Иран ќе им дозволи на приватните компании да извезуваат нафта, како дел од стратегијата во борбата против американските санкции, изјави денеска иранскиот потпретседател Есках Џахангири.
Иран бара начини да продолжи да извезува нафта, како и други мерки во борбата против санкциите, откако САД ги повикаа сојузниците да го прекинат увозот на иранска нафта од ноември годинава.
Минатиот месец американскиот претседател Доналд Трамп ја повлече својата земја од иранскиот нуклеарен договор, согласно кој во 2015 година беа отстранети повеќето западни санкции кон Техеран. Останатите земји во договорот, главно ЕУ, соопштија дека се обидуваат да го спасат договорот, што значи да продолжат да тргуваат со Иран.
– Иранската сурова нафта ќе биде понудена на пазарот и приватниот сектор може да ја извезува на транспарентен начин. Ќе ги спречиме американските напори да го прекинат извозот на иранската нафта, истакна Џахангири.
Коментирајќи ги информациите дека Саудиска Арабија може да го зголеми својот нафтен извоз, со цел да ја замени иранската нафта на светскиот пазар, Џахангири нагласи дека “секој што ќе го одземе иранскиот дел на нафтениот пазар ќе изврши огромно предавство кон Иран и еден ден ќе плати за тоа“.