Македонија минатата година го зголеми производството на енергија од обновливи извори на 827 мегавати, што претставува раст од 10,1 проценти и е во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3 отсто, објави специјализираниот портал „Балкан Грин Енерџи Њуз“.

Со ваквиот раст земјава се најде на трето место меѓу земјите од регионот, зад Кипар кој забележа зголемување на произвоидството на енергија од обновливи извори за 15,2 отсто на 371 мегавати и Турција со раст од 10,8 проценти на 49,4 гигавати.

Зад Македонија се најдоа Грција со зголемување за 9,5 проценти на 10,9 гигавати, Албанија со раст од 6 отсто на 2,3 гигавати и Хрватска која го зголеми капацитетот на производтво на енергија од обновливи извори за 5,1 проценти на 3,2 гигавати. Останатите земји од Југоисточна Европа забележаа многу низок раст на искористувањето на обновливите извори на енергија, посочува порталот.

Според податоците на Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА) глобалниот капацитет на производството на енергија од обновливи извори во 2020 година е зголемен за 10,3 проценти, на нешто помалку од 2,8 теравати.

– Економскиот пад предизвикан од пандемијата на коронавирусот остави длабоки последици на целата планета, но обновливата енергија продолжи да бележи раст. Импресивно е и тоа што соларната енергија и енергијата на ветерот заедно сочинуваат 91 процент од новите инсталации. Соларната енергија имаше најголем раст од сите технологии од 22 отсто на 714 гигавати, следена од енергија на ветрот со раст од 18 проценти на 733 гигавати, се додава во извештајот на ИРЕНА.