Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – февруари годинава изнесува 1.075.052.000 долари и бележи пад од еден отсто во однос на истиот период лани.
Вредноста на увезената стока, во истиот период, изнесува 1.416.730.000 долари, што е за 1,3 проценти повеќе во споредба со првите два месеца лани. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – февруари годинава, изнесува 341.678.000 долари.
Според податоците на Државниот завод, покриеноста на увозот со извоз е 75,8 отсто.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење, за возила, авиони или бродови, деловите за седишта и моторни возила за превоз на 10 или повеќе лица.
Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, другите метали од платинската група и нивни легури и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Во првите два месеца од годинава најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.