Иранските власти заплениле повеќе од шест тони хероин наменет за европскиот пазар и разбиле пет меѓународни криминални групи кои криумчареле дрога, јавија ирански медиуми.
Во една од главните криминални групи, меѓу 11 членови имало и Европејци, пренесува иранската агенција Ирна.
Иранското министерство не прецизира од кои земји се приведените, како ни датумот кога е спроведена операцијата.
Криумчарењето на дрога претставува сериозен предизвик за Иран, кој граничи со Авганистан, кој е најголем производител на опиум во светот, како и со Пакистан, главна транзитна земја на дрогата, напоменува Ројтерс.
Италијанската полиција минатата година пронајде 270 килограми хероин, скриен во контејнер на брод кој допловил од Иран. Тоа е најголема заплена во Италија во последните две децении.
Заменик на шефот на полицијата, Ескандар Монмени, изјави дека во Иран има 2,8 милиони зависници.