работиме ние за оваа измината година, да се работело вака 30 и кусур години наназад, јас ви гарантирам дека немало да бидеме на ова дереџе. За жал, таква е ситуацијата каква што е. Предмалку на еден состанок разговаравме за Регистар на возило. Македонија сè уште нема регистар на возило. За Регистар на возила, за прв пат, се отпочна со постапка за имплементација 2008 година. Сега сме 2025 година при крај. Сè уште немаме регистар на возила. Не бегаме од одговорност и не бегаме од прашањата коишто ги поставува народот. Но, факт е дека треба многу работа, многу посветеност, волја за да дојдеме до таму каде што се стремиме да дојдеме. Претходно слушавме само флоскули од типот на ЕУ вредности кон коишто требало да сме се доближиле со промена на Устав итн. До ЕУ вредности коишто сите ги сакаме, можеме да се доближиме со волја, со многу работа, со многу труд и со многу посветеност. Само така можеме навистина да ги имаме оние ЕУ вредности кои ги слушавме само на муабет.

Секојдневно во МВР билтените гледаме извештаи за фатени лица со „бела прашкаста материја“. Каква е состојбата со дрогата во земјава? МВР имаше повеќе акции.

Еве, во 2025 година имаме разоткриено, разобличено, негде отприлика околу три криминални групи, коишто оперираат не само внатре во Македонија, туку и надвор од Македонија. Некаде околу 25 лица се предмет на овие кривични пријави и на овие постапувања. Со тоа што, еве, ако го земеме само кокаинот како наркотично средство, за оваа година и половина од кога сум јас министер, заплената на кокаин е од прилика еднаква на заплената во претходните 6-7 години заедно. Значи, ние за една година, година ипол имаме запленето 9 килограми кокаин, а толку има претходниот министер во рамки на целокупниот свој мандат. Сакам да кажам дека резултатите се евидентни. А, дали е тоа доволно? Не! И тоа како треба да работиме во тој дел, и тоа како треба да сме посветени особено во борбата против нелегалната трговија со овој тип на психотропни супстанции. И во иднина сме на размислување, моментално е ставено на дискусија, на дебата, разговараме и со професори и со експерти од областа за одредени законски измени што Унгарија веќе ги примени, а тие се однесуваат на конкретни постапувања во врска со третманот на употребата на другата од страна на одредени конзуматори на истата, од аспект на третманот којшто ќе го даде државата на нив. Односно, доколку истите соработуваат со државата и се во насока да помогнат да се разоткрие мрежа на сторители, истите би имале третман на конзуматори, како што е сегашниот закон. Односно би имале третман на прекршители. Но, доколку не соработуваат се државата и не сакаат да му помогнат на истражителот, на обвинителот итн. во рамки на постапка на спроведување на законот, истите би имале третман на сторители на кривично дело. Но, сепак, ова е навистина чувствителна тема. Повторно ќе кажам, дискутираме, разговараме на тема со професори, со експерти од областа, но, размислуваме во насока малку да бидеме поригорозни во делот на законските решенија коишто би ги понудиле во иднина, а се поврзани со борбата против нелегална трговија на дрога.

Јас би сакала сега да се навратам малку на сообраќајот. Многу забелешки, сообраќајни несреќи, дивеења по улици … Граѓаните на социјалните мрежи објавуваат секакви коментари … Го најавивте системот „Безбеден град“, којшто треба да почне на 1 јануари следната година. Може ли малку повеќе детали во однос на „Безбеден град“?

Верувајте ми, да го имплементирале моите претходници „Сејф сити“ досега, јас ви гарантирам дека немало да бидеме на ова ниско ниво на коешто сме. А многу одамна е отпочнато со работење на овој проект. Но, тоа е што е. Оставено е на нас сега да го имплементираме како проект и ќе го имплементираме. Зошто? Заради тоа што, кога говориме за бројка од 142 жртви, како последица на сообраќајни незгоди во Македонија за 2024 година, навистина верувајте ми, поразително е чувството вие да сте министер за внатрешни работи, а при тоа да имате 142 жртви за една година како последица на сообраќајни незгоди. Многу пати во јавноста, одредени недобронамерници, се обидуваат да наметнуваат одредени тези коишто не се во интерес на имплементирање на „Сејф сити“ како проект, и не се во интерес на креирање на сообраќајна култура. Но, поразително е Македонија да има бројки помеѓу 75 и 80 жртви по милион жители во периодот за една година, а при тоа во скандинавските земји да имаме бројки кои покажуваат околу 30 жртви годишно. Значи ние имаме некаде околу 40 до 50 повеќе смртни случаи на милион жители, отколку во скандинавските земји. И навистина е поразително да се обиде да се манипулира јавноста со тоа дека државата сакала да го зголеми буџетот, па немала што да прави, ќе ги казнувала граѓаните за сообраќајни прекршоци. Не, целта на државата не е да го зголеми буџетот преку сообраќајни прекршоци со имплементирање на „Сејф сити“ проектот. Целта на државата не е само да ги казнува оние коишто дивеат по улиците. Целта на државата е да спаси макар еден човечки живот повеќе од она коешто сме го имале претходно како смртни случаи, како последица на непочитување на сообраќајни правила. Верувајте ми, овие 142 жртви, сите до една, се последица на непочитување на сообраќајните правила.

Потребни ли сè уште законски измени за да може од 1 јануари да се применува „Безбеден град“?

Да, значи, ова е пакет на закони, шест закони мислам дека се поврзани со промената на потребната законска легислатива и понатаму правилници коишто дополнително ќе треба да ги измениме. Во рамки на собраниска процедура е влезен Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата. Исто така во процедура е влезен Закон за прекршоци, којшто директно е поврзан со имплементација на „Безбеден град“ и во иднина безбедна држава. Понатаму ќе следат Кривичниот законик, Законот за извршување на санкции, Законот за возила веќе е променат во однос на сето она којашто требаше да биде поврзана со Сејф сити, така што имаме еден пакет на закони коишто е потребно да се променат и идејата на Министерството за внатрешни работи и целта е, заедно со оние теренски активности коишто се преземаат и законските измени коишто ќе се извршат, отпочнување на овој проект да биде 1.1. 2026 година. Зошто 1.1. 2026 година? Од 1.1. 2025 година, со измената на Правилникот во однос на регистрирање на моторни возила, се отпочна со процес на собирање на сите потребни податоци и информации коишто се поврзани со сопственикот на возилото. Така што, формално правно, можеме да отпочнеме со имплементирање од 1.1.2026. година, со тоа што запознаени се добра граѓаните дека овој систем ќе функционира во комуникација со граѓаните преку нивните мобилни телефони, односно преку испраќање на порака на нивните мобилни телефони на телефонскиот број којшто го оставиле во Министерството за внатрешни работи. Се надевам дека најдоцна до 1.12.2025 година ќе отпочнеме со активна примена на овој Сејф Сити систем. Со тоа што наредните вие триесет дена би ги искористиле за информирање на граѓаните дека на конкретна сообраќајница сториле конкретен сообраќаен прекршок, се цел да ги подготвиме, да има еден месец да ги подготвиме, да има како еден почетен пробен тест период, сè додека не стапат во сила официјално измените на сите оние законски прописи.

Уште еден проблем кој се создава во сообраќајот е проблемот со несоодветно возење на електричните тротинети. Дали има простор за поинакво делување на МВР?

Сега, пред да влезам кај вас во овие простори, само што не ме згази еден возач на електричен тротинет. Мислам дека беа дечиња, две малолетни лица на тротинет. Прво не смеат две лица да се возат на тротинет, ниту согласно сегашната регулатива. Ниту едното, ниту другото имаа кацига на нив, ниту едното, ниту другото беа обележени. И сега имаме регулатива којашто е поврзана со управување на тротинетите, која за жал не дава резултати. Факт е дека не дава резултати. Но, за промената на регулативата во овој дел, ни треба, навистина, малку подлабински да навлеземе во она што треба да се измени. Да, планирани се измени и во овој дел, усогласување во дел со регулативите коишто се применливи во рамки на Европската Унија. Но, сепак, овде, навистина, не се чувствуваме доволно навлезени во рамки на проблематиката и тој дел не е опфатен во рамки на сегашните законски решенија. Дадовме простор малку подетално да навлеземе во консултација со експерти, во консултација со професорската фела, апликативно да видиме како е сето тоа применето во рамки на одредени земји од ЕУ. И мораме и во оваа насока да ја заостриме регулативата се со цел сите наши граѓани да се чувствуваат побезбедно по македонските улици кога се движат, како ние, така и оние коишто ги управуваат овие тротинети. Инаку, согласно информациите коишто ги имам добиено од страна на доктори кои работат во клиника, дневно имаме најмалку по 5 до 6 операции на скршеници коишто се настанати од паѓање од тротинет. И тоа согласно на она што го имам како информација, најчесто се кршат дланките коишто се тешки за операција, тешки за враќање во првобитна положба. Најчесто говориме за многу млади луѓе, најчесто за малолетници коишто ги управуваат тротинетите, така што ова е навистина една сериозна тема на којашто мораме да се фокусираме во иднина. Да ја подобриме и регулативата, но во едно и имплементација на истата. Ние, обични сме добри за регулатива, но потоа имплементацијата не ни оди …

Но и јавната свест да се подигне … На малолетни деца да не им се даваат електрични тротинети.

Мораме да сфатиме дека сите ние сме дел од ова општество. Секој од нас е дел од ова општество и секој од нас, освен што има права, има и одговорност. Значи, на малолетник на кој ќе му дадете да вози тротинет, без притоа да му овозможите и кацига и соодветни … Не знам, треба елече да има на него, да речеме, за да го управува тротинетот. Лице под одредена возраст не смее да управува тротинет. Мислам дека беше 14 години. Едноставно, вие како родител му купувате електричен тротинет на лице од 11 години, а ниту му обезбедувате кацига, ниту му давате елече и потоа велите Господ е крив. Едноставно, сите мораме максимално да се фокусираме и да се посветиме на сето она кое значи превенција. И за самите нас, и за нашите дечиња, меѓутоа и за општеството генерално.

Кога сме кај повозрасните, пак, тие се соочуваат со телефонски измами. МВР почна кампања „Внимавајте телефонска измама“. Сметате ли дека ваквата кампања ќе има некаков ефект?

Апсолутно да. Свесноста се поткрева на друго ниво, кога Министерството за внатрешни работи активно води кампања во која било насока. Зашто ова не се случува само кај нашите соседи, туку се случува и кај нас, за жал. Да, најчесто, сторителите на ова кривично дело не се македонски државјани, најчесто не говорат чист македонски јазик кога се јавуваат и започнуваат со измамата, најчесто вртат на „слепо“, на случајно одбрани броеви, но кога ќе почувствуваат дека од другата страна имаат повозрасно лице, тогаш, врз основа на искористување на моментот и на ефектот којшто го создаваат кај повозрасните лица, се обидуваат со измама да ги наведат дека некое нивно блиско лице, сторило одредено кривично дело, а сообраќајката е најчесто употребуван модус операнди. Но, благодарение на нашата кампања, имам информации дека измамниците и покрај тоа што се обиделе во претходната недела да измамат конкретна жртва, истата врз основа на сета онаа превентивна кампања којашто ја покренавме во изминативе две недели, знаела дека во тој случај првин треба да го исконтактира својот најблизок или, пак, да се јави во МВР и да го пријави случајот. При тоа, бил информиран од страна на службите дека таков настан не настанал и се презеле сите оние процесни дејствија коишто требало да бидат преземени против измамниците. Така што, дали има резултати превентивната кампања? Да, има. Нашите повозрасни граѓани се информираат преку вас, медиумите, и истите се посвесни за сето она што може да ги очекува.

На 19 октомври треба да се одржат локалните избори. Министерството за внатрешни работи има една од клучните улоги во организирање на секои избори во смисла на обезбедување на локации, гласачкиот материјал што се доставува, преку вас оди и Избирачкиот список … Дали МВР се подготвува за локалните избори?

Формирана е оперативна акција „Локални избори 2025 година“. Подготовките течат согласно сите оние стандардни процесни дејствија коишто се преземаат, а се во надлежност на МВР. Имавме состанок и со Државната изборна комисија, лично јас заедно со најголем дел од членовите на ДИК. Беше и претседателот на ДИК. Разговаравме за сите оние чекори коишто треба да бидат преземени од страна на МВР, секако, и од нивна страна, како ДИК. Тука сме заедно, партнерски настапуваме во делот на сето она што е наша надлежност, а е поврзано со спроведување на изборите, така што ценам дека се презема се што е потребно во овој временски период. И очекувам мирни и добро спроведени избори, како од страна на Државната изборна комисија, така и од страна на Министерството за внатрешни работи.

Дали има индиции за некои сценарија што се поврзуваат со изборите?

Од надлежност на Министерството за внатрешни работи, не.

Своевремено имавте една идеја за воведување на маалски полицајци. Многу граѓани ја поздравија таа идеја бидејќи навистина полицајци недостасуваат во маалата.

Мора да признаам дека тоа не е моја идеја, јас лично ја слушнав од голем број на полициски службеници, во рамки на МВР и од голем број на граѓани. За волја на вистината, тоа било идеја и на министри пред мене, но, за жал тие не успеале да го имплементираат тоа и за жал, тој реонски или маалски полицаец, граѓаните не го гледаат. Е, сега клучно беше за создавање на капацитети на Министерството коишто би можеле да одговорат на овој тип на предизвици – промена на Законот за внатрешни работи и промена на Законот за полиција. Многу повеќе на Законот за внатрешни работи. Тоа го направивме. Следен чекор е промена на систематизација. Законот стапува во сила за осум месеци од сега. Со добра реорганизација и добра мобилност на полициските службеници во рамки на Министерството, со многу поголем број на работници, а многу помал број на менаџери и началници ќе се создаде потребен предуслов за да можеме ефективно и вистински да одговориме на добрата идеја. Како што реков, за жал, министрите пред мене не ја имплементирале таа добра идеја за креирање на маалски, реонски полицајци, службено лице од МВР коешто ќе биде присутно во рамки на одредена конкретно утврдена територија, а кој при тоа, добро ќе ги прознава приликите на граѓаните, кој ќе биде видлив, и кон кого, со тек на времето, граѓаните ќе стекнат доверба. Ние со ова не измислуваме топла вода. Тоа сме го имале пред многу години. Нешто што навистина на времето било позитивен пример, а повторно сакаме да го имплементираме и тука, клучни ни се не само измените на Законот за внатрешни работи, туку и искуствата коишто ги споделуваме со нашите партнери од Европската Унија. Еве да кажеме би ја издвоил Словенија, која е слична на Македонија со територија, со големина на територија, слична со нас со бројот на жители. И произлегуваме од еден многу сличен, да не речам ист систем од времето, каде што тие со тек на време се усовршиле и се подобриле со примена на европски практики, а ние, за жал, сме далеку, далеку наназад. Но, тие ни се добра пример и, еве, ќе ја искористам оваа прилика, да му се заблагодарам, како на министерот за внатрешни работи на Словенија, така и на сите оние експерти и професионалци коишто Словенија ни ги нуди и ни дава во поддршка целокупниот овој временски период наназад, за да можеме, навистина, да се реформираме во насока во којашто сакаме да го направиме тоа.