Нуклеарниот договор од 2015 година се приближува до колапс откако САД повторно ги зајакнаа нафтените санкции против Иран минатата недела, изјави заменикот-министер за надворешни работи на Иран Абас Арагучи.

„Дадовме доволно време за дипломатија, но што е доста, доста е”, напиша во текст за весникот „Етемад” Арагучи, кој беше еден од архитекти на договорот.

Тој рече дека неодамнешните американски санкции и неуспехот на другите држават да направат нешто за договорот го оставиле Иран да се чувствува безнадежно. „Нуклеарниот договор се движи брзо кон крајната точка”, напиша тој.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата година одлучи САД да се повлече еднострано од договорот со кој се укинаа економските санкции против Иран во замена за напуштањето на нуклеарната програма на Техеран.

Иран и другите потписници – ЕУ, Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија – се согласија да продолжат да се придржуваат кон договорот.

Арагичи рече дека Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена во повеќе наврати потврдила дека Техеран го почитува договорот и ги критикуваше другите страниво договорот за ветувањето дека повлекувањето на САД нема да влијае на спроведувањето на договорот, особено на економски аспекти.

„Всушност, ништо не се случи“, истакна заменикоот-министер.

Најновите санкции на САД в четврток влегуваат во сила и означуваат запирање на исклучоците дадени на осум држави, меѓу кои Турција, Кина и Индија, на кои им беше дозволено да купуваат иранска нафта и покрај санкциите на САД. Сега тие држави се под закана од американски санкции доколку продолжат да купуваат иранска нафта.