До пред некоја година оваа инвестиција се сметаше за луксуз, беше многу скапа и ретко кое домаќинство можеше да си ја дозволи. Денеска речиси на секоја куќа има вградено сончев колектор.
Над 50 отсто се пониски сметките за струја, по вградувањето на сончевите колектори. Намалувањето на цената на електрична енергија според корисниците е главниот мотив за зголемениот интерес.
– Ние поставивме во месец мај годинава. Пред тоа плаќавме струја околу 3000 денари. Сметката ни се намали дури и за повеќе од половина. Сега ни доаѓа околу 1.300 до 1.500 денари. За речиси една година, тоа самото ќе си се исплати. После тоа, се ти останува гратис, вели граѓанин од скопската населба Маџари.
Поради континуираниот раст на цената на струјата, граѓаните сè повеќе се заинтересирани за користење на системи за соларна енергија.
Сонцето претставува извор на енергија достапен насекаде. Сончевата енергија може да се користи за загревање и осветлување на домот, затоплување на водата за потрошувачка, како и за директно производство на електрична енергија.
Соларните системи кои се користат за греење и потрошувачка на топла вода како основен извор на енергија ja употребуваат сончевата енергија. Овие системи во најголем број на случаи се користат како дополнителни извори на топлина, а како основни се користат електрични или плински котли. Имено, нивната употреба во вид на примарни енергетски извори е ретка поради потребата од доволно количество на сончево зрачење преку целата година.