Супертанкер што превезувал сурова нафта експлодирал и се запалил откако удрил во мина додека се обидувал да излезе од Ормускиот Теснец. Бродот користел „неовластена и опасна рута“, објави иранската телевизија Прес ТВ, а пренесе НДТВ.

Корпусот на гардата на исламската револуција (ИРГЦ) соопшти дека танкерот ги исклучил навигациските системи и ГПС-уредот непосредно пред да удри во поморската мина. Пожарот бил толку силен што го забележале и жителите на крајбрежјето кои се наоѓале на значително растојание од местото на настанот.

„Секој танкер што ќе ги прекрши правилата и ќе ги занемари безбедносните прописи за Ормускиот теснец, ќе се соочи со огромен пожар“, предупредија од ИРГЦ.

Тие исто така најавија дека мерките против бродовите што користат неовластени рути повеќе нема да бидат ограничени само на Ормускиот Теснец. Таквите пловни објекти, како што наведоа, ќе бидат гонети и „казнувани“ низ целиот регион.

Иран тврди дека неговите вооружени сили одржуваат целосна контрола врз Ормускиот Теснец уште од почетокот на „американско-израелската агресија“. Комерцијалниот сообраќај низ теснецот е драстично намален.

Техеран изјави дека нема да го отвори пловниот пат сè додека САД не ги исполнат нивните барања и не преземат чекори за обновување на довербата.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан неодамна изјави дека неговата земја нема да се откаже од преговорите, иако САД ја нападнале двапати за време на претходните разговори.

На средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Туркменбаши, Туркменистан, Пезешкијан изјави: „Ние преговараме. Но, секогаш кога влегуваме во дијалог со САД, тие повторно нè напаѓаат. И покрај тоа, нема да ја напуштиме преговарачката маса ниту ќе се откажеме од дијалогот“.