Исчезнатиот беровчанец Александар Черговски (39) по кој семејството и полицијата трагаше од 18-ти февруари годинава, воспоставил контакт со семејството откако ги прочитал објавите на социјалните мрежи.
Веста дека Александар се јавил на семејството ја потврди негова роднина од Берово за „Фокус“.
Таа вели дека разговарале телефонски и среќна е што конечно знаат дека е жив и здрав, безбеден.
– Прочитал дека го бараме, дека по него трага полицијата, дека сите сме вознемирени, и ни се јави. Овде бил целото време, во Македонија. Известени се неговите родители во Германија, ја известивме и полицијата, изјави роднината на Александар.
Таа им се заблагодари и на медиумите и на сите граѓани кои помогнаа во пронаоѓањето на Александар.